Вагинални монолози

Колумна на Сашо Кокаланов

1.
Внатрешен, постриумфален, сабајлечки монолог на еден новоосознаен комита:

– Ќе разберат ли клетите шиптари дека македонско име нема да загине? Колку често практикувате секс со битолчанки? Дали Гоцевата тараса треба да е барок или неокласицизам и смее ли да се пружа валкан наци(онали)стички веш на неа? Ако Вардар е на вмро, Тамара на есдеес, а Стинг на неопределените, дали тоа значи дека женската ракометна репрезентација на Македонија е на #бојкотирам, со оглед на тоа што нивниот натпревар беше масовно бојкотиран, односно повеќе од милион и двесте илјади луѓе не излегоа да го гледаат нивниот натпревар против Словенија и салата остана празна?

2.
Монолог на еден моралистички расположен, загрижен родител:

– Децата на свет излегуваат преку тесен вагинален отвор, со многу силни контракции, со болни извици на мајката (толку болни што некои татковци се онесвестуваат од жал за мајката), испливуваат од течноста на матката и врескаат од шок кога ќе видат каде дошле, додека ние родителите врескаме од радост. Тука некаде природата го завршила своето мало чудо, своето ремек-дело наречено живот, и потоа таа великодушно му го предава плодот на новиот сопственик, на таканареченото општество. Кај нас тоа се вика опшесво и е прилично сурово и бескрупулозно. На пример, тоа мало чудо ви станало учениче, и вие сте го пратиле на еднодневна екскурзија. Ви го ставиле во автобус заедно со уште педесетина други мали чуда на природата и го одвеле на час во природа. Автобусот во близина на селото Пиперово се запалува. Децата имаат среќа, излегуваат навреме. Часот по природа не се одржува, ама се одржува важен час по опшесво. И што мислите, кој ќе понесе одговорност за настанот, кој за влакно не беше трагичен? Никој, се разбира, зошто да понесе, кога никој не погина? Се сеќавате, кога пред само неколку месеци се случи онаа кобна автобуска несреќа на автопатот Скопје – Гостивар, во која загинаа повеќе од дузина патници, беа направени вонредни проверки на автобусите. Беа откриени многу дефектни автобуси. Овој еден не беше откриен и превезуваше деца. Опшесво, тоа е. Само к’смет нека има…

3.
Кафански монолог на еден сеирџиски расположен туристички работник:

– Види, може само да нагаѓаме како дошло до тоа двајца туристи од Холандија да го натепаат газдата на вилата во Охрид во која биле сместени? Во весник пишува дека, наводно, неделата, негде околу 9 навечер, така барем соопштила охридската полиција, 69-годишниот газда К.М. ги пријавил двајцата Холанѓани, В.Г.Е.Ј. и А.Т., по што тие биле приведени во полициската станица. Пишува само уште дека на тепачката ѝ претходела вербална расправија. За другите детали, мора да се потпреме на охридската чаршија. А чаршија ко чаршија, знаеш како ти е, секој по нешто ќе додаде, па на крајот ќе чуеш многу контрадикторни приказни. Според едни, Холанѓаните биле под гас, можеби дури и под грас, па почнале да ги навредуваат домаќините, а, според други, станува збор за тотална енергетска неосвестеност кај гостиве, односно вклучиле бојлер на скапа струја. Во секој случај, радува фактот дека сме на почеток од уште една возбудлива туристичка сезона со субвенционирани чартер-летови, во која, за секој туристички денар ќе се бориме, буквално, крваво…

4.
Монолог на еден пасиониран гледач на телевизиски серии:

– „Чернобил“ е врвот на телевизиската драматургија. Мини-серија, со само пет епизоди, ама совршено направена. Каква продукција, човече. Еј, пазеле на секој факинг детаљ. Од фризурите, преку тапетите, мебелот, телефоните, па сѐ до тоа како изгледаа парковите, автобусите… Тотално враќање во осумдесеттите години од минатиот век. Самата несреќата? Што да ти кажам. Феноменално доловена. Дури и ако немаш поим како функционира една нуклеарна електрана, дури ако не разбираш ни „а“ од атом, ни „р“ од реактор и ни „ф“ од фисија, сè ти е совршено јасно. За политичкиот систем на Советскиот Сојуз, авторитарноста, стравот, односот на власта и научната фела, ич и да не зборувам. Страва, брат! Ликовите? Те вози низ настанот од минута во минута, буквално те пренесува во градот Припјат и во централата Чернобил. Изградени документаристички, врз основа на реални ликови, со драматизација онолку колку што треба – за да можеш да влезеш во нивните животи, да се поистоветиш со нивната несреќа… Ама најјако од сè е како се испратени моралните пораки – чувството на лична вина, храброста да проговориш јавно за лагите на системот, спремноста да се жртвуваш за да се избегнат повеќе жртви, жилавоста, наивноста, тврдоглавоста, вербата, оптимизмот, стравот од крајот на светот, пркоста… Неверојатно уживање е серијата, што да ти кажувам, ќе ја гледаш, а истовремено и многу е болно, знаеш… Сфаќаш дека не е само до парите. Ние и да ги имаме тие пари, никад, никад не би направиле таква серија. Или би го утнале форматот, или би ја свеле на идеолошки памфлет, или би ја направиле некаква црна комедија, или… Абе гледај ја, шо ти зборам…

5.
Монолог на домашен политичар во кругот на семејството:

И после кај нас имало непотизам? Па, гледајте што се случува на изборите во Грција. Значи, нов градоначалник на Атина е Костас Бакојани, кој ти е син на поранешната градоначалничка на Атина и министерка за надворешни, Дора Бакојани, внук на поранешниот премиер Константин Мицотакис и прв братучед на најверојатно идниот премиер Кирјакос Мицотакис, а сите заедно се од семејството на Елефтерос Венизелос, од чие семејство се и поранешниот премиер Софокле Венизелос и поранешниот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос… Муабетот ми е, тука братучед ќе ти стане шеф на ДБК, или ќе ти вработат син во МЕПСО, и одма цела нација ќе ти плука под прозор.

6.
Монолог на режисерот Рајко Грлиќ на академската сцена на ФДУ, зборувајќи за својот последен филм „Устав Републике Хрватске“:

Со Анте Томиќ прво го создадовме главниот лик, врз основа на некој познат загрепски професор, кој навечер шетал низ загрепските улици облечен како жена. Тој лик ни беше инспирација да направиме филм, во кој ќе ја прикажеме омразата кон оние малку луѓе, кои во една силномразечка земја како Хрватска се охрабриле да покажат дека се различни. Па, потоа си рековме, каков е тој хрватски филм за омраза, ако нема омраза кон Срби. За да биде филмски подраматично и за да не е еднослојно, создадовме лик-трансвестит кој мрази Срби…

7.
Монолог на еден староосознаен комита:

– Брат, ова со прославата не беше ништо. Генерална проба. За парадана на педерите. Ќе го јадат, брат. Мада, мора да ти признаам, ептен ми се дига на лезбејки. Шо би им праел, брат, да знаеш. И ова со абортусот, глеј шо се дешава. Курвите сакаат да абортираат коа ќе им текне. Не може така, бе брат. А ја шо сум бутнал жетон у кафематот, неам право на кафето? Ми дошол тука со косоварски таблици да ми паркира. Море нек смеат да излезат, мамицата шиптарска, чкембарска ќе им ја ебам на тоа педерите