Во демократските земји за силеџиство врз вистината и законите се оди во затвор. Кај нас, за силеџиство врз правдата се (о)станува судија или се влегува во политиката. За она што кај нас се добива „авторитет“, во нормалните земји се добива дијагноза. Таква дијагноза ќе добие и судската пресуда за Кежаровски.
По пресудата на Апелацискиот суд за колегата Томислав Кежаровски, како новинар се срамам што сум на (ваква) слобода. Тоа што, за разлика од Томислав, можам слободно да се движам, не ја прави суштината ни на мојата, ни генерално на нашата новинарска слобода. Само ја потенцира нејзината карикатуралност.
Она што вчера сакав, а не успеав да му го пренесам на мојот колега, е дека најголемата неслобода не е да седиш во домашен притвор или во затворска ќелија. Најголемата неслобода е да имаш привид дека си слободен, а истовремено да живееш во најголемиот затвор од отворен тип. Да имаш услов(е)на слобода! Тоа е кога имаш некаква врата и прозорец, но и ограничување колку можеш да зачекориш надвор. Тоа е повеќе од затвор. Имаш некаков хоризонт пред себе, но и „можност“ да го доживееш преку собна саксија со бонсаи. Всушност, сета новинарска „слобода“ денес е налик на бонсаи. Калемена, мала, симболична, да остава демократски привид дека ја има, но без можност да пушти корени, да се разграни, да стане некаков грандиозен чинар. Ете и вагата на Јустиција се потруди да го оправда тој институционален образец на градење еден зачински вид слобода. Да ја има, колку лажичка зачин, а не како главна, неопходна, незаменлива супстанција. Томислав е во притвор заради супстанцијата на професионалноста и вистината, а ние на условна слобода, затоа што парцијално создаваме алиби за постоење на новинарството. Какво – такво!
Не очекувајќи ни грам правда од македонското зависно и длабоко подјармено судство, длабоко го почитувам тоа што Томислав остана нескршлив и слободен во притвор, наспроти сите нас, секојдневно кршливи, тестирани од сѐ пониските прагови на ограничувањата и (само)осудени на срамна условна слобода. Следното прашање е – какво фајде од таквата жртва на Кежаровски? Огромна. Тој од неправедно осуден станува крунски сведок на тоталниот крах на македонското судство. Пресудата против него е најголемото самопризнание на судството за тоа до кое ниво можат да паднат стандардите на селективната правда и на гатачкиот однос кон законите, роковите, постапките.
Оваа пресуда е најголем пораз за судството, а најголема победа на Кежаровски во докажувањето на каква судска власт се осудени граѓаните на Македонија, во едно затворено, институционално незрело општество, со политички контролирана судска власт.
Да беше приврзаник на пропагандистичко новинарство, дистрибутер на вести кои не подлежат на новинарска проверка, да беше успешен апологет, да не трагаше по вистината, да не мораше да предупредува на пропусти во судските процеси, да не ги наоѓаше дупките во истрагата за сообраќајката на Младенов, каде ли ќе беше сега? Гарантирам, на истото место. Не e тој како други, какви што ги има, со флексибилен ‘рбет, кои одамна научија во што можат да ја претворат сопствената сервилност. Ги гледаме денес распоредени како шаховски фигури на концесионираната медиумска табла. Мислат дека имаат сѐ, а всушност немаат ништо што е поврзано со достојната страна на професијата. Томислав нема работа, но ги има своето достоинство и професионалноста. Се надевам дека не е далеку денот кога нештата ќе се мерат според овие аршини, а не според бројот на продадени лажни иселенички визи, наместени тендери за медицинска опрема или според тоа кој повеќе ќе го мантра името на водачот во ударните вести.
Би сакала денес да слушнам што мисли поранешниот известувач за Македонија во Европскиот парламент, Ричард Ховит, кој апелираше и до крај веруваше дека во „случајот Кежаровски“ ќе победи вистината, а не селективна правда. Јасно е дека Меѓународната и Европската федерација на новинари, организацијата „Репортери без граници“ и ред други, со жалење ќе ја нотираат оваа пресуда на македонските судови. Па кога Македонија ќе тапка или ќе падне на листата според индексот за слобода на медиуми, дали едни исти новинарски папагали повторно ќе прашуваат по кои критериуми тие клети странци ги рангираат земјите. Ете, и по овој.
Популарната дефинција за границите на слободата вели дека нечија слобода е ограничена само со слободата на другиот. Проблемот кај нас е што само слободата на „другиот“ е неограничена. А новинарите никогаш не припаѓале таму. Време е да си го освојот просторот. Во спротивно и натаму ќе бидат во агонија – меѓу слободата во затвор и затворот на слобода, меѓу правилата на разни оддели за санкции и политичките удари врз новинарството.
Во демократските земји за силеџиство врз вистината и законите се оди во затвор. Кај нас, за силеџиство врз правдата се (о)станува судија или се влегува во политиката. За она што кај нас се добива „авторитет“, во нормалните земји се добива дијагноза. Таква дијагноза ќе добие и оваа судска пресуда. Ќе ја изучуваат генерации млади правници, како школски пример за судство контаминирано со политика. Судство кое досега не положи ниту еден државен испит. Уште помалку оние што го контролираат. Ова општество не смее да ги прости таквите грешки. Пoданичкиот рефрен excuse, еднаш веќе треба да биде заменет со j’accuse.