Истражувањa

Под две години за алкохолизирани убијци на патот

Животите згаснати на асфалтот чинат од условно до две години затвор

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Возачите што биле прогласени за виновни дека одзеле живот на улиците и на патиштата најчесто добиваат условни осуди или затворски казни до една година. Толку се казнуваат невниманието, брзото возење, наглите свртувања, пресекувањето на патот и другото ризично однесување поради кое некој загинал.

Малку потешко, со казни затвор до две години, поминуваат оние што возат пребрзо и под дејство на алкохол, или што не застануваат да му укажат помош на оној што го удриле. Исклучително ретки се случаите кога изречените казни биле над две години затвор. Законски за ова кривично дело следува затвор од една до пет години.

Судовите во Македонија, во изминатите 12 месеци изрекле вкупно 48 пресуди за тешки кривични дела против безбедноста во сообраќајот со смртни последици. Ова го покажаа резултатите од пребарувањето низ судската архива за одлуки по членот 300 став 4 од Кривичниот законик. Четири биле ослободителни, 15 условни, пет биле затворски до шест месеци, 11 до една година, 11 до две години, а во две пресуди на виновниците им била изречена затворска казна од над две години.

Пресудите се ретко на радарот на јавноста

Во изминативе 12 месеци имало 48 пресуди за тешки кривични дела во сообраќајот со смртни последици

Загинувањето на 61-годишната скопјанка на булеварот Србија, додека поминувала на пешачки премин со својот сопруг и тригодишното внуче (кое било повредено) повторно ги отвори сите прашања што редовно се појавуваат во јавноста кога нечиј живот ќе заврши на асфалтот. Дали улиците се доволно безбедни, дали има доволно контроли и казни за несовесните возачи, дали сигнализацијата е соодветно поставена, дали градоначалниците или другите институции можат да направат нешто повеќе за овие немили настани веќе да не се повторуваат.

Како и во овој случај, сето тоа завршува со јавна дискусија од неколку дена, во која ќе се произнесат надлежните, загрижените граѓани и организации, можеби ќе се преземат мерки како вонредни контроли или подобрена сигнализација (градоначалникот на Скопје Петре Шилегов постави мерачи на брзината на повеќе локации) и толку.

На долг рок состојбата не се подобрува. Бројот на жртви е речиси ист во изминатите три години, според податоците објавени од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП). Во 2015 година загинале 148 луѓе, во 2016 – 165, а во 2017 – 155 лица.

Она што ретко се следи, освен во исклучителни случаи, е правната разврска на сообраќајните несреќи, која трае една или неколку години.

Условни поради вина на жртвите или семејни состојби

Невниманието на настраданите се зема како олеснителна околност | Фото: БИРН

Во 15-те условни осуди објавени во судската дигитална архива се наведени различни причини зошто сторителите не добиле построги казни. Често било утврдено дека и загинатиот имал свој удел во несреќата.

Така, гостиварскиот суд осудил возач што усмртил пешак кој поминувал на недозволено место, иако и возачот возел побрзо од дозволеното и по средината на патот, наместо во својата лента. Истиот суд ѝ изрекол условна казна на жена што удрила сограѓанка додека се враќала наназад, а една од причините била што загинатата била хронично болна.

Судот во Кичево, пак, му дал условна казна на возач што возел 87 километри на час на место каде што ограничувањето е 50 (населено место) и кој се забил со својот автомобил во возило што излегло од спореден пат. Во образложението е наведено дека и другиот возач недоволно внимавал кога излегол на главниот пат. Судот во Гостивар му доделил условна казна и на возач на нерегистриран мотор, кој удрил пешак што „невнимателно се движел по коловозот“.

Понекогаш причините се околности што немаат врска со сообраќајката. Таксист од Прилеп бил осуден условно за прегазување пешак зашто бил татко на две малолетни деца што ги издржувал со такси-превозот.

Условни казни добиваат и возачите што предизвикале сообраќајни несреќи во кои загинале нивните сопатници, најчесто членови на нивните семејства. Така биле осудени двајца возачи на кои им загинале сопругите и еден каде што жртва била неговата мајка.

И трагичниот случај од пред две години кај езерото „Младост“ во Велес, кога таксист враќајќи се наназад прегазил мало дете што со своите родители одело на свадба, заврши со условна осуда. Судот проценил дека и родителот требало повеќе да внимава на детето откако излегле од автомобилот.

Благи казни и за пијани возачи

Возачи што прегазиле пешаци и избегале во друг град добиле под една година затвор | Фото: БИРН

Иако во членот од законот се вели дека затворските казни за сообраќајки со смртни последици се од една до пет години, понекогаш се изрекуваат и помали, а како причини се наведуваат личните состојби на виновниците.

Кавадарчанец што во ноќни услови возел 92 километри на час на место каде што било дозволено 60, добил шест месеци затвор зашто удрил и усмртил човек што застанал на спротивната страна од патот и излегол од своето возило. Судот проценил дека и жртвата се довела во опасност, а сторителот бил исклучително млада личност и дека ова искуство ќе го одврати од повторување, односно ќе го натера да биде повнимателен во сообраќајот во иднина.

Скопскиот суд му доделил шестмесечна затворска казна на возач што усмртил пешак на обележан пешачки премин, а како олеснителни околности ги признал тоа што бил невработен семеен човек.

Со помали казни завршувале и случаи во кои било очигледно неодговорното однесување на сторителите. Струмичанец бил осуден на девет месеци затвор затоа што откако усмртил пешак возејќи брзо во 4.30 наутро, не само што не застанал со автомобилот, туку отишол сѐ до Скопје, каде што го оставил на паркинг и му ги извадил табличките.

Нешто потешко од него поминале двајца жители на Крива Паланка, кои биле пијани и се тркале со своите автомобили на регионалниот пат возејќи 110 километри на час. Двајцата еден по друг удриле жена што одела покрај патот, која починала. Едниот добил затворска казна од една година и шест месеци, а другиот од година и осум месеци.

На возач од Велес, кој во алкохолизирана состојба преминал во спротивната лента и удрил во друго возило,во кое загинал еден и двајца биле повредени, судот му изрекол казна од една година и десет месеци затвор. Велешкиот суд со две години затвор казнил и возач што возејќи пребрзо удрил дете што стоело на два метри од патот, а потоа избегал од местото.

Ослободен поради невнимание

Булеварот Србија е едно од најризичните места во Скопје | Фото: БИРН

И возачите чии сопатници загинале не се поштедуваат секогаш со условни казни. Гевгелискиот суд осудил возач на година и пол затвор зашто возел 103 километри на час, на место каде што биле дозволени 50, па излетал од патот и удрил во дрво, а еден патник во автомобилот починал.

Сличен е и примерот на возач што поради брзо возење излетал од патот Штип -Радовиш и двајца негови сопатници загинале. Бил осуден на затвор од две и пол години.

Највисоката затворска казна во изминативе 12 месеци ја добил возач што на локален пат во Струмичко со својот автомобил удрил во камион, усмртувајќи го својот сопатник и возачот на камионот, и повредувајќи други патници. Струмичкиот суд го осудил на три години затвор.

Меѓу четирите случаи во кои возачите биле ослободени е и тој за камионџија што возејќи над дозволената брзина на патот Куманово – Свети Николе усмртил велосипедист што бил пијан и се движел на непрописно место.

И возач што излетал од патот Велес – Штип возејќи 107 километри на час на кривина, при што загинал неговиот сопатник, бил ослободен од обвинението. Судот заклучил дека брзината од 107 километри на час не била преголема за да се совлада тој свиок, на местото немало знак за ограничување, па според тоа возачот свесно не го загрозил сообраќајот, туку можеби го сторил тоа од невнимание, односно задремал, зборувал на телефон, ја разгледувал околината, разговарал со сопатникот, палел цигара, бил зафатен со радиото итн.

Во земјава досега не се познати истражувања и анализи од стручните институции во врска со пресудите по сообраќајните несреќи, односно дали висината на казните е доволна за да ги демотивира возачите од опасно однесување во сообраќајот.

В понеделник од 18 часот е најавен протест пред Собранието под мотото „стоп за дивеењето на улиците и булеварите“. Собирот се организира преку социјалните мрежи.