За вампирите и банкарите

Банките во Македонија во 2015 година оствариле добивка од 76 милиони евра. Со тие пари можат да се изградат два современи клинички центра, или да се покријат половина од трошоците потребни за целосно бесплатно здравство.

Земал таткото вампир да го учи своето дете вампирче како се цица крв. „Си леташ така, и кога ќе видиш некој човек, ќе отидеш до него, ќе го каснеш и ќе му исцицаш малку крв. Потоа, на некој друг, па на некој трет, и така по малку од секој, додека не се заситиш.“ Детето го прашува: „Тато, а зошто цицаме само малку? Зошто не им ја исцицаме целата крв на луѓето?“. Таткото одговара: „Дете мое, па ние сме вампири, не сме банкари.“

Народна Банка неодамна ги објави податоците за билансот на успех на комерцијалните банки за 2015 година. Банките минатата година оствариле добивка по оданочување од 4,6 милијарди денари. Или, 76 милиони евра.

Дали ова ги прави полоши од вампирите, заклучете сами. Еве неколку стилизирани факти кои можат да ви помогнат во тоа.

1. Со добивката која ја остварилe банките во 2015 година можат да се изградат два современи клинички центра (клиничкиот центар кој треба да се гради во Штип беше најавен дека ќе чини 30 милиони евра). Можат да се покријат половина од трошоците кои се потребни за обезбедување целосно бесплатно здравство (трошоците за лекување кои граѓаните на Македонија ги плаќаат од свој џеб изнесуваат околу 2% од БДП, или околу 160 милиони евра).

2. Во послeдните 12 години банките оствариле добивка по оданочување од 30 милијарди денари, т.е. 440 милиони евра. Со тие пари можат целосно да се покријат трошоците за автопатите Скопје-Штип и Демир Капија-Смоквица, кои чинат 206 и 220 милиони евра, соодветно. Или, скоро целосно да се покријат трошоците за градење на хидроцентралите Чебрен и Галиште, кои се проценува дека чинат 519 милиони евра, и за кои владата со години не успева да најде инвеститор.

tabelabr

3. Приносот на капиталот на банките во 2015 година изнесувал 10.5% (капиталот на банките е 44 милијарди денари). Тоа е едно од највисоките нивоа во Европа. За споредба, во 2013 година, за која има конзистентни податоци по земји, приносот на капиталот во Македонија изнесувал 8,9%, во Бугарија, Србија и Хрватска бил негативен, во Франција бил 6,1%, во Германија 7,3%.

tabelabr1

4. Банкарските профити во 2015 година биле повисоки и од вкупно исплатените плати на вработените во банкарскиот сектор, кои биле 4,5 милијарди денари (74 милиони евра). За потсетување, платите во банкарството се едни од највисоките во Македонија. Просечната плата во банкарството за декември 2015 изнесувала околу 42.000 денари, што е скоро двојно повисоко од просечната плата во државата (23.000) и 5 пати повисоко од минималната плата (8,050).

5. Околу една четвртина од вкупните нето приходи на банките се од провизии и надоместоци. Поточно, 4,2 милијарди денари (70 милиони евра). Тоа значи дека во просек, во 2015 година, секој граѓанин на Македонија на банките им дал по 2100 денари за провизии и надоместоци за плаќања.

6. Најголем дел од нето-приходите на банките се, сепак, од камати. Нето-приходите од камати во 2015 изнесувале 14,3 милијарди денари (235 милиони евра). Во 2015 година, банките им наплатиле на своите клиенти околу 20 милијарди денари за камати на кредити, а им платиле на штедачите само 5,6 милијарди денари. Разликата помеѓу каматната стапка која банките им ја наплаќаат на своите клиенти и стапката која банките им ја плаќаат на штедачите во декември 2015 изнесувала 4,6 процентни поени. Или, просечната каматна стапка која банките им ја плаќаат на штедачите изнесувала 1,9%, а просечната стапка која им ја наплаќале на клиентите изнесувала 6,5%.

7. Најголемите три банки во Македонија поседуваат околу 70% од вкупните средства во банкарскиот сектор, а најголемите 5 – околу 85%. За споредба, учеството на трите најголеми банки во Бугарија изнесува 63%, во Албанија 57%, во Србија 45%, во Франција 30%, во Италија 25%.

tabelabr2

8. Банките во Македонија имаат вишок на ликвидност, т.е. заштедите кои граѓаните ги чуваат кај нив ги надминуваат кредитите кои банките ги даваат. Вишокот на ликвидност банките го пласираат кај Народна Банка. Така, кај Народна Банка има пласирано околу 25 милијарди денари во благајнички записи (веќе неколку години наназад) и 9 милијарди денари во 7-дневен депозит. На благајничките записи банките остваруваат камата од 3,25%. На 7-дневниот депозит, 0,5%. Тоа значи дека само заради ова паркирање на овие 550 милиони евра кај НБРМ, банките остваруваат приход од околу 15 милиони евра.

Вампирите не постојат. Банките, да. И ќе постојат, сè додека постојат парите. Треба да им служат на луѓето, а не да им ја пијат крвта.