Време без вакцина

Постојат, се разбира, повеќе, ама овие три дилеми се основните прашања што, за Божик, на последната година од втората деценија од 21 век, ги мачат Македонците, светот и целиот универзум.

Првото е она традиционалното, секојдневно и катавековно: како Мојсеј го пресекол Црвеното Море? Дилемата, всушност, е дали станува збор за еврејски заговор, со кој Евреите, преку светските управи за јавни приходи го завладеаја светот или станува збор за некој наш прадедо, Мојсо, кој така сакал да го одведе својот народ до неговата прататковина, покрај Белото Море?

Второто е дали паричката се врти за Бадник или за Василица? Во случајов, Евреите имаат минорна улога, ама затоа се тука Ротштилд, Рокфелер плус Сорос, односно сите оние што се занимаваат со паричките од македонските погачи, зелници и мазници. Секако, оваа дилема, дури многу повеќе од онаа за Мојсеј, ќе трае тука секој Бадник и секоја Василица.

И третото, најважното прашање е дали нашите деца треба да се вакцинираат и зошто не? Тука веќе се вплетени и Евреи, и масони, и вештерки, и Ротшилди, и Сороси, и, секако, фармацевтската и медицинската мафија.

Како што сега стојат работите, човечката цивилизација ќе има најмногу полза токму од македонските полемики за штетноста и за штетноста (се разбира, не за полезноста) од вакцините. Мораше, ете, да дојде и тој 21 век, па да сфатиме дека прашањето на имунизацијата било основно човеково право, слободен избор на родителот, и, да не должам, фундаментот на демократијата…

Да сфатиме  дека задолжителното вакцинирање е само тендерска мафијашка работа, дека аутизмот немало да постои ако немало вакцини, дека преку вакцините се стерилизира нацијата, дека има еден куп невакцинирани деца и ништо не им фали, дека 12 (15?, 18?) заболени деца не се епидемија, дека имало и вакцинирани деца што заболеле од морбили итн.

Мораше, ете, да дојде и тој 21 век, па да сфатиме дека прашањето на имунизацијата било основно човеково право, слободен избор на родителот, и, да не должам, фундаментот на демократијата…

И да знаете дека е точно така. Ете, пред некој ден сфатив дека државата го нарушува моето основно демократско право на избор да возам на левата страна од патот. И ништо не ми е. Дури ни полиција не ме фати. И апелирам сите да покажеме граѓанска непослушност и да возиме на лева страна. Е, сега, ако загинат поради тоа 12 (15? 18?) луѓе, зар е тоа некоја голема цифра за да се прогласи општа опасност и строго да се забрани возење на лева страна?

Ете, слушаме дека и некои од оние што возат на десната страна од патиштата, сепак, гинат! Значи, нема никаква основа да се спречи мојата слободна волја да го реализирам сопствениот избор. Ако се случи спротивното, односно ако ни биде оневозможено правото на избор за возење на лева страна или возење цик-цак, тогаш ќе си направиме свои автопатишта и нема да плаќаме данок. Ете…

Иако прашањето на и за вакцините нуди бескрајни можности за цинизми и глупави расправи, работите отидоа до таму што мора на ова место да се набројат неколку ноторни факти. Сега некаде прочитав дека на Земјината топка во моментот живеат некаде над седум милијарди и 700 милиони жители (проценките, ако сакате прецизно, се 7.714,576,923).

Се проценува дека во првата година од новата ера човештвото го сочинувале 200 милиони луѓе. Требало да поминат 1800 години и во 1804 година човештвото да ја изброи првата милијарда. И уште нешто повеќе од 120 години да стаса до втората милијарда (1930). За осум децении натаму, ете, на земјата живеат речиси осум милијарди жители (патем речено, прогнозите се дека веќе во 2023 година ќе бидеме осум милијарди).

Што мислите, чија заслуга е ваков енормен пораст на населението во време кога половина свет презема мерки за зголемување на наталитетот? Па, јасно, на вакцините и антибиотиците. На медицината, се разбира.

Некои од нас се сеќаваат на епидемијата (не само на филмот) на големи сипаници (вариола вера), во почетокот на 70-тите години на минатиот век во тогашна Југославија. Тие што се сеќаваат, знаат дека речиси целото население во некогашната ни држава беше вакцинирано во рок од една седмица. И, тоа е факт, епидемијата застана на 35 жртви.

Ете, пред некој ден сфатив дека државата го нарушува моето основно демократско право на избор да возам на левата страна од патот. И ништо не ми е. Дури ни полиција не ме фати

Денес, отпорашите на вакцините би рекле нешто како: па, 35 мртви, цифра ли е тоа? Особено ако се знае дека тогашна Југославија имаше десет пати и повеќе жители од сегашна Македонија. Патем речено, тоа е последната епидемија на големи сипаници во Европа, а веќе неколку години подоцна, поточно на 9 декември 1979 година Светската здравствена организација прогласи дека овој вирус е целосно истребен, односно дека вариола вера е првиот и засега единствен организам што човекот систематски и организирано успеал да го уништи. Како? Со вакцина, се разбира!

Дали вакцините имаат ризик? Имаат, како и секој лек што има ризик. Не ги кажуваат бадијала оние брзозборки на рекламите за лекови да се консултирате со својот лекар или фармацевт пред нивната примена. Дали треба лекарот да направи основен преглед и да констатира дали некој е способен да прими вакцина или не? Треба, се разбира.

Сепак, една од главните причини за македонското бојкотирање на вакцинирањето најмногу се базира на тезата дека фармацевтските компании, посредниците, па и владите заработуваат енормни пари врз човековото здравје. Значи, во прашање се огромни пари, па макар и сите тендери да бидат најрегуларно спроведени.

Со други зборови, факт е дека Светската здравствена организација држи непринципиелен монопол врз нашето здравје и факт е дека фармацевтската индустрија функционира како една добро организирана мафијашка организација. Но, мешањето на монополот и заработувачката со ефикасноста на вакцините е мешање на баби и жаби.

Или како што забележува еден мој колега, и нафтената индустрија е базирана на државно-приватен монопол, а дистрибутерите на нафтените деривати функционираат, помалку или повеќе, како добро организирани мафијашки организации. Дали тоа значи дека кога со вашиот автомобил ќе патувате од точката А до точката Б и кога ќе останете без гориво нема да наполните бензин на првата бензинска пумпа од протест поради неправедните услови на пазарот? Не, се разбира, затоа што вие сте рационална личност.

Значи, вакцинирајте се луѓе и вакцинирајте ги вашите деца. Ако поради ништо друго, тогаш барем за да покажете дека се грижите за општото здравје. И дека живеете навистина во 21 век.