„Здравей“ за фактите

Многумина се загрижиле што сум го критикувала ставот на поранешниот премиер Владо Бучковски за заедничка прослава на Илинден, но не и таквата заложба на актуелните Заев и Борисов. Заклучокот го засноваат врз текст од пред 11 години и врз него градат суд околу мојата „еквидистанца“ кон двете заложби.

При тaа површнa споредба, фактите никаде ги нема: издвоени се и од времето и од контекстот кога се случиле. А во тие „детали“ се крие клучната РАЗЛИКА. Да може времето да се врати, и да сме повторно во летото 2006 година, и сведоци на истите настани, јас уште еднаш жестоко ќе ја искритикувам заложбата на Бучковски за заедничка прослава на Илинден.

Од истите причини заради кои ја критикував и тогаш. Затоа што таа беше промовирана непосредно по скандалозните провокации на 18 април 2006, иницирани од бугарски националисти на одбележувањето на 91- годишнината од смртта на Јане Сандански.

Да може времето да се врати, и да сме повторно во летото 2006 година, и сведоци на истите настани, јас уште еднаш жестоко ќе ја искритикувам заложбата на Бучковски за заедничка прослава на Илинден

Македонците во Бугарија беа дочекани пред неговиот гроб покриен со бугарско знаме, со транспарент „Македонија е бугарска“ и со куп негаторски пароли за Македонија. Тоа беше повод истиот ден нашето Министерство за надворешни работи да го повика бугарскиот амбасадор во Македонија, Михо Михов, за да му изрази устен протест и да побара објаснување за инцидентот во Рожен.

Тогашниот македонски амбасадор во Софија, Абдурахман Алити, кој со своето присуство на гробот на Сандански лично се увери во „добрососедската атмосфера“, реагираше со негова изјава: „Тоа не им служи на чест на тие што ја истакнале (паролата- н.з). Тоа е најлош начин да се одбележи некој датум врзан за личност што потекнува од македонскиот народ. Ние немаме против и Бугарите да го одбележуваат, но не е добро во таа пригода да се истакнуваат шовинистички пароли!“

По овој инцидент, со денови следеа и други провокаторски реакции и одгласи. Во таква атмосфера, на заедничката прослава на Илинден, посакувана од Бучковски, ѝ се закануваше „реванш“ на домашен терен, кој можеше да придонесе единствено за натамошни тешки поларизации. Стравувањето од такво „сценарио“, го зајакна уверувањето дека времето не е зрело за таков чин.

И не само во 2006 година. На 1 јануари 2007 година Бугарија стана членка на ЕУ, но ни во пролетта истата година чествувањето на Сандански не помина во европски дух. На оние кои сакаат да ги истражуваат архивите, им го посочувам текстот „Македонците од Бугарија ја одбележаа 92- годишнината од загинувањето на Сандански“, (Утрински весник, 22 април 2007), кој сведочи како продолжило чествувањето во Рожен.  Ви пренесувам дел од него.

„’Се обидов да кажам некој збор за Јане Сандански, но еден од бројните агенти во цивил ме зграпчи и ме тргна настрана. Околу сто полицајци имаше околу гробот на Сандански, запаливме свеќи и се вративме’, изјави Јордан Костадинов, претседател на ОМО ‘Илинден’. Десетина километри подолу, во градот Мелник, пред споменикот на Сандански, исто така беше напнато и имаше силно полициско присуство. ‘Ова што се случува тука во Мелник е за срам и резил на Бугарија и Европа. Од полицијата не можеме да празнуваме. Ни забрануваат да положиме цвеќе на споменикот на Јане Сандански’, изјави Ицо Балџиев, Македонец од селото Беласица. На патот дотаму им биле одземани личните карти, а на автобуските превозници им се заканувале со одземање на лиценците за работа, поради што многу од Македонците се откажале од присуството на одбележувањето. ‘Пред два дена добивме писмена наредба дека ни е забрането да организираме собир за одбележувањето на годишнината од смртта на Сандански’, изјави Ангел Георгиев од Петрич. На чествувањето на 92-годишнината од смртта на Сандански не присуствуваше официјална македонска делегација“, завршува текстот.

Така беше пред десетина години, во времето кога Бучковски, освен желба, не понуди никакви други политички потези и докази кои би ја зацврстиле проценката дека заедничкaта прослава на Илинден би била можна во релаксирана атмосфера, наспроти тогашната зовриеност.

Како е денес? Иако бавно и по принципот „падни-стани“, состојбите подоцна сепак почнаа да бележат напредок. Најголем придонес во тоа имаа Академиите на науките во двете земји, кои ги направија првите чекори кон спуштање на тензиите, преку третирање на прашањата од историјата на научно ниво.

Секако, тоа не ги стивна гласовите на одредени националисти, но за волја на вистината, дури и сочните изјави на еден Божидар Димитров во Бугарија сѐ повеќе се третираат како днeвна доза хумор, отколку релевантен став. На институционален план, работните групи од двете земји кои работеа на усогласување на Договорот за добрососедство, останаа заглавени во непродуктивност и старите фобии, а Софија беше последната дестинација што владите на Груевски ја имаа на ум.

Клучниот пресврт почна во мај 2015 година, со посетата на Заев на Софија. Македонскиот левичар беше гостин на десничарскиот премиер, но исто така и заеднички пречекан од сите политички субјекти застапени во парламентот.

Пораката дека Македонија сака да гради добрососедски односи во европски дух беше испратена и непосредно пред таа посета – од големиот граѓански собир на 17 мај во Скопје. Да не заборавиме, чест на тој собир направи Станишев (како и бројни европратеници) кога имаше можност лично да слушне за какви вредности се борат демократски ориентираните граѓани. Контактите на партиско ниво помеѓу СДСМ со бугарската левица и десница, и објаснувањето на врвните македонски приоритети, дадоа резултат. Средбата Заев-Борисов го потврди фактот дека старите „рефрени“ се исфрлени од вокабуларот и ја рефлектираше уште посилно волјата на двете земји да градат добри односи.

Средбата Заев-Борисов го потврди фактот дека старите „рефрени“ се исфрлени од вокабуларот и ја рефлектираше уште посилно волјата на двете земји да градат добри односи

За оние загрижените кои прашуваат дали Бугарија го признава македонскиот народ (а треба ли некој друг да ни потврди кои сме?) и за оние кои сакаат да ги истражуваат архивите, им препорачувам да ја побараат и изјавата на премиерот Бојко Борисов на веб страницата на бугарската влада. Дадена е по ланските поплави во Скопско, кога тој изрази сочувство за жртвите од трагичните настани, а бугарската влада прва донесе одлука за помош и експресно ја испрати. 

„Од името на Владата и лично од мое име ја изразувам нашата болка за загубените човечки животи и сочувство до македонскиот народ во оваа тешка ситуација“, изјави Борисов.

Во текстот „Дожд, жртви и… политика в Македонија“ („Труд“, 8.8.2016), новинарот Костадин Филипов се осврнува токму на овој значаен „детаљ“.

До македонскиот ‘народ’, велиш. Нели сѐ уште немаме официјално и експлицитно признание на Македонците како посебен ‘народ’, а се прашувам дали оние кои ја пишувале телеграмата, се свесни за ова прашање. Или, веќе имаме нова ‘интифа’ (индикација) да си ги преиспитаме своите позиции кон соседната држава. Колку и да е протоколарен, текстот на телеграмата ќе го предизвика вниманието на скопските будни заштитници на македонската идентичност и посебна неповторливост на Македонците како сосема различни од Бугарите како ‘нација’ и ‘народ’. Такви ми ти работи“, напиша Филипов.

И – остана разочаран! Ниеден бранител на македонскиот идентитет не го забележа тој „детаљ“. Или го виделе, ама си молчеле. Еве, јас го прочитав. И не направив драма. Има ли нешто поприродно, понормално и поцивилизациски, етничките Македонци да бидат ословени како македонски народ? Нема. Но, тоа сигурно не им се бендисало на оние кои со години играа на националистички карти, а поради економски политики свртени само кон субвенционирани странски инвестиции, „произведоа“ околу 100.000 Македонци со бугарски пасоши.

Се разбира, дел од нив сигурно искрено се декларирале „Aз съм Българин“, но околу 90 отсто во секторот за државјанство изустиле „здравей“ исклучиво од егзистенцијални, а не од национално-идентитески причини. Па кога ќе речат дека се намалила невработеноста во Македонија, дел од заслугите за тоа треба да ѝ ги упатат на Бугарија, како широкорода, почетна станица кон европскиот пазар.

И на крајот, на оние кои сакаат да истражуваат по архивите, а кои сметаат дека ни денес не е време за заедничко прославување на датуми од историјата, им препорачувам да го прочитаат текстот од сега веќе згаснатиот „Дневник“ под наслов „На гробот му пишува дека служел во три војски“, објавен на 26.7.2013 година. Таму ќе ја видат фотографијата од текстот напишан на гробот на војникот од битолското село Добрушево, кој од 1910 до 1918 бил принуден да војува во три туѓи војски: „Тука почива Петко Ликовски, турски војник од 1910 до 1912 година, српски војник од 1914 до 1915 година и бугарски војник од 1916 до 1918 година“.

Груевски би рекол – една фотографија илјада зборови. И навистина – треба ли нешто повеќе да се каже?