Затворање на отворените врати

По големиот успех на филмот „Медена земја“, Градот Скопје реши да именува една киносала со името на филмот и да направи еден мурал со мотиви од филмот, а Општина Лозово реши да именува улица по филмот и да изгради споменик во облик на пчела.

Оваа замислена ситуација, иако изгледа гротескно, не е толку невозможна. Всушност, ако се суди по сфаќањето на овдешната власт на сите нивоа и во сите суверени времиња околу тоа што е поддршка на културата и како таа се манифестира.

Ваква можност на изразување почит кон успехот на филмот „Медена земја“ ми дојде на памет, не само поради најавените социјални мерки (реновирање на куќата на Атиџе Муратова, нејзино вработување, платено патување за Холивуд, вработување…), кои секако се за поздравување, меѓутоа сепак се секундарни во однос на она што е културен приоритет, а тоа е афирмација и поддршка на живата култура и овозможување посериозни егзистенцијални стандарди за авторите и уметниците.

Колешката Марина Костова, на една телевизиска емисија, токму по повод успехот на „Медена земја“ рече отприлика дека треба да бидеме шутраци за да не ги искористиме отворените врати што ни ги овозможи „Медена земја“. Се разбира, нема да влеземе низ тие врати само со социјалната помош за главните протагонисти на „Медена земја“. Таа е само секундарна последица на популарноста на филмот и нема да овозможи натамошен напредок на овдешната филмска уметност. Со други зборови, голема е шансата да си останеме – шутраци!

Сепак, не ја замислив оваа гротескна утопија само поради актуелната популарност на „Медена земја“. Повеќе на ова ме наведе неодамнешната информација дека Градот Скопје ја повлекува својата поддршка на манифестацијата (и наградата) „Роман на годината“.

Наградата „Роман на годината“ му оддава многу поголема почест и почит, на ликот и делото на авторот на првиот македонски роман, отколку што тоа може да го направи каков било мурал! Или кој било споменик

Бидејќи сум директно инволвиран во организирањето на оваа манифестација уште од нејзините почетоци (1999 година) па до денес, а со оглед на фактот дека Фондацијата „Славко Јаневски“, која ја доделува оваа награда, не доби никакво официјално образложение, се обидов да разберам со што е мотивирана ваквата одлука, која наградата и буквално ја става под знак прашање.

Едно од образложенијата што стасаа до мене беше дека Градот Скопје ќе ги пренамени парите што биле наменети за „Роман на годината“ за одбележување на стогодишнината од раѓањето токму на Славко Јаневски: ете, почнале подготовките за сликање мурал на некој од скопските ѕидови, ќе се именува улица со името на Јаневски, ќе се именува библиотека со името на Јаневски… Но, „Романот на годината“, според луѓето од Градот, не го отсликува јубилејот на оваа македонска величина.

Велам, лично сум инволвиран во организацијата и доделувањето на наградата „Роман на годината“, како и во Фондацијата „Славко Јаневски“, па со цел ризик моите ставови да бидат разбрани како субјективни, ќе кажам дека наградата „Роман на годината“ му оддава многу поголема почест, па ако сакате и почит, на ликот и делото на авторот на првиот македонски роман, отколку што тоа може да го направи каков било мурал! Или кој било споменик! Знаете зошто?

Затоа што „Романот на годината“ е жив споменик на делото на Јаневски. Тој е показ за живеењето на неговото наследство, за неговото надградување и негово усовршување. Тоа е признание кое по својот формат се обидува барем делумно да ги надополни празнините на нашата културна политика, кажани малку погоре: да помогне во афирмацијата на културната (во случајов книжевна) продукција и барем малку да го подобри егзистенцијалниот статус на квалитетните автори.

Годинава на конкурсот за оваа награда стасаа 38 романи. Ќе признаете, завидна продукција и за поголеми култури од македонската. Голем дел од авторите што конкурираа одамна се влезени во категоријата „живи класици на македонската литература“, но, исто така, голем дел се и неафирмирани имиња, кои во македонскиот загаден животен простор и тешко можат да најдат друг начин на експонирање на сопственото дело, освен преку алтернативните форми, токму како што е тоа „Роман на годината“.

Во целосно нехармоничен град и во целосно нехармонично општество, илузорно би било да се очекува напор за хармонизирање на културата и културните вредности

Да се разбереме, немам ништо против именување улица со името на Славко Јаневски. Ниту да се именува библиотека со неговото име. Напротив. Тоа мораше одамна да се случи. Наместо тоа, нашата држава го лустрираше. И него, како и други значајни македонски творци.

На крајот на краиштата, суверено право е на Градот Скопје да ги распоредува средствата според приоритетите што си ги поставиле и сосема легитимно е во тие приоритети да не биде „Романот на годината“.

Ако овој град и ова општество сметаат дека оваа награда треба да згасне токму во „годината на Славко Јаневски“ и тоа е во ред. Впрочем, во целосно нехармоничен град и во целосно нехармонично општество, илузорно би било да се очекува напор за хармонизирање на културата и културните вредности.

Или, да ја парафразирам колешката Костова, ние сме шутраци штом ги затвораме вратите што ни ги отвори токму Славко Јаневски.