Вистинскиот рејтинг

Невкусни се преписките меѓу домашните политичари околу тоа чиј рејтинг бил повисок, особено во период кога и без анкети се гледа каков е рејтингот на државата. Во држава, која каскаше во обидите навреме да си ги прибере граѓаните од кризните подрачја во Израел, не е важен ничиј индивидуален рејтинг.

Тоа што немаме национален авиопревозник (скап бизнис, за кој немаме ни кадар, ни индустрија што ќе помогне за одржување домашна авиофлота), во голема мера ги усложнува можностите за брза реакција во вакви ситуации.

Но, она што ги разликува силните и организирани држави од тие што не се тоа, (и во ситуација кога немаат национален авиопревозник) е тоа што едните веднаш се организираат, преговараат и плаќаат услуга на друга што може да го реализира тоа.

Во држава, која каскаше во обидите навреме да си ги прибере граѓаните од кризните подрачја во Израел, не е важен ничиј индивидуален рејтинг

Ние го реализиравме дури денеска, со пари од македонскиот буџет и преку соработка со „Ер Србија“. Медиумите известија дека патниците го дочекале полетувањето на авионот од Тел Авив со извици „Да живее Србија“. Ем ќе платиш, ем друг ќе ја однесе славата, ем останува критиката дека си го сторил тоа речиси по една седмица.

Тоа е резултатот кога прво чекаш и се надеваш дека други ќе ти ја завршат работата, барајќи помош преку различни транспортни канали. Досегашната помош на Албанија, Грција и на други земји е драгоцена, но таа може да биде дополнителна. Главниот товар требаше да го преземеме сами и веднаш.

Во изминатите години се изнагледавме примери на евакуација на македонски државјани – прво од Авганистан (август 2021) со американски воени авиони, потоа и од Украина со бугарски авиони и автобуси (февруари 2022), а слично беше и по разорниот земјотрес во Турција. 

Еден по еден настан, нормално е дека граѓаните ќе прашаат – па добро имаме ли ние држава што ќе прати/плати авион во вакви ситуации? И низ тие примери градат слика за рејтингот на државата. Дали мислите дека на семејство заглавено во Газа, во овој момент му е важно колкав е рејтингот на македонскиот претседател или на премиерот? Ако останат таму, ќе сметаат дека државниот е нула.

Сите тие секвенци од евакуации, вакцинации и итна странска помош ја градат сликата за капацитетот на државата, нејзиниот рејтинг, во споредба со други земји

Не велам дека македонската држава не го направи нужното, велам дека доцни. Ако може никогаш да не доцни кога треба да се пресече дебели пари за разни саеми, за рекламирање на претседавањето со ОБСЕ, дебели суми за државни прослави, за адаптација на спортскиот центар „Борис Трајковски“ за конференцијата на министерскиот совет на ОБСЕ во декември, тогаш мора да се реагира уште побргу кога е во прашање безбедноста на македонски државјани затекнати во кризно подрачје, без разлика дали станува збор за воен конфликт или за природни непогоди.

Има една работа што ја забораваат сите власти. Дури и во време кога стандардот е лош, цените високи, платите ниски, кризните моменти најмногу може да ја сменат перцепцијата ако се идентификува брз напор на државата да се решат тие итни ситуации. Тоа се тие моменти кога граѓаните најмногу чувствуваат дали имаат грб (не како државен симбол), туку држава во вистинската смисла на која може да се потпрат и кога се далеку од неа, во некое беспаќе.

Зашто не е сеедно да гледаш авиони со разни национални знамиња како си ги прибираат своите граѓани и да чекаш во неизвесност и под дожд од гранатирања дали ќе те „шлепаат“ во некој од нив по сила на среќата, случајноста, празно место, дипломатски напор или со гордост ќе го дочекаш авионот што го платила/пратила твојата држава.

Слично беше во периодот со пандемијата на корона вирусот. Тогаш се извикуваше „фала на Србија“ кога оттаму стигна првата пратка од 4.800 вакцини, со која за првпат се вакцинираа македонски лекари и медицински персонал.

Прашањето беше – зошто ние никогаш не успеваме во нешто да бидеме први, ние да им помагаме на други, а не само од други да чекаме помош. Сите тие секвенци од евакуации, вакцинации и итна странска помош ја градат сликата за капацитетот на државата, нејзиниот рејтинг, во споредба со други земји, и ја градат, уриваат или ја нагризуваат довербата на граѓаните во неа.

Затоа – не е време за фалби кој политичар колкав личен рејтинг има, и дали тој е повисок или понизок од нечиј друг, сѐ додека најнизок е државниот.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија