За нашите и за „туѓите“ грешки

Колумна на Ивана Јордановска

Момче од 20 години усмрти девојка на 22 години. Нему му е прва жртва, а нам, како општество, веќе безбројна. Но, колку и да е неопходна ревизија и реконструкција на речиси секоја институција во државава, таа не е возможна без наша, лична и општествена реконструкција.

Оти, честопати во нашите напади кон институциите, зборуваме за нив како ние да сме безгрешни за нивната нефункционалност. Честопати, кога зборуваме за гнилоста на нашето општество, зборуваме како да не сме придонеле гнилост кон неа. Небаре некој нè спуштил тука од Марс, па „не сме знајале.“

Не. Секоја лоша, девијантна и погрешна одлука на институциите и општеството е грешка и должност на секој од нас, без разлика дали во некој конкретен случај сме биле вклучени или не. Никој не е „нула“ или „100%“ виновен за нефункционалноста на институциите, вината на секој од нас е различна, но присутна.

Родителите потфрлиле во воспитувањето на тоа дете. Од кои причини, само тие си знаат. Но, тоа дете не е воспитувано само дома. Тоа дете има одено во училиште, минимум 12 години

Општеството не е „таму нечие“, ниту „институциите.“ Тие се наши, ние придонесуваме, директно или индиректно. Директно придонесуваме секогаш кога ќе побараме да се поправи четворка на петка (за да помине „одличен/на), секогаш кога ќе подариме 100 евра во плико на лекарот што зема плата за да нè лечи (за да се почести), секогаш кога ќе се јавиме на тетка/вујко/стрико за да ја искине казната (за да не плаќаме за „само 15 км над дозволеното“).

Индиректно придонесуваме секогаш кога ќе „премолчиме зашто попаметниот попушта“, секогаш кога ќе замолчиме или ќе нè замолчат на селската слава пред пијаниот „дворски шут“, кој се фали со последното изигрување на институциите и секогаш кога ќе премолчиме случај на домашно насилство оти „тоа си е нивна домашна работа.“

Не може институциите да функционираат без да ги изградиме ние.

Да, макотрпно е, но ниту германските, ниту шведските, ниту кои било други институции што ги величаме не настанале преку ноќ. Напротив, тие се заслуга на милионите граѓани и граѓанки што макотрпно ги граделе. Разликата е што сега македонските граѓани бегаат во тие држави за да уживаат во плодовите на работата што не успеале самите да ја завршат дома.

Имаме многу работа, но за почеток, мора да ја скротиме негативноста. Родителите на момчето што ја усмрти Фросина излегоа на прес и се обидоа, на скромен и болен начин, да придонесат барем нешто конструктивно во оваа приказна. Мајката, низ солзи, изрази сочувство и се понуди да биде достапна за другите родители, за што и да треба. Таткото тврдеше дека не фаќал врски. Можеби лаже, можеби не. Но, „Милојко од Долно Кајидае“ не може да го знае тоа, а, сепак, сее отров по социјалните мрежи. Полека малку.

Секоја лоша, девијантна и погрешна одлука на институциите и општеството е грешка и должност на секој од нас, без разлика дали во некој конкретен случај сме биле вклучени или не

Родителите потфрлиле во воспитувањето на тоа дете. Од кои причини, само тие си знаат. Но, тоа дете не е воспитувано само дома. Тоа дете има одено во училиште, минимум 12 години, тоа дете минувало низ системот, како образовен, така и судски. И, најважно, на крајот на денот, родителите не можат да бидат виновни за грешките на децата. Ниту, пак, децата да бидат виновни за грешките на родителите.

Грешката на момчето однесе живот и ништо нема да ја врати Фросина. Ако јавно ги линчуваме ретките родители што излегуваат пред медиумите, кој ќе се осуди да прозбори во иднина? Беа колнети пред да излезат зашто не изразиле сочувство, колнети се и сега, откако изразија сочувство. Како и да свртиш, не ќе да е до нив, туку до нас.

Нашиот бес, кој е оправдан, нема да го решиме со тоа што ќе го истуриме кон родителите, па дури ни кон момчето што ја уби Фросина. И да го затвориме во последната зандана до крајот на неговиот живот, ќе има некој нов „дечко“ што ќе биде испуштен од институциите, од општеството, од нас и ќе убие некоја нова Фросина.

Мора да инсистираме институциите да работат, но не паралелно на тоа и да ги поткопуваме. Нашето општество е само наше и најголемата закана не е однадвор, туку од самите нас. Не може нашите грешки да ги забораваме, ниту, пак, да ги припишеме на друг. Никој друг не ни е виновен.

(Сочувство до семејството на Фросина. Не требаше да биде вака.)

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија