Не сум од оние што читаат партиски предизборни програми. Дури и да не мислам (а мислам) дека станува збор за исклучително здодевна литература, самиот факт дека партиските предизборни програми, според моите сознанија, се пообемни од 200 страници е доволна причина да се откажам од нив пред воопшто да помислам дека би било во ред да се запознам со политичките насоки на претендентите за носители на политичката власт.
Звучи претенциозно, ама навистина не морам да читам. Нема што да читам, знам што ќе напишат. Тоа се нарекува искуство.
Од истите причини ги избегнувам и телевизиските реклами. Шуќур, технологијата ни дала стотици телевизиски програми и еден далечински управувач, така што со големо задоволство ги користам технолошките придобивки на замена на ТВ-канали во случај на предизборни дебати, а особено во случај на предизборни реклами.
Педесет милиони… што?
Но, се чини дека ниту јас не можам во целост да се оградам во некаков балонски карантин и да останам имун на општата медиумска предизборна пандемија. Виновно е радиото! Него го слушам во автомобил. И додека возам не сум баш во концентрација да шетам по радиостаниците. А сите имаат „платена политичка програма“.
Значи, гласот на лидерот на најголемата опозициска партија од звучниците во автомобилот ми порачува: „Јас сум Христијан Мицкоски и се обврзувам на педесет милиони евра директна помош за културата“ или нешто слично. Истовремено бев фасциниран, а и се насмевнав на оваа порака. Од неколку причини.
Фасциниран бев затоа што културата воопшто се споменува. Општо е познато дека културата не е изборна „стока“, односно дека, според моја проценка, од државните пари во културата зависат максимум околу пет или шест илјади луѓе во целата држава, а тоа не е некаков гласачки корпус од кого можат да се црпат некакви пресудни гласови за нечија победа. На крајот на краиштата, можеби и на луѓето во културата им се поважни и некои други приоритети во уредувањето на државата, освен парите што ќе ги добијат од неа.
Според моја проценка, од државните пари во културата зависат максимум околу пет или шест илјади луѓе во целата држава, а тоа не е некаков гласачки корпус
Фасциниран бев и од идејата дека во Македонија е доволно само да се споменат пари за да се докаже некаква „сериозност“ во спроведувањето на политиките.
Повозрасните се сеќаваат на „милијардата на Циле“, односно на ветувањето на Демократската алтернатива на Васил Тупурковски за „директна инвестиција од една милијарда долари“, на чии крила таа 1998 година, не само ДА, туку и ВМРО-ДПМНЕ за првпат дојде на власт. Нема тука да споменувам какви сѐ консеквенции за земјата донесе исполнувањето на ова ветување. Оние што не помнат или не знаат што се случуваше тогаш, вклучувајќи го и вооружениот судир од 2001 година и откажувањето на мисијата на УНПРОФОР, молам, нека се распрашаат. Предолга е таа приказна за овој текст.
Сепак, мантрата на Васил Тупурковски околу тоа дека треба „прецизно“ да се изнесуваат цифри што некоја влада ќе ги вложи во која било област остана правило за секоја предизборна кампања на ВМРО-ДПМНЕ. Плус збогатена и надградена со „рачна работа“ и со рокови за исполнување на оваа работа. „Ќе го изградиме тоа и тоа до тогаш и тогаш со толку и толку пари“.
Без, се разбира, да се наведат главните стратешки правци на државата во следниот период. На пример, како ќе се реформира судството. Или како ќе се позиционира Македонија во регионот, а и пошироко. Дали урбаната мафија ќе биде главниот извор на растот на бруто домашниот производ? Која насока ќе ја фати сѐ поважната дипломатија? И така натаму.
Во таа смисла, насмевката од споменатиот џингл на ВМРО-ДПМНЕ е токму од фактот што не беше кажано каде и како конкретно ќе бидат потрошени тие педесет милиони евра. Велам, не ја читав програмата, ама ако се планира со нив да се изградат, на пример, педесет театри, тогаш Мицкоски сигурно ќе кажеше дека се обврзува да изгради педесет театри, а не дека тој ќе „даде“ педесет милиони евра.
Стратегија без стратегија
Вака срочениот рекламен спот мене лично ми кажува дека, освен пари, не постои никаква културна стратегија ниту во евентуалната нова влада. Што значат тие педесет милиони евра? На крајот на краиштата, за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ со Никола Груевски, историски гледано дадени се најмногу пари за културата. И што?
Направени се спомениците за „Скопје 2014“ и објавени се оние силни едиции на преводи од типот на „Ѕвездите на светската книжевност“ за кои никој повеќе не знае каде се наоѓаат илјадниците отпечатени примероци и некои слични будалштини. Стана ли книгата подостапна до македонскиот читател или македонската книга до странскиот?
Направивме ли некој посериозен пробив во светот со нашето вајарство? Се приближивме до светските тенденции во елитното или популарното творештво? Не, се разбира. Затоа што за такви исчекори не се доволни само пари. Потребна е и долгорочна стратегија. Во спротивно, Кувајт или Саудиска Арабија би имале најжива културна сцена во светот.
Се создава некаква музика, која не стасува до слушателот. Се сликаат некои слики, а нема соодветни изложбени простори
Што се однесува до мене, лидерот на опозицијата можеше да каже или да запише во својата програма дека ќе даде „директна помош“ и петстотини милиони или пет милијарди евра за културата. Тоа е сосема сеедно, ако не постои план што да се прави со тие средства. Или, што е уште полошо, ако постои лош план за употреба на тие средства.
Дали, како што нѐ учи искуството, тие средства ќе бидат искористени за „награда“ на подобните или што е уште поверојатно за казнување на неистомислениците? Или ќе бидат искористени за форсирање на градежната оператива? На пример, да се изгради „постара и поубава“ Универзална сала. Токму како што го изградивме „постариот и поубавиот“ Македонски народен театар.
Не можам да се ослободам од чувството дека културата е систематски уништувана („замрачена“, што би рекла белградската актерка Елисавета Сека Саблиќ) уште од осамостојувањето на државата. Паралелно со „бркањето“ од медиумите („не сака народот култура, туку забава“), таа е отстранета од јавниот простор. Се снимаат некакви филмови, а не постојат киносали за нивно прикажување. Се објавуваат некакви книги, а не постојат книжарници за нивно продавање.
Културата не постои или е маргинализирана во образовниот систем. Се создава некаква музика, која не стасува до слушателот. Се сликаат некои слики, а нема соодветни изложбени простори. Критичката мисла е во длабока илегала. За некои дела се дознава по принципот „уста на уста“, најчесто преку социјалните мрежи. За други никогаш не се дознава.
Не толку одамна, за еден критички и јавно верификуван роман, авторот можеше да си купи автомобил. Денес нема кој, ниту јавно, ниту критички да го верификува. А со парите од романот, авторот не може да си купи ни радио за автомобил. Ако ништо друго, тогаш барем да го слуша Христијан Мицкоски како ќе даде „директна помош“ од педесет милиони евра. Сума отприлика доволна да ги покрие режиските трошоци на постоечките гломазни културни институции, направени токму од парите за култура.
Спаѓам во оние луѓе што сметаат дека парите во културата не се проблем. Пари има – нема памет. Или има памет за да нема култура. Ама тоа е веќе некоја друга тема.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија