Истражувањa

Бугарските “лажни” замоци не донесоа туристички бум

Откако Бугарија одвои 90 милиони евра од ЕУ за проекти за реставрација, што беше критикувано во јавноста, конзерваторите веќе се плашат од резултатите од следниот наплив на трошење, а очекуваниот туристички бум допрва треба да се случи.

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Ана Благова

“Таа плаче – тврдина што плаче”, изјави за БИРН архитект – конзерваторот Стела Дулева, опишувајќи ја белата супстанција која протекува од тазе реставрираните ѕидови на римската тврдина од 4-тиот век на Трајанови Врата во Бугарија.

“Преживеа 16 века, а сега е уништена од 2 милиони евра”, додаде таа.

Сместена на врвот на планинскиот премин помеѓу античка Тракија и Македонија, тврдината е едно од 120-те историски наследства што бугарската влада избра да ги реставрира како туристички атракции помеѓу 2011 и 2015 година, користејќи сопствени средства и речиси 90 милиони евра од Фондот за регионален развој на ЕУ, ЕРДФ.

Додека некои локалитети, како римската вила на Армира, во близина на Ивајловград, ги фалат за нивната внимателна реставрација, многу други предизвикаа потсмев за нивната претерана реконструкција и кич изглед, добивајќи прекари како “картонски замок” и “тврдина од сирење”.

Конзерваторите предупредуваат дека поголемиот дел од “реставрацијата” оштети, наместо да сочува, векови стари знаменитости, без да го привлече туристичкиот бум што се посакуваше. Дури и еден од поддржувачите на идејата сугерираше дека средствата биле злоупотребени.

Оваа година ќе биде достапна уште една европска финансиска транша, позната во Бугарија како “Оперативна програма “Региони во раст”. Во рамките на оваа транша, ќе бидат наменети најмалку 100 милиони евра за развој на повеќе туристички атракции.

ЕУ и бугарските власти им признаа на БИРН дека треба да се научат лекциите од претходната програма, но сè уште го поддржуваат последното трошење.

Експертските групи, вклучувајќи го и Меѓународниот совет за споменици и локалитети, ИКОМОС, предупредуваат дека поривот да се апсорбираат повеќе пари од ЕУ и да се направат нови доградувања на историски рушевини е “фалсификување на историјата” и “неповратно уништување на културното наследство”.

Министерот го оправда “лажирањето” како помош за туризмот

Средновековната тврдина Крака во близина на Перник ја нарекуваат „Картонски замок“ поради додатоците од полимерен бетон. Фото: Нов живот за минатото, проект за современа уметност од Димитар Солаков, 2015-2016.

Во 2011 година, владиниот план беше рекламиран како дел од новата политика за “одржлив туризам”, која ќе донесе илјадници посетители во земјата и ќе обезбеди економски раст.

Иако главно е финансирана од ЕУ, самата идеја беше дизајнирана од страна на владата, а спроведувана од Министерството за регионален развој.

Еден од најконтроверзните резултати од инвестицискиот план е тврдината Кракра во Перник.

Посетителите се збунети од ново-додадениот полимер-бетон, кој го доби прекарот “картонски замок”.

Локалната општина веќе ги објави плановите за расклопување на доградбите во 2019 година, штом ќе изминат минималните пет години од градбата, што се бара со шемата за финансирање.

Византиската тврдина Јајлата, во близина на далечното село Камен Бриаг, во меѓувреме го доби името “тврдина од сирење”, благодарение на нејзините мазни нови бели блокови во стил на Ytong градежните материјали.

Нејзината стаклена ограда и знаци, направени како дел од шминкањето од 1 милион евра, се уништени повеќе од една година.

Нашироко оспоруваната реставрација на урнатините од античкиот град Сердика, римски град под главниот град Софија, од 11 милиони евра, исто така, веќе се распаѓа.

Пуштен на почетокот на 2015 година, за време на протести дека користените цигли и малтери не ги исполнуваат стандардите за реставрација, неговиот “подземен музеј” допрва треба да се отвори.

Министерството за култура, кое некогаш жестоко го бранеше проектот, сега го тужи градежниот изведувач за “несоодветно извршување” на реставраторската работа.

Дури и еден од клучните поддржувачи на реставрацијата, професорот Божидар Димитров, починатиот поранешен директор на Природонаучниот музеј на Бугарија, минатата година сугерираше дека пари од програмата биле проневерени.

“Четвртиот неуспех (на програмата), се разбира, беше кражба”, рече тој лани во интервју за дневниот весник Дневник.

“Малку фабрикување ќе направи многу за туризмот”, рече Вехди Рашидов, тогашниот министер за култура, со славната забелешка во парламентот во 2015 година, одговарајќи на критичарите кои го обвинија за изградба на историски Дизниленд и “Скопјевизација” на бугарското наследство, мислејќи на, наголемо исмејуваната, преобразба на македонскиот главен град.

“Лажните” замоци отфрлени како сериозни атракции

Византиската тврдина Јајлата во близина на селото Камен Брег го доби прекарот „Тврдина од сирење“ благодарение на новите бели блокови од Јутонг. Фото: Владимир Руменов, март 2018.

Не се согласуваат сите дека “лажирањето” ѝ помогнало на туристичката индустрија.

Лидерите и аналитичарите во туристичкиот сектор за БИРН изјавија дека програмата немала никаков ефект.

“Да веруваме дека неколку бетонски блокови на еден метар оригинални камења ќе привлечат странски туристи, кои ја имаат цела Грција и Турција,  а малку пнатака и средновековната Европа, кои им стојат на располагање, не е сериозно”, рече Димитар Попов, бугарскиот сопственик на Пингвин Травел, со седиште во Данска, кој организира тури во Бугарија и низ целиот свет.

“Овие “лажни замоци” немаат апсолутно никакво значење за нашиот бизнис. Во најдобар случај, тие се пригодни за забава на локалните ученици”, одговори со потсмев.

Попов рече дека програмата е дизајнирана без да се земат предвид вистинските туристички барања и нејзината цел била едноставно “апсорпција на пари на ЕУ”.

Д-р Елка Дограмаџиева се согласува. Доцентот по туризам на универзитетот во Софија, која минатата година била ко-автор на документ за ефектите од средствата на ЕРДФ во туристичкиот сектор, вели: “Првичната цел на програмата не беше да се спонзорира кич. За жал, во многу случаи тоа е токму она што се случи и што ја загрози идејата за развој на туристичките атракции”.

Таа и нејзините колеги велат дека историските локалитети треба да се развиваат, но дека сегашната шема за финансирање потфрлила “во квалитет”: таа ја апсорбирала најголемата сума на пари што бугарското историско наследство ја има видено со децении, но владата не успеала да ги инвестира мудро.

“Наместо да се фокусираме на стратешки локалитети, средствата беа расфрлани меѓу многу слични проекти кои се од скромно значење за посетителите, а во некои случаи и со мала научна важност”, вели д-р Дограмаџиева.

“Потребни ви се повеќе од убави улички и патокази за привлекување луѓе. Генерално, се чини дека примарна цел на општините беше апсорпција на европските пари, наместо вистински ефект врз туризмот. ”

Влијанието на шемата е тешко да се измери, бидејќи единствениот извор на информации се сопствените извештаи на туристичките атракции – извор што ревизијата на програмата за 2015 година го смета за несигурен.

Податоците добиени преку Законот за слобода на информации покажаа дека Трајанови Врата ималa околу 40.000 туристи во две и пол години – речиси двојно повеќе од проектираните бројки.

Сепак, таа пријавила само 50.000 евра промет од продажба на билети, тури и сувенири, што е 15.000 евра помалку од нивниот бизнис план, гледано од БИРН.

Тврдината во Кракра примила 15.412 луѓе во 2016 година, но направила само 8.000 евра од продажба на билети и тури.

Меѓутоа, просечната цена на билетот е 2 евра, така што приходот не се совпаѓа со бројките.
Еден од застапниците на бумот на тврдината, професорот Димитров, вели дека најскапиот проект за реставрација, средновековната бугарска престолнина Плиска, привлекла 250.000 туристи во 2016 година.

Податоците добиени од БИРН, сепак, покажуваат дека целиот Музеј на Шумен, кој раководи со Плиска и уште три други резервати, забележал 150.000 посетители таа година – далеку помалку од 250.000.

Во Велико Трново, ново-реставрираните локации на Трапезица и Никополис и Иструм привлекле само 2.000, односно, 800 посетители во 2017 година. 

Уште два локалитети, вклучувајќи ја и популарната дестинација на Перперикон, го игнорираа барањето на БИРН за број на посетители.

Туристичката анкета, спроведена од Националниот институт за статистика, укажува на тоа дека посетителите трошеле помалку, а не повеќе, на културни активности помеѓу 2013 и 2015 година – годините кога биле отворени повеќето од овие места.

Историските локации “оштетени” со реставрација

Иако не беше финансирана од ЕУ, реставрацијата на базиликата Плиска стана симбол на бугарските „Лажни замоци“. Фото: Спас Спасов за Дневник.бг, 2015

На друго место слоеви на тули беа испаднати, оставајќи ја оригиналната структура соголена. Две амфори едвај можеше да се видат под стаклото на лошо наредените застаклени витрини.

Стела Дулева, архитект на проектот, поднесе оставка во знак на протест поради начинот на кој беше извршена реконструкцијата.

Таа поднесе претставки до надлежните органи, верувајќи дека градителите користеле поевтини материјали од спецификациите што ги барала, вклучувајќи го и цементот.

Сепак, Министерството за култура и Министерството за регионален развој, кои ги надгледуваа програмите на ЕРДФ, не утврдија никакво погрешно работење на локалитетот.
Дулева посочи цели делови на оригиналната структура, кои биле оставени незаштитени откако нејзината компанија се повлекла,  биле видливо деградирани под влијание на природните елементи.  Нејзиниот тим верува дека белите протекувања од ѕидовите се јасни знаци дека изведувачите не користеле соодветен малтер.

Двајцата експерти кои ги консултираше БИРН – шефот на Здружението на реставратори, Иван Ванев, како и Иван Ростовски, експерт од областа на градежни материјали и раководител на лабораторијата за тестирање при Универзитетот за архитектура и градежништво во Софија – велат дека белите дамки се веројатно  резултат на “дефект поврзан со несоодветен избор и примена на градежни материјали, особено кога се изложени на ладни и влажни атмосферски услови”.

Од Еуробилд Бугарија, кои беа водечки изведувач на проектот, истакнуваат дека ја смениле сопственоста по договорот за Трајанови Врата и дека не можат да воспостават контакт со никој од поранешните партнери, вклучувајќи го и раководителот во тоа време.

Исто така, истакнаа дека конкретната градба ја направила помала компанија, Дано Р и дека работата била одобрена од бугарските институции.

Користење на вакви конзорциуми е една од грешките на програмата, вели Дулева, бидејќи честопати не било јасно кој ја извршува работата.

Дано-Р негираа дека сториле нешто лошо. Тие тврдат дека делови од тврдината биле оставени “без интервенција” по совет на експерт за реставрација, за посетителите да можеле да ги видат “автентичните делови” на структурата, тврдењето кое Дулева го отфрли како “апсурдно”.

Дулева тврди дека програмата за реставрација низ целата земја била лошо испланирана и дека немало доволно експерти за реставрација за да се завршат толку многу проекти за толку кратко време.

“Во повеќето случаи, тендерот се доделуваше на најевтиниот изведувач, наместо да се зема предвид квалитетот на работата”, додава таа.

Властите тврдат дека со дополнителните средства ќе се справат со проблемите

Министерството за култура не одговори на барањата за коментари за оваа статија; Министерството за регионален развој одби да одговори на прашањата за потфрлањата во минатото, но инсистираше на тоа дека новите 100 милиони евра ќе бидат распределени поинаку.

Објаснуваат дека новите средства ќе бидат обезбедени во форма на заеми и грантови за да се осигури дека “програмата финансира економски одржливи проекти кои ќе привлечат доволно туристи … така што проектот ќе биде финансиски одржлив и ќе врати дел од инвестицијата на долг рок “.

Јавните расправи за дизајнот на проектот ќе “работат на  коментарите … во врска со “лажните реставрации” и уништувањето на автентичните споменици добиени во врска со проектите завршени во рамките на Програмата за регионален развој 2007-2013″,  додаде министерството.

Извор од Европската комисија за БИРН изјави дека проектите за реставрација “придонесуваат за локален и регионален раст во земјата”, додавајќи дека “во неколкуте случаи каде што крајниот резултат не беше според договорот, беа извршени корекции”.

“Комисијата тесно соработува со Бугарија на учењето на лекциите од периодот 2007-2013 година и на тоа средствата да се користат на најдобар можен начин”, додаде изворот.

 Овие гаранции, сепак, не се однесуваат на загриженоста на експертите како д-р Дограмаџиева, која изјави за БИРН дека новата програма страда од истите маани во дизајнот, не успевајќи да ги утврди приоритетните стратешки локалитети и да одговори на вистинската побарувачка.

И , имајќи ги предвид сите 165 бугарски локалитети од национално и светско значење кои можат да се пријават, конзерваторите стравуваат дека уште повеќе места од значење за европското наследство ќе станат “комплетно нови урнатини”.

Повиците до владата да ги прекине контроверзните проекти, како што е реставрацијата на Големата базилика на Плиска во целосно функционална црква, финансирана од државата, досега не успеаја.

“Ја нудиме нашата помош, нашата експертиза, но изгледа како никој да не слуша”, изјави за БИРН Семова-Колева од ИКОМОС. “На нас гледаат како на пречка на патот на проектите”.

Текстот е напишан како дел од Школата за истражувачко новинарство на БИРН.