И јас сум за демократија, ама каква е таа демократија кога тие се непослушни!
Да го имаше Џевад Нимани, тогашниот претседател на Претседателството на тогашната САП Косово, сенсот на, да речеме, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Никола Груевски, никогаш немаше да му телефонира на тогашниот директор на ТАНЈУГ и да извика: „Кој е тој Ројтерс? Запрете го тој Ројтерс“. Не! Ќе кажеше само да се пренесе текстот од Ројтерс. И, да, да се редактира (читај: релативизира).
Легендата вели (а фактите тоа го потврдуваат) дека во далечната 1981 година, тогашниот југословенски печат имал јасни насоки како да го релативизира бунтот на косовските Албанци („шака незадоволни студенти се побуниле против храната во студентската менза“), но Ројтерс ги немал тие упатства и веста за „контрареволуцијата“ се пробила во светот. Наспроти залагањето на Нимани.
Значи, да го имаше Нимани сенсот на сегашните политички елити, државната новинска агенција ќе го пренесеше текстот на Ројтерс и ќе го презентираше како признание на светот за развојот на демократските процеси во земјата, како голема победа на политиката на братството и единството и како широка народна волја за задржување на статус квото.
Да го имаше тој сенс некогашниот политички врв на СР Македонија немаше да го запира објавувањето на деталите на „Вевчанскиот случај“ од 1987 година и да ги напаѓа новинарите што известуваа за полициската интервенција во весниците од другите републики. Не! Ќе кажеа да се пренесат текстовите од словенечко „Дело“, белградските „Борба“ и „Вечерње новости“, црногорската „Побједа“… И, да, да се редактираат. Да, ќе излезеа тогаш текстови во овдешниот печат дека Македонија е лидер во регионот по водоводни инвестиции, дека народот ќе одлучи дали ќе се гради водовод меѓу Вевчани и Октиси, дека власта ги слуша барањата на локалните жители… Иако, за волја на вистината, некои тогашни изјави како да ги предвидуваа времињата во кои денес живееме.
Реченицата „И јас сум за демократија, ама каква е таа демократија кога тие се непослушни“ што наводно ја изрекла Уранија Нина Поповска, тогашна претседателка на тогашниот Извршен совет на општина Струга, признаваме дека и денес може мошне успешно да се преведе во веќе фамозната изјава на Груевски: „Народот ќе одлучи“.
Има безброј примери од сегашната новинарска и останата практика што евоцираат спомени на „едноумното“ запирање на Ројтерс, но еве само неколку што се директен повод за овој текст. Прво што ми паѓа на ум е лицитирањето со цифрите за фантомските гласачи на Единствениот избирачки список. „Шок во СДСМ. ‘Спорни’ само 75.000 гласачи“ е еден од типичните наслови што можеа да се прочитаат на оваа тема. Да бидеме искрени, навистина е шокантно да имате 75.000 „непостоечки“ гласови, но, се разбира, не во смислата во која овој наводен податок се појавува во текстот. Имено, тука оваа бројка е маргинализирана и „крунски доказ“ за анонимниот автор на текстот дека, без оглед на изборните криминали, ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе победел на претходните избори, бидејќи разликата била поголема од бројот на спорните гласачи.
Реченицата „И јас сум за демократија, ама каква е таа демократија кога тие се непослушни“ што наводно ја изрекла Уранија Нина Поповска, тогашна претседателка на тогашниот Извршен совет на општина Струга, признаваме дека и денес може мошне успешно да се преведе во веќе фамозната изјава на Груевски: „Народот ќе одлучи“
Според оваа логика, ако направите, на пример, пазар од 2.000 денари во „Рамстор“ и притоа украдете паштета од 50 денари, тоа не е криминал, бидејќи сте направиле поголем промет и сте оставиле поголема добивка на „Рамстор“ отколку што била штетата од кражбата. Иако, се разбира, изборниот криминал не го изедначуваме со кражба по самопослуги. Ситните кражби драстично се казнуваат. Сетете се само на оној несреќникот од Велес што „заработи“ три години затвор за украдени стотина ќебапи.
Во меѓувреме, цифрата на „спорни“ гласачи кај владините медиуми нарасна на 120, па на 135.000, а на колку ќе се задржи – останува да се види. Иако квантитетот (а не квалитетот) секогаш бил главната ставка на партијата на власт, ни растењето на „спорните“ не ги менува тезите за релативизирање на криминалот („Тоа порано никому не му пречеше“). При што, секако, се заборава да се каже дека Изборниот список во 1990 година, при отприлика ист број население, изнесуваше нешто над милион и триста илјади гласачи.
Иако во принцип броевите не трпат релативизација, сепак своевидна „лицитација“ издржа и бројот на присутните на отчетот на Никола Груевски. Без оглед што салата „Јане Сандански“ во Скопје се наполни со луѓе донесени со автобуси од цела Македонија или можеби токму затоа, Груевски ја искористи приликата да каже дека тоа е народ, а не фантомски гласачи. Од друга страна, протестирачите против одлуката на Уставниот суд за помилување на починителите на изборен криминал, иако беа побројни од публиката на отчетот, се наречени „приватна партиска забава“.
Сепак, да бидеме искрени, постои некоја нервоза на владејачката партија во однос на информирањето, па наспроти усовршената формула за редактирање на вестите, некој од врвот на ВМРО-ДПМНЕ се потсетил на легендарниот потег на Џавид Нимани, па се обидел да го повтори.
Станува збор за бројчаникот на Македонската академија на науките и уметностите со кој во реално време се мери големината на македонскиот јавен долг. Не издржа овој бројчаник ни еден ден, а некој од партијата се сети дека ваквото информирање ќе им „штети“ на сеопштите напори за доброто на народот. Лесно ми е да замислам како некоја нервозна рака го крева телефонот и вика во слушалката „Кој е тој МАНУ? Запрете го тој МАНУ“. И МАНУ се запре.
Но, како и во случајот со славниот претходник Ројтерс, работите не одат баш така лесно. Ако власта може да го запре МАНУ (иако не е најјасно како?), тогаш не може да го запре Гугл. Остана тој бројчаник некаде во виртуелниот простор, па на овдешните „махери“ не им беше тешко да ја пронајдат таканаречената „кеширана“ верзија и бројчаникот пак да заживее во видливиот виртуелен простор.
Или со други зборови: и владејачката партија е за демократија, „ама каква е таа демократија кога тие се непослушни“?