Анализи

Што купи ВМРО-ДПМНЕ во Вашингтон?

Автори: Курт Басуенер и Тоби Вогел | Balkan Insight | Сараево и Брисел

Никола Груевски и Џо Бајден во Вашингтон / Фото: МИА

Никола Груевски и Џо Бајден во Вашингтон / Фото: МИА

Посетата на Никола Груевски на Вашингтон на 11 јануари беше комплетен успех. Потпретседателот Џо Бајден му одржа лекција на македонскиот премиер за потребата од слободни и фер избори и за соодветна истрага за скандалот со прислушувањето кој ја засенува политиката во земјата веќе една година. Сепак, од овој состанок излезе фотографија на која Груевски сo државничко држење стои веднаш до вториот најмоќен човек на слободниот свет.

Груевски требаше да се повлече за да се формира техничката влада во пресрет на предвремените избори предизвикани од скандалот. Но, поважни беа фотографиите, отколку зборовите.

Средбата, за која Стејт департментот потврди дека е на барање на македонската страна, барала сериозно лобирање за да се одржи. Таа се случи веднаш по потпишувањето на договорот меѓу партијата на Груевски, ВМРО-ДПМНЕ, и неодамна воспоставената група Дашел, фирма за лобирање основана од страна на лидерот на мнозинството во Сенатот на САД, Том Дашел (демократ од Јужна Дакота).

Во првичниот договор со ВМРО од ноември 2015, до кој дојде македонската телевизија Алсат, Групата Дашел предложила таква средба помеѓу Груевски и Бајден, како и интензивно поврзување со Конгресот на САД, со Стејт департментот, со Националниот совет за безбедност и други официјални институции.

Договорената фотографија на Груевски со Бајден беше најзабележливиот елемент од интензивната кампања на ВМРО во пресрет на предвремените избори, сега веќе закажани за 5 јуни.

Во Европа, оваа кампања беше многу помалку интензивна и колку што сме информирани, се спроведува исклучиво преку дипломатски и политички канали, а не преку професионални лобисти. ВМРО очигледно смета дека креаторите на политиките во ЕУ не мора толку да се убедуваат во зборовите на Груевски.

Груевски и Поповски за време на посетата на Вашингтон / Фото: МИА

Груевски и Поповски за време на посетата на Вашингтон / Фото: МИА

Во последните неколку месеци во САД, ВМРО постигна договор и со други компании од Вашингтон – New Partners Consulting, Inc. и Global Security and Innovative Strategies LLC, GSIS.

Вкупната вредност на овие договори достигна речиси 1,7 милиони годишно. New Partners, чијшто договор вредеше 54 илјади долари месечно, пријави во американското Министерство за правда, дека договорот со ВМРО-ДПМНЕ се откажува на 31 јануари, само неколку дена откако Груевски поднесе оставка.

Ваквите лобистички врски не е вообичаено да одат преку политички партии. Почести се случаите нив да ги договараат владите, како во случајот со главниот српски ентитет во Босна, Република Српска.

Деталите во овие договори се јавно достапни информации, благодарение на Актот за регистрирање на странски агенти, ФАРА, според кој сите кои претставуваат странска влада или интерес мораат да се пријават во Министерството за правда, да ги поднесат нивните договори и да поднесуваат редовни детални извештаи, вклучувајќи опис на природата на застапувањето, кој ќе работи на таа сметка, платените износи и работата што ја извршуваат за странскиот клиент.

Пријавените договори содржат и јавни записи за телефонските повици, состаноците и електронските писма – вклучувајќи ја и темата за која се разговарало. Ова на јавноста ѝ дава значителни информации околу тоа како лидерите на странските земји (или други групи на интерес) се претставуваат себеси и како сакаат да бидат претставени во Соединетите Американски Држави.

Вреди да се нагласи и дека во ниеден поднесен договор од ВМРО-ДПМНЕ не се спомнуваат тековната политичка криза во Македонија, Договорот од Пржино или пак, предвремените избори. Наместо тоа, како што и би се очекувало во односите со јавноста, пријавените договори јасно ја одразуваат намерата да се акцентира позитивното.

Групата Дашел нотира приоритети како економската клима и членството во НАТО, и советува пораките на ВМРО да се спакуваат така што да се адресира „безбедноста како императив, економијата како императив и демократијата како императив” со цел да се „подигне вашиот профил и да ви се помогне да ги реализирате вашите политички цели и заложби”.

Посветеноста на македонската војска во операциите на НАТО во Авганистан се продава како главен адут. Оваа тема повторно се акцентира во договорот ГСИС, во кој под политичка активност која треба да се спроведе за да се оствари влијание се наведува: „Едуцирање на владините службеници на САД за поддршката од ВМРО-ДПМНЕ за неодамнешните безбедносни чекори и нивните напори да ги поддржуваат Соединетите Американски Држави во глобалните безбедности прашања”. За Западот кој е фиксиран на стабилноста, ова изгледа како добар совет за односи со јавноста.

Средбата на Груевски со Бајден изгледа дека имаше и други ефекти. Во пресрет на средбата, беа објавени разни статии наменети за публиката во Вашингтон во кои беше нагласен интересот на Западот за реизбор на Груевски, критикувајќи ја „поранешната комунистичка” социјал-демократска опозиција и поттикнувајќи ги западните влади да ја поддржат со раширени раце македонската Влада која се нашла под притисок од миграциската криза.

Илустрација на текстот на Џејсон Кац објавен вчера во „Вашингон тајмс“

Илустрација на текстот на Џејсон Кац објавен вчера во „Вашингон тајмс“

The Hill и The Daily Caller објавија вакви статии напишани од Стефан Бланк, аналитичар за надворешна политика, како и од ЈД Гордон и Џејсон Кац, двајца професионалци за односи со јавноста кои немаа никаков претходен профил за балканските прашања (иако Гордон неодамна има пишувано и за црногорската Влада – многу покритички, отколку за македонската).

Кац е регистриран странски агент кој има работено долго за Владата на Азербејџан, диктатура која е редовно критикувана за кршење на основните права и слободи. Бланк зад себе има долга листа на статии, главно фокусирани на Русија, вклучувајќи неколку во последната година околу влијанието на Русија на Балканот. Сите тројца ги опишуваат Груевски и ВМРО-ДПМНЕ како про-западни, а Зоран Заев и опозициските социјал-демократи како „поранешни комунисти” или руски приврзаници. Ова се коси со руската изјава дека протестите во Македонија минатата година, беа обид на Западот да се „смени режимот” или „обоена револуција”, како и со описот на настаните кој самиот Бланк го даде во февруари 2015.

„Ниедна вистинска демократија не толерира ваква политичка корупција“, напиша Гордон воThe Daily Caller. Ова не се однесуваше на владиното прислушување туку на заканите на опозицијата дека ќе ги бојкотира изборите, кои во тоа време беа закажани за април.

Прашани директно, Гордон, Кац и Бланк рекоа дека не биле платени да ги застапуваат ВМРО-ДПМНЕ, македонската Влада или пак, некои други кои ги застапуваат нивните интереси. „Никој не ме плати“ беше краткиот одговор на Бланк.

Кац одговори дека неговиот нов интерес произлегува од „геополитичкиот став на САД за надворешната политика“. Гордон одговори: „Македонија го привлече моето внимание минатата година со мигрантската криза и потоа уште повеќе кога премиерот Груевски го посети потпретседателот Бајден во Белата куќа пред неколку месеци“.

Од разговорите во Вашингтон / Фото МИА

Од разговорите во Вашингтон / Фото МИА

Ваквите текстови направија многу повеќе за видливоста на Груевски во Вашингтон отколку компаниите кои се платени за нивната работа.

Средбите на Груевски со европските лидери, пак, беа многу подискретни, но можеби суштински попродуктивни, со оглед на тоа дека Eвропа не беше наклонета да ја критикува неговата Влада, тенденција дополнително засилена со мигрантската криза.

Во Европа, Груевски и неговата партија зависат помалку од лобистите, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е членка на Европската народна партија, ЕПП, чадор-група на европската централна десница.

Секојпат кога лидерите од ЕУ ќе се сретнат во Брисел – најмалку четири пати годишно, а обично и почесто, ЕПП одржува одвоени средби со сите лидери на партии, со оние од ЕУ, но и со оние надвор од ЕУ. Тука се вклучени германската канцеларка Ангела Меркел, претседателот на Комисијата, Жан Клод Јункер, претседателот на Советот, Доналд Таск, и бројни други демохристијани на високи позиции.

Овие собири се совршена можност за непланирани, билатерални средби. Нивниот приватен карактер беше важен во времето кога Јункер и Меркел не беа расположени да се сретнат со Груевски во јавност, веднаш по објавувањето на прислушуваните материјали на почетокот од 2015 година.

Овие блиски врски можеби одиграа улога во очигледната неподготвеност на лидерите на ЕУ и високите претставници од земјите-членки да го критикуваат Груевски. САД изгледаа построги кон Груевски отколку Европејците во нивните интензивни напори зад сцената, предводени од Европската комисија, да посредуваат во македонската политичка криза.

Како и да е, благодарение на очигледните недостатоци на европските процедури за транспарентност, може само да се шпекулира дека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ќе зависат помалку од професионалното лобирање во Брисел, Берлин или каде било во Европа, отколку во Вашингтон. ЕУ, колку што им е познато на авторите, како и нејзините поединечни земји-членки, немаат ништо слично на ФАРА во смисла на нејзината транспарентост и детали.

Лобистите би требало да се запишуваат во заедничкиот регистар за транспарентност кој го одржуваат Европската комисија и Европскиот парламент, но тоа запишување е доброволно. [Во тек се преговори за овој регистар да стане задолжителен, и веќе и сега, Парламентот не издава дозволи за пристап на лобисти или други организации кои не се регистрирале.] Освен тоа, регистарот за транспарентност бара многу малку информации од 25.000 лобисти за кои се смета дека работат во Брисел со полно работно време.

Од нив не се бара да ги откријат деталите од нивните договори, како што се бара со ФАРА во случај на странски агенти. Она што лобистите го прават за нивните клиенти и колку добиваат од нив останува добро чувана тајна во Брисел.

И покрај тоа, изненадува фактот што, според регистарот, никој во ЕУ не лобира во име на македонската Влада или во име на ВМРО-ДПМНЕ, иако Македонија е земја кандидат за членство уште од 2005 година која го декларира зачленувањето во ЕУ како највисок национален интерес.

Лобист со блиски врски во соседството на ЕУ, вели дека владите од Западен Балкан, со одредени исклучоци, не ја сфаќаат потребата од застапување.

„Овие земји имаат амбасадори (во Брисел), но не се поврзани со ниедно трговско здружение, немаат никого во земјоделството, во смисла на здруженија на работодавачи – едноставно не се `поврзани`“, вели тој.

Македонските опозициски социјал-демократи, СДСМ, немаат застапници ниту во Вашингтон ниту во Брисел. Се чини и дека членството на СДСМ во Партијата на европски социјалисти сè уште нема донесено такви бенефиции како што има членството на ВМРО-ДПМНЕ во ЕПП, бидејќи централната левица не е на власт во повеќето земји-членки.

Што се однесува до тоа какво влијание имаат напорите за лобирање на ВМРО-ДПМНЕ, тоа можеби навистина ќе се види кога тековната политичка криза во Македонија ќе се разгори следниот пат – на пример, ако изборите закажани за 5 јуни се одржат без учество на СДСМ, или ако има кредибилни тврдења за измама.

Политиките на ЕУ, особено откако ескалираше мигрантската криза, се фиксираат пред сѐ на стабилноста како приоритет. Договорот меѓу Македонија, Србија, Хрватска и Словенија да се сопре протокот на мигранти може да ги придуши критиките на ЕУ кон македонската Влада, како што веќе направи со многу поголемата Турција. Улогата на Америка како чувар на демократските вредности, може на крајот да биде одлучувачка.

Текстот е објавен на „Балкан инсајт