Фактот дека како носители на фалсификуваните исправи, „по дефиниција“ се избирани лица кои одамна живеат во странство, индицира дека постои добро осмислен систем за изборот на „жртвите“. Но и дека тоа може да го знае само некој што располага со такви официјални податоци.
Прво беше „фабрика за пасоши во приватен стан“… Сега „фалсификувани 30.000 лажни лични карти“. МВР ќе покрене истрага за посочените сознанија и доставените докази, но по двете откритија објавени од „Фокус“, она што мора да се направи е да се вклучи алармот на сите институционални нивоа во земјава.
Македонија ја делат нецели пет месеци од вонредните парламентарни избори, како круна на Договорот од 2 јуни. Дотогаш треба да бидат елминирани сите сомнежи и потенцијални опасности за нарушување на довербата во регуларноста на избирачкиот процес.
Прочистувањето на Избирачкот список, кое треба да се реализира со теренска проверка на податоците и нивно вкрстување со други институционални бази на податоци, не е ни започнато. Времето што останува до изборите може да се смета за кратко, имајќи предвид дека тековната работа сега ќе биде обременета и со истрага за фалсификати.
Откако и други медиуми започнаа да го истражуваат посочениот идентитет на некои од сопствениците на спорните документи, на површина излегуваат првични индиции дека е можно да се работи и за скандал со пошироки димензии.
Фактот дека како носители на фалсификуваните исправи, „по дефиниција“ се избирани лица кои одамна живеат и работат во странство, индицира дека постоел добро осмислен систем за изборот на „жртвите“. Но и дека тоа може да го знае само некој што располага со такви официјални податоци.
И по обелоденувањето на случајот „фалсификувани пасоши“, дел од имињата на патните исправи што можеа да се видат на снимката во тајниот стан, според неформални експертизи, довеле до сознание дека станува збор за лица од втора генерација претставници на една помала етничка заедница, иселени од Република Македонија.
Прашањето е како стигнале идентитетите на нивните потомци во некоја овдешна база на податоци? Дали станува збор за украдени или за „донирани“ идентитети? Првото е невозможно во поголем обем. Второто е возможно, но претпоставува дека тоа можело да се случи само ако нивните податоци се отстапени од надлежна институција во земјата во која живеат, на надлежната институција во земјата каде што живееле нивните родители пред да се иселат. Значи од земјата „икс“ во земјата Македонија.
И овие лични карти, и тие пасоши, според првите индиции имаат ист заеднички именител: нивни носители се лица кои не живеат во Македонија, имаат законска основа да ги поседуваат, никогаш не доаѓаат да гласаат и немаат можност да дознаат дека нивни податоци се искористени за изборни цели, а уште помалку дека нивниот идентитет фигурира и на различни адреси, со што можеле повеќе пати да „гласаат“.
Ако истрагата утврди дека овие идентитети се резултат на комбинација од „пријателска донација“ и домашна „креативност“, ако станува збор за „инвестиција“ од држава со која Македонија има туристичка, културна, економска и особено образовна соработка (во еден случај операционализирана и преку нелегален трансфер на кеш во кутија за обувки), тоа може да биде скандал кој ќе ги надмине домашните рамки и ќе добие меѓународни димензии.
И на изборите во Босна, на пример, сосема случајно беа откриени случаи на слична „кражба на идентитет“, но не добија судски епилог. Државите во кои владее правото, одамна се имаат изборено против инструментализацијата на безбедносниот сектор за изборни и други цели. Тој проблем го имаат само земји со илиберална демократија, во кои преку инсталирање роднински кланови во безбедносниот систем, на тој сектор му даваат изразена лично-семејна димензија, а често и надинституционална. Ставањето на безбедносните институции во служба на лични и партиски интереси го урива, односно не го дозволува воспоставувањето на демократскиот поредок.
ВМРО-ДПМНЕ вчера го повика „техничкиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски да не одолговлекува и да се зафати со разрешување на наводниот случај за 30.000 фалсификувани лични карти“, потсетувајќи дека до изборите остануваат уште 149 дена.
Ако навистина се заинтересирани не само за брза туку и за ефикасна истрага, сега на „техничкиот министер“ треба да му одговорат на едно „техничко прашање“: зошто во мандатот на министрите за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ, (Јанкулоска и Чавков), 14 месеци не функционирал АФИС-системот, кој служи за споредба и проверка на отпечатоци од прсти? Како единствената институција која треба да има опрема за читање биометриска документација е доведена во таква ситуација?
А тоа колку денови остануваат од избори и кој ќе влезе во изборната трка, ќе зависи од она што ќе го открие истрагата. Дотогаш, можеби некои од изборните тркачи ќе мора да преминат само во категоријата гласачи и тоа од оние кои гласаат еден ден пред изборите. Не мора да потенцирам која е таа категорија. Доволно е да се каже дека тоа се оние кои најмногу ги бројат деновите.