Уривање ѕидови и мостови

Не можам да тврдам, ама мислам дека во севкупната меморија на човештвото немало уривање на една градба што толку универзално се славело и прославувало, како што е тоа случајот со уривањето на Берлинскиот ѕид. Уривањето на ѕидот (изграден 1961 и целосно урнат на 9 ноември 1989 година), всушност, беше главниот симбол на уривањето на комунизмот и воопшто на цела една глобално политички биполарна епоха, позната под името „студена војна“.

Ѕидот

И оваа сабота, светот, особено Германија, пригодно го обележа паѓањето на ѕидот. Десетици илјади жители на Берлин, туристи и гости се собраа во ноќта меѓу саботата и неделата на местото каде што се наоѓаше оваа, речиси 160 километри долга, ѕидана бариера. На прославата беше формиран своевиден ѕид, создаден од пет илјади постери изработени од деца на тема „Ние ја браниме слободата“, во должина од четири километри.

Медиумите пренесуваат дека во таа пригода, берлинскиот градоначалник Кај Вегнер, отворајќи ја церемонијата, заедно со германскиот претседател Франк Валтер Стајнмаер, рекол: „Ја браниме слободата, затоа што без слобода ништо нема смисла“.

И додал дека слободата и демократијата никогаш не биле нешто што се подразбира, предупредувајќи дека и двете се во моментов на удар, и тоа од повеќе страни.

За разлика од прославата во Берлин, ниту еден медиум не објави како е обележена годишнината од уривањето на Мостот во Мостар. Во Мостар не се пуштани балони на небото, не е свирена „Ода на радоста“…

Според медиумските извештаи, берлинците и оние што се чувствуваат така ги забавувале околу 700 музичари, распоредени низ повеќе места во градот, а една од најизведуваните песни била „Херои“ (Heroes) на британскиот музичар Дејвид Боуви, човекот кој можеби најкреативниот дел од неговата богата кариера го помина токму во Берлин. За неделата вечер (10 октомври) беше закажан настап на руската дисидентска женска рок-група „Пуси рајот“ (Pussy Riot) што би требало да биде кулминација на годинашната прослава.

Во некои од низата текстови, испишани по повод падот на Берлинскиот ѕид, се потсетува на „величествената прослава“ од 2014 година, на 25-годишнината од уривањето на ѕидот, одржана под името „Храброста на слободата“. Тогаш, пред стотина илјади посетители, на небото биле пуштени илјадници балони, следени од нотите на „Ода на радоста“ на БетовенШилер, што често се заборава).

Обраќајќи се на масата, тогашната канцеларка Ангела Меркел, во својот говор истакнала дека падот на Берлинскиот ѕид ни покажува дека соништата можат да се остварат и дека ништо не мора да биде онака како што е, без оглед колку се големи пречките. „Тој ни покажа дека имаме сила самите да ја обликуваме сопствената судбина и да ги направиме работите подобри“. „Чудото во Берлин“, вели канцеларката, засекогаш ќе биде запомнето како триумф на човековиот дух и како такво би требало да биде инспирација за луѓето што живеат во тиранија каде било во светот.

Мостот

На ова обраќање на Меркел, босанскохерцеговскиот писател со постојана адреса во Црна Гора, Андреј Николаидис, не без сериозна доза на иронија, ќе забележи дека „навистина е лесно да се замислат поробените луѓе на овој свет како, опкружени со смрт, сонуваат за Берлинскиот ѕид во чие уривање ја наоѓаат инспирацијата за да ја продолжат својата борба … Да, си велат поробените луѓе, мојата куќа е урната во ракетирање, моите деца се заклани, мојата земја е во окови, ама ништо не мора да биде онака како што е, ние имаме сила сами да ја обликуваме својата судбина“.

На тој ист 9 ноември, но не пред 35 туку, пред 31 година (во 1993) е урната уште една монументална градба, плод на човековата генијална креативност. Урнат е Стариот мост во Мостар. За разлика од Берлинскиот ѕид, кој е срушен за да обедини, Стариот мост е урнат за да раздели. По тој повод, тогашниот неделник „Пулс“ (каде што работев во тоа време) објави текст со заклучок дека Мостар ја изгуби смислата на своето име. Стариот мост, симболот на градот, имено, беше последниот мост од бројните мостови во овој град.

Ние не создаваме историја, туку ја трпиме. И тука лежи таа опседнатост од неа, таа опседнатост и постојано навраќање кон неа, барајќи ги тука едвај постоечките победи и непостоечките величини

За разлика од прославата во Берлин, ниту еден медиум не објави како е обележена годишнината од уривањето на Мостот во Мостар. Во Мостар не се пуштани балони на небото, не е свирена „Ода на радоста“, нема деца да прават постери, нема ни премиери, претседатели или градоначалници да го обележат овој ден.

Значи, четири години по триумфалното „освојување на слободата“ со падот на Берлинскиот ѕид, забележен е уште е еден „триумф на човековиот дух“. Мостарскиот мост е симбол, да ја парафразираме Меркел, дека и најстрашните соништа можат да се остварат и дека ништо не мора да биде онака како што е или како што било со векови. И тоа без оглед на пречките и колку големи нам ни изгледаат. Уривањето на Стариот мост бездруго е инспирација за сите психопати на овој свет што сакаат да го уриваат она што е вредно за чување.

Николаидис, не без резон, го поставува прашањето: Ако не беше срушен Берлинскиот ѕид, дали ќе беше срушен мостот во Мостар?

Да, уривањето на Берлинскиот ѕид е епохална победа на демократската волја и на правото да се живее слободно, но прашањето е дали денес, 35 години подоцна, светот е навистина посреќен поради „чудото во Берлин“? Дали ќе постоеше војната во Украина или сите оние воени кризи во некогашниот Советски Сојуз (Азербејџан, Украина, Грузија, Чеченија…)? Дали Израел ќе ја имаше истата сила да војува буквално со целиот регион во еден биполарен свет? Дали САД онака ќе интервенираа по заливските земји? И, конечно, дали Доналд Трамп по вторпат ќе беше избран за претседател?

И, не, не заговарам никакво враќање на комунизмот (социјализмот). Впрочем, тркалото на историјата не може да се врати назад. И секако дека не сум склон на теориите од типот „што би било кога би било“, само што ми се чини дека е можеби време да се стави на кантар целиот тогашен и денешен контекст и да се види „што направивме и што треба да направиме за однапред“.

Што се однесува до Македонија, таа, би рекле, и добро помина со уривањето на Ѕидот. Доби независност без премногу жртви и без премногу сопствени заслуги. Како сведок на тоа време можам да потврдам дека ама баш со ништо не придонесовме во уривањето на Ѕидот, односно на еднопартискиот систем. Немаше тука никакви протести, никакви триумфи и никакви соништа. Едноставно, оставивме да нѐ води времето. Причината е затоа што ние не создаваме историја, туку ја трпиме. И тука лежи таа опседнатост од неа, таа опседнатост и постојано навраќање кон неа, барајќи ги тука едвај постоечките победи и непостоечките величини.

Ерес ли е тука да напишам дека не ја создававме ние историјата, ама тоа не ја спречи неа да ни се изнасити? А, се чини дека тоа ќе ни го прави и во иднина!

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија