Интервјуа

Сексуалните злосторства извршени во војната, предизвик за балканските обвинители

Обвинителите во земјите од поранешна Југославија, треба да развијат сеопфатна политика за процесирање на сексуалните и родово базирани злосторства, за да обезбедат правда за жртвите, вели Мишел Џарвис, заменичка на главниот обвинител на Хашкиот трибунал, во интервју за БИРН.

Денис Џидиќ, Сараево

Мишел Џарвис на прес-конференција во Сараево. Фото БИРН

Џарвис, која заедно со главниот обвинител на Хашкиот трибунал, Серж Брамерц, е автор на книгата „Процесирање на сексуалното насилство поврзано со конфликтот пред МКТЈ”, за БИРН вели дека на земјите од поранешна Југославија им е потребна сеопфатна политика за процесирање на сексуалните злосторства, која во прв план ќе ги стави жртвите.

Според Џарвис, од вкупно 161 лице обвинето од Хашко обвинителство, дури 93 предмети имале компонента на сексуално насилство.

„Во некои предмети, сексуалното насилство беше кривично дело силување, во другите беше дел од обвиненијата за прогон или пак дел од атмосферата на присила, која водела до злосторството протерување”, вели таа.

Потенцира дека книгата на која работела, е првенствено наменета за правниците кои работат на истрагите во овие предмети.

„Сметавме дека истражителите и обвинителите имаат малку ресурси во врска со сексуалното насилство, и тоа сакавме да го поправиме”, истакна таа.

„Се фокусиравме на погрешните претстави за сексуалното насилство, што значи дека овие злосторства не секогаш го добиваат приоритетот што треба да го добијат, а тоа ни создава проблеми во поврзувањето на сексуалните злосторства со другите злосторства извршени во текот на конфликтот”, нагласува Џарвис.

Книгата, исто така, ги разгледува и институционалните стратегии, како што се развојот на политиките и обуките кои им помагаат на обвинителите поефикасно да работат на ваквите случаи.

„Го поддржуваме кривичното гонење во кое жртвата ќе има централна улога и истражуваме како, на правилен начин, да ги ставиме во контекст овие злосторства, за да бидеме сигурни дека точно ќе го опишеме злото што им е направено на жртвите и за да ги повикаме на одговорност насилниците, вклучувајќи ги и високопозиционираните воени и политички функционери”, вели Џарвис.

Според нејзините зборови, клучните пресуди биле оние што им биле изречени на поранешниот припадник на Војската на Република Српска (ВРС), Драгољуб Кунарац, и на поранешниот претседател на Кризниот штаб на Приједор, Миломир Стакиќ.

Кунарац беше осуден на 28 години затвор за злосторства извршени во Фоча, и неговиот случај беше првиот што се занимаваше исклучиво со сексуалното насилство во конфликтот и со сексуалното ропство.

Стакиќ, за злосторства во Приедор, беше осуден на 40 години затвор, а со пресудата беше оценето дека сексуалното насилство било дел од заеднички злосторнички план, за протерување на целна популација од Приедор, со употреба на сите насилни средства.

Според Џарвис, „овие пресуди се важни, за да не се заборави стратешката улога што ја имало сексуалното насилство во конфликтот, како и поради фактот дека високи официјални лица, кои физички не го извршиле силувањето, можат да се сметаат за одговорни”.

Лекции за обвинителите на Балканот

Пред судските институции во БиХ, вели Џарвис, од 675 случаи на воени злосторства, има 174 предмети кои вклучуваат сексуално насилство, вклучувајќи ги и 58 случаи кои се во тек.

„Мислам дека обвинителите во БиХ и во регионот се соочуваат со предизвикот за утврдување на на одговорноста за сексуалното насилство за време на конфликтот”, вели таа.

„Некои од овие предизвици се многу слични на оние со кои ние се соочувавме, а некои, во локален контекст, добиваат друга димензија. Мислам дека е најважно да се биде свесен за предизвикот и да се биде посветен на нивното решавање. Ако на работата и пристапиме со овој став, се е можно. И гледам многу охрабрувачки знаци на напредок“, нагласува таа.

ОБСЕ во средата го претстави својот најнов извештај, во кој се вели дека во последните три години, правосудството на БиХ вложило поголеми напори, во гонењето на сексуалното насилство.

Помеѓу 2014 и 2016 година, околу една третина од предметите на воени злосторства, процесирани пред судовите во БиХ, имале обележја на сексуално насилство, за разлика од само една четвртина предмети, обработени помеѓу 2011 и 2013 година, се вели во извештајот.

Иако злосторствата во БиХ се извршени пред повеќе од 20 години, многу жртви на сексуално насилство од периодот на војната, и денес бараат правда, стои во извештајот.

Заради напредок во истрагите во регионот, нагласува Џарвис, книгата е преведена и на босански јазик.

„Сакавме нашите практични и технички сознанија, да им бидат на располагање и на актерите од БиХ и во регионот, кои сега го продолжуваат процесот на утврдување на одговорноста за злосторствата”, вели таа.

„Една од поконкретните мерки што ги презедовме, а која произлезе од книгата, е формирањето на мрежата за гонење на сексуалното насилство во конфликтите, со посредство на Меѓународната асоцијација на јавни обвинители. Целта на мрежата е канализирање на растечката глобална експертиза во судските системи во целиот свет, за гонење на сексуалното насилство за време на конфликтите“, објаснува Џарвис.

Друга причина зошто книгата е преведена на босански јазик, е почитта кон жртвите на сексуално насилство.

„Сакавме жртвите на сексуално насилство – кои толку храбро дојдоа да дадат изјави пред обвинителството или да сведочат во нашите случаи – да видат како помогнале да се создаде нова глобална свест за сексуалното насилство за време на конфликтот”, рече таа.

„Толку многу сведочеа, не само еднаш, туку неколку пати, и покрај тоа што тоа беше толку тешко. Многу често изразуваа мислење дека сакаат да му помогнат на светот, за никој друг да не мора да поминува низ она низ кое што тие поминале. Се надеваме дека на страниците на нашата книга, ќе видат колку придонеле токму за тоа“, додаде Џарвис.

Истрагите врзани за сексуалното насилство, вели таа, се емоционално сложени.

„Мислам дека на секого кој работи на случаите на воени злосторства му е многу тешко да работи, а да не биде под влијание на работата што ја врши”, вели таа.

„Видовме дека случаите поврзани со сексуалното насилство може да остават особено тешка трага, поради степенот на траума што им е предизвикана на жртвите и поради болката која може да биде предизвикана од негативните реакции што семејствата и заедницата можат да ги имаат кон жртвите”, изјави Џарвис.