Не е сѐ во ред, Филипе

Викенд, вечерта завршува и си одам накај дома. Истиот пат го одам како и по секое излегување – истите улици, истите патчиња, истите кратенки, буквално сѐ исто како што правам со години. Ритуал за заокружување на вечерта.

Но, сепак, чувствувам како да одам низ град кој не го познавам, а не низ моето Скопје. Не низ Скопјето кое ме дефинираше како личност. Можеби се новите згради, статуи и фасади?

Тресе ноемврискиот ноќен студ. Скриен од месечината зад колосалниот Воин на коњ на плоштадот Македонија, гледам како Филип дури од влезот на чаршијата со крената триумфална десна тупаница со сигурност ме уверува дека сѐ е во ред.

Но, не е. Не е сѐ во ред.Чувствувам некоја празнина.

Живеев на 2 различни континента во последните 6 години, но во ниту еден момент не заборавив од каде доаѓам и отсекогаш со нетрпение исчекував да дојде денот да се вратам. Епа, сега сум тука. Тука сум на долг рок. И не е сѐ во ред. Толку пекав за моето Скопје, што ми фали, пак, сега?

Размислувам рационално и ги реконструирам убавите сеќавања. Што ме правеше среќен овде? Што е тоа што ми недостига?

Па, сакав да играм кошарка. Кошарка!

Многу често игравме со Стефан, другар ми уште од основно. Некогаш ние двајцата со нашиот просек од 195 сантиметри знаевме да влеземе со уште некого во тројка и да не можат да нѐ истераат. Двајцата ем високи, ем солидни шутери. Партал!

Ќе игравме и сега, да не беше тој во Холандија. Таму ги применува својот остар ум и чувството за комбинаторика како млад механички инженер.

Него го нема.

600.000 иселени во последната деценија.

Добро ајде, што друго ме правеше среќен овде? Па,.. дружбите со феноменални луѓе, излегувања, шеми…

Ех, да! Јована! Каков „wingwoman” е девојката значи, ненормална работа! Еднаш бевме во Софија на конференција и дури на „гостински терен” цура и пол ми намести. Времиња човеку, легендарна е!

Би ја барал да одиме на пијанка, ама и таа не е тука. Во Шкотска е. Своите социјални способности ги усовршува како иден политиколог.

Ништо од мојот „wingwoman”.

600.000 иселени во последната деценија.

Добро, тогаш што друго? Се сеќавам дека имав многу различни кругови на пријатели. Никогаш не беше монотоно. Правев нешто со времето, одев на настани, по организации, волонтирања, едно-друго.

Еј, да, Ева! Не се дружевме активно, ама ја немам видено со години! Прва генерација нѐ избраа да одиме на размена во Америка кога бевме во средно. Баш беше кул, а и волонтиравме неколку пати заедно кога се вративме. Дај да ѝ пишам на Фејсбук, да ја ѕирнам што прави.

Едвај скролам на телефонот, студено е, прстите ми се смрзнати. Згора на тоа, одеднаш уште еден разочарувачки „ладен туш“ од екранот. Ева е во Чикаго.

Си работи девојката во супер фирма, има убав живот како што можам да видам од сликите. А богами и се разубавела.

Ама се разубавела на 10.000 километри од тука.

600.000 иселени во последната деценија.

Океј, летово имав прилично солиден разговор со една брилијантна девојка во Струга, Љура ѝ беше името. Таа имаше одговор за сѐ, и спремна артикулирана реплика на секое прашање. Баш би сакал да поразговорам и со неа на темава. И после се сетив. Ноември е. Ми рече дека ќе си одела за Австрија во септември.

Таму ќе си разглобува интелектуални предизвици Љура, што ќе се замара со мене.

Поразително ги спуштам рацете, и како мало дете воздивнувам. Ми паѓа тешко. Се чувствувам осамен, па дури и напуштен. Го забрзувам одот во некоја паника, како тоа да ќе помогне.

Камо да можев да се чујам со некој, да си искажам што ми лежи на душата. Ивона е човекот. Со девојката имаме караници како никој друг, но искрени се. Онакви ретки без влакна на јазик. Но, кога и да згусти вистински, тука сме еден за друг, ете, како на пример сега.

Сепак далеку е Данска.

Ивона поради сите фрустрациите кои ги доживуваше овде не можеше да издржи, па отиде на север. Студира и работи на 3 места, и не ѝ е лесно. Ама според тоа што ми прикажува, среќна е.

Мешавина на чувства, циклон од емоции, човеку. Гневен сум!

Се вртам наоколу, ги гледам бесрамно големите згради, несразмерните статуи, кичестите мостови.

Тоа е тоа што недостига, просто е! Ми недостигаат луѓето. Не ме направи ова што сум некој ѕид или зграда, не беа сеќавањата обични места и локации. Тоа беа моите другари, пријатели и познајници. Тие се пулсот на ова место!

Се присеќавам на Јанко „Јади бурек“ пред некоја вечер кога рече „Ако не ви чини, одете си!“

Тоа не било изјава, тоа било политичка стратегија! Затоа Скопје ми е поинакво. Не биле во прашање само новите згради, не се работи само за сосема неразбирливи архитектонски гафови. Ние губиме луѓе! Ние губиме квалитетен, способен иновативен човечки капитал!

Не е само личниот опис на Скопје уништен со евтина пластична хирургија – направен е интелектуален геноцид.

Доста беше. Не можам повеќе да го гледам ова и само да седам со скрстени раце во околина каде што очигледно единствениот реален успех е билет во еден правец. Не сакам повеќе секојдневни уверувања дека утре ќе биде подобро, дека сме светски лидери, дека се развиваме со брзина на светлината!

Како оваа ендемично успешна економија не можеше во своите спреги да ги стави и моите пријатели? Си ги сакам блиските назад.

Заглавен во длабоки мисли, сум стигнал и до Филип. Високо над мене стои со вивната тупаница, пред самиот влез на чаршијата.

Го одминувам огорчено. Не е сѐ во ред, Филипе. Ова е далеку од „во ред“.

ПС: На моја огромна жалост, сите ликови во текстот се вистински.

Авторот е дипломец на Универзитетот Џорџтаун