Вистинска жена

Ми се стемнува кога доаѓа Осми март. Мала утеха е што годинава празникот се паѓа во неработен ден, па колку-толку ќе се намали армијата жени, кои вообичаено од работните места се враќаат со полуовенати каранфили и откако голем дел од нив штотуку примиле помала плата од нивните машки колеги, за истата работна позиција.

Ми се стемнува кога доаѓа Осми март, не само поради банализацијата на значењето на празникот, туку и поради тоа што сликата за „вистинска“ или „исправна жена“ (како да се зборува за технички исправен уред, а не за човечко суштество) и натаму е длабоко стерeотипизирана.

Тој стереoтип подразбира – жена остварена и како сопруга, и како мајка, и како вработена, која дома е вредна домаќинка што готви, пере, пегла, пазарува, им помага на децата околу домашните задачи, во многу случаи им помага на свекорот и на свекрвата, а уште подобро ако во „слободно време“ е вешта со косилката за трева, со шрафцигер, чекан, бормашина, варосување на домот… И ова е само скратена верзија на „портретот“.

Ако е земјоделка – покрај горенаведеното, се подразбира дека мора да е вешта со копачот и мотиката, ако е сточарка – цел ден да биде со стоката. Во повозрасни години се подразбира дека треба да се грижи и за внучињата. Сè под ова се смета за помалку жена, за недоволно жена, за некаква „фалинка“.

„Стара мома“

Овие стереотипи не се подгреваат само од страна на мажите. Во некои сегменти се подгреваат, за жал, и од страна на жените. Една од најгрдите квалификации што и жени им ги упатуваат на жени е „стара мома“. Има разни причини поради кои многу жени не стапиле во брак и не оформиле семејство. Тоа не ги прави ни помалку жени, ни помалку квалитетни, ни помалку успешни, ни помалку вредни за почит.

Сингл статусот на жената може да биде резултат на тоа што не сретнала партнер со кој ги дели истите вредности, а ги смета за важни, за со таа личност да гради заеднички живот. Во дел од случаите тоа се должи на други околности, на пример, целосна посветеност на немоќни членови во семејството, во трети е резултат на личен избор.

Во ниеден од тие случаи, жените не должат отчет никому. Конечно, зошто би било проблем ако една жена својот живот го замислува без „задолжителниот“ брак? Тоа е право на избор. Исто како и на мажите.

Но, ако го прогуглате овој термин (стара мома), ќе се уверите колку многу е застапен во нашето секојдневие – од навредливи постови на „хумористи“, преку одвратни вицови раскажувани во јавни настапи, до прашање во ТВ-емисија – до кога ќе бидеш стара мома, кога ќе се мажиш?

И наместо да реагира или да си стане од столчето, гостинката во емисијата се правда, објаснува за нешто што е исклучиво лична, приватна работа.

Лицемерие

Но, за вакви одвратни дискриминирачки термини никогаш немало јавни реакции на женски здруженија, организации против дискриминација итн., како што се покрена за реплика на министерката за финансии, па СДСМ и коалицијата решија и дa не учествуваат на пленарната седница посветена на 8 Март.

Не сакам да се навраќам на примерите која партија какви изјави и молкови имала на оваа тема зашто просторот ќе биде мал, а самата експликација ќе значи перпетуирање на срамни примери. Едно ќе кажам – отпорот кон дискриминацијата и премолчувањето на навредите кон жените треба да биде конзистентен, не само кога си опозиција.

Многу примери поминуваат „незабележани“ под радарот и кога тоа го кажале актери, водители и домашни ѕвезди. Тогаш никој не се сензибилизира, бидејќи таму не гледа простор за терање политика. Тоа е дволичноста во нашето општество – кога „грижата“ за правата и за недискриминација на жената ќе стане средство повеќе за политички дивиденди, а не општествена  цел.

Часовникот отчукува

Притисокот на околината за стапување во брак, советите „побрзај, ти отчукува биолошкиот часовник“ што ја потенцира улогата на жената, пред сè, како „родилка“, честопати резултира и со набрзина склопени брачни заедници, кои се распаѓаат уште додека келнерите не ја расчистиле свадбената маса.

А потоа почнува осудата – се мажела мома, да не седи дома. Да не зборувам за најлошите случаи што звршуваат со фемициди и за „помалку лоши“ сведени на нефункционални заедници во кои страдаат и децата. Во голема мера, тоа е продукт на тие притисоци и етикети.

И како ништо од ова да не го гледаме, на празникот треба со пиетет да зборуваме за улогата и значењето на жените во општеството, улога испишана и околчена од разни предрасуди.

Осми март ќе биде празник во вистинската смисла на зборот, оној ден кога никој нема да чувствува потреба да подари роза или што било по тој повод. Тоа ќе значи дека е постигнат стадиум на еманципација во кој најголемата почит кон жените веќе е искажана и постигната – без притисоци, без етикетирање, без дискриминирање по која било основа, со целосно почитување на нивната индивидуалност и нивниот избор во животот. Ништо повеќе и ништо помалку. И тоа нема да биде израз на однос кон „исправна жена“, туку за однос кон одважна, сигурна и гордо исправена жена.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија