Турбуленции

  • 9
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Пилотот вели едно, копилотот друго, па дури и стјуардот се обидува да се дофати до кокпитот. Кога сите даваат различни наредби, авионот се тресе, патниците потресени од турбуленциите, прашуваат – има ли пилот во авионот? Или само прв копилот? Или сѐ е оставено на автоматскиот пилот?

Прашањата се легитимни, ако се има предвид дека во последниов период не се знае „ни кој коси, ни кој вода носи“, ни кој пие, освен што се знае кој плаќа – даночните обврзници.

Се сеќавате ли зошто критичката јавност се бунтуваше кога своевремено Груевски шеташе низ Македонија, со нарачани камери, пред кои ги решаваше сите проблеми на граѓаните, шетајќи низ села и градови.

Кога премиерот Заев ќе се јави кај службеник на граничен премин за да интервенира да се пропуштат патнички возила во кои има мали деца, го прави истото што го правел и Груевски. Само без камери

„Не сте добиле социјален стан?“ Го зема телефонот и врти. „Ало, директоре на Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор! Овде има граѓанин кој ги исполнувал условите, а не добил стан. За три дена да се реши овој проблем!“… „Штооо, уште не е почнато асфалтирањето на улицава, а било најавено? Ало, Миле, видете каде е настанат проблемот и од понеделник овде да почне да се асфалтира!“

Вака отприлика се одвиваше тоа реалити шоу, со кое Груевски како супермен во секоја нова епизода потврдуваше дека институциите се суспендирани, ничкосани, подјармени и супституирани од неговата премиерска позиција: државата, тоа сум јас.

Зар критичарите на таквата практика поминаа толку денови и километри во „шарени револуции“, за сега да гледаат римејкови со други протагонисти? Кога премиерот Заев ќе се јави кај службеник на граничен премин за да интервенира да се пропуштат патнички возила во кои има мали деца, го прави истото што го правел и Груевски. Само без камери.

Сентиментите од типот мали деца, нема стан, улица, канализација, не смеат да бидат оправдување за прескокнување на институционалниот пат по кој треба да се решаваат проблемите. Овде не важи оправдувањето дека тоа се случило еднаш, со добра намера. И патот до пеколот е поплочен со добри намери, а секој исклучок бргу се воспоставува како правило.

Веќе гледаме од првиот вицепремиер како се суспендираат институциите. Ако некој треба да ги информира и да ги повика македонските државјани во дијаспората да се попишат, тоа треба да бидат дипломатско-конзуларните претставништва, на неселективен начин, и за сите етнички заедници.

Груби го прави тоа исклучиво за дијаспората со албански етнички предзнак. Тој не е приватно лице, тој е вицепремиер во Владата на Република Северна Македонија, згора на тоа и „прв вицепремиер“. Груби не смее да се однесува како пописот да е тезга за етнички профит, за негова и партиска промоција и за предизвикување бројни сомнежи кон планираната статистичка операција. Него не го плаќаат само граѓаните што се членови или симпатизери на ДУИ или исклучиво Албанци, туку и Македонци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци…

Досега три пролетни сезони поминаа во најави за кадровски метли, но сето тоа завршуваше со минимални интервенции или ротации („ако не го бива овде, може ќе го биде на друга позиција“)

Најмалку смее да дозволи неговите изјави дополнително да ја еродираат довербата во резултатите од пописот, ако во преден план гледаат дека се форсира етноцентрично мобилизирање за попис во дијаспората.

Особено, ако како „гратис“ стигне и изјавата дека прашањето за признавање на Косово е на приоритетната листа на министерот Бујар Османи, и приоритет на ДУИ како учесник во Владата. Има ли некој македонски државен интерес во приоритетите, или сѐ е зафатено од косовските интереси?

Дополнително, спомнувањето на Шпанија во контекст на нашето барање за нејзино признавање на Косово, земја каде што каталонската аспирација за отцепување со години расте исто како  отпорот на Мадрид против тоа, е обид со евтин влог да се испровоцира соседот кој пред еден месец единствен донираше вакцини во земјава, за да не останеме со прстот во уста.

Може да кажеме за демократскиот габарит на Вучиќ многу нешта, ама едно е сигурно: со тие „српски“ вакцини се имунизираа и здравствени работници Албанци. Тоа ќе остане запаметено, исто како што ќе биде запаметено дека заради „големите политички битки“, ДУИ не стигна да се посвети на едно „приземно и неприоритетно прашање“, како што е здравјето на граѓаните.

Кога дома нема да си ја сработиш работата, лесно е да решаваш проблеми во соседството. Тешко ним, а уште потешко нам. Не нѐ плаши толку корона вирусот, колку што нѐ плаши вирусот на хаосот. Никој не го работи она за што е надлежен, туку она за што може да продаде најмногу магла.

Нема да заборавиме како Лекарската комора го отспа случајот со докторот Асани. Не ѝ беше проблем што кај овој лекар, директор на болница и член на извршниот одбор на Лекарската комора, инспекторите дома му откриле дива гинеколошка ординација . А Лекарската комора не го ни разреши од извршниот одбор. Членството му е замрзнато, и тоа по реакции во јавноста. Разрешен од директорската функција исто така по реакции во јавноста.

Кога лице со дива ординација се толерира во институција што одлучува за лиценци за работа, кога може да дотурка до директор, кога сто ножа по туѓи извадени органи не го болат, нормално дека ќе изјавува оти „совеста му е чиста“. Затоа што не е сам во оваа приказна. Системот овозможува такви лица да дефилираат на врвот на хиерархиската скала и ги штити.

Многу конци се испуштени од рака. Премиерот ќе ја бара довербата за реизбор на лидер на СДСМ, најавувајќи нова политика, пролетната иницијатива/офанзива, која предвидува и сериозна реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ.

Досега три пролетни сезони поминаа во најави за кадровски метли, но сето тоа завршуваше со минимални интервенции или ротации („ако не го бива овде, може ќе го биде на друга позиција“), што го презентираше премиерот како лице со широк филтер на пропустливост за грешките. Од тие причини, со сомнеж се гледа и на новата најава.

Особено што премиерот и досега имаше алатка за постапување: „Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата“, кој соодветно се применува и на советниците што ги именува претседателот на Владата, но и на посебните советници ангажирани од министрите.

Според Кодексот, премиерот може да изрази несогласување, да даде официјална критика, да побара оставка од лицето што не го почитувало кодексот, да покрене иницијатива за информирање на надлежните институции.

Таму пишува и дека носителите на извршни функции не може да настапуваат само од свое лично име, а дадените изјави интервјуа, гостувања и објави на социјалните мрежи треба да бидат конзистентни со владината политика и утврдената програма за работа на владата и не може да содржат владини одлуки и ставови што не се јавно објавени.

Во практика не е така, но одговорност не се бара. Сега под тепихот е многу насобрано. Во политиката владее едно правило: или ќе заметеш, или ќе те заметат