Регион

Специјалниот суд го уапси првото лице осомничено за воени злосторства

  • 1
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Амблем на ОВК. Фото: Википедија комонс/Aдам Џонс

Специјализираното обвинителство на Косово (СОК) денес го уапси првото осомничено лице. Се работи за Салих Мустафа, офицер на ОВК во оперативната зона Лаб, североисточно Косово, објави обвинителството.

„Денеска, на Косово, Специјализираното обвинителство го уапси Салих Мустафа, врз основа на налогот за апсење и притворање и на потврденото обвинение издадено од судија за претходна постапка на Специјализираните совети на Косово“, изјави портпаролот на СОК, Кристофер Бенет.

„Господин Мустафа е префрлен во притворскиот објект на Специјализираните совети на Косово во Хаг, каде што неговото прво појавување пред судот, пред судијата за претходна постапка, ќе биде извршено без одлагање“, додаде Бенет.

Деталите за обвинението против Мустафа, воен командант во оперативната зона Лап, сè уште не се објавени во јавноста.

Бенет, исто така, нагласи дека според косовскиот закон, полицијата на СОК  „е овластена и надлежна да ги извршува овластувањата што ги има косовската полиција според косовскиот закон“ и може да ги приведе осомничените.

На оние лица, кои СОК ќе ги обвини за злосторства, кои опфаќаат убиства, тортури и незаконски притвори, извршени за време и по војната, во периодот 1998-2000, ќе им се суди пред Специјализираните совети на Косово (ССК).

СОК во јуни објави дека поднело непотврдено обвинение против косовскиот претседател, Хашим Тачи, политичарот, Кадри Весели и други поранешни припадници на ОВК, со кое ги товари за воени злосторства и злосторства против човештвото.

Тачи во јули, четири дена по ред, беше сослушуван во Хаг.

Денешното апсење на Мустафа доаѓа среде континуирани контроверзии, откако Здружението на воени ветерани на ОВК, објави дека овој месец, анонимно им биле доставени три сета досиеја што протекле од СОК.

Здружението ги повика косовските медиуми истите да ги објават, без откривање на имињата на сведоците, но досега ниту еден косовски медиум не ги објави документите, иако албанската телевизија „Топ ченел“, најави дека ќе го стори тоа.

Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство на Косово, се дел од косовскиот судски систем со седиште во Холандија, во кои е ангажиран меѓународен персонал.

Тие беа формирани под притисок на западните сојузници на Косово, кои се плашеа дека судскиот систем на Косово не е доволно подготвен да ги истражи ваквите чувствителни случаи и да ги заштити сведоците.