Регион

Хашкиот трибунал воведува видеокомуникација за притворениците

Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг, воведува пилот-проект кој ќе им овозможи на притворениците користење на видеоповици.

Драгана Ерјавец, Сараево

Притворот во Шевенинген. Фото: БИРН

Секретаријатот на ММКТ, наследник на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), во петокот соопшти дека воведува пилот-проект, кој ќе им овозможи на затворениците да примаат и да праќаат видеоповици.

Сега, на притворените лица, им е дозволено само да примаат и да испраќаат писма по пошта, да користат телефон и да примаат посети.

Радован Караџиќ, поранешен претседател на Република Српска, во неколку наврати побара да му биде дозволен пристап до скајп или некоја друга видеокомуникација.

Адвокатот на Караџиќ, Питер Робинсон, за БИРН изјави дека можноста за видеокомуникација на затворениците, со членовите на нивните семејства, веќе постои во другите затвори во Холандија, како и во цела Европа.

„Одлуката на секретарот да покрене пилот-проект кој ќе им овозможи на затворениците да се видат со нивните семејства преку скајп или слична технологија, е секако чекор напред во создавањето на човечки услови во притворот“, изјави Робинсон.

„Ова е многу важно кога притворениците се далеку од членовите на нивните семејства, како што е случајот со Радован Караџиќ“, објасни тој.

За време на статусната конференција одржана на 10 октомври, Караџиќ повторно побара да му биде дозволен пристап до интернет и до скајп, за полесно да дојде до работни материјали и да комуницира со неговото семејство.

Тој, исто така, побара дозвола да користи лаптоп, бидејќи има болки во грбот поради повеќекратно седење пред статичен комјутер.

Судскиот секретаријат ги отфрли неговите барања, со образложение дека наскоро ќе започнат со пилот-проектот.

Караџиќ е во притворот во Шевенинген од неговото апсење во 2008 година.

Хашкиот трибунал во март минатата година, го осуди Караџиќ на 40 години затвор, прогласувајќи го за виновен за геноцид во Сребреница, прогон на муслиманите и Хрватите низ цела Босна и Херцеговина, за тероризирање на цивилите во Сараево и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.

Со истата пресуда беше ослободен од обвинението за геноцидот извршен во 1992 година.

И Караџиќ, и обвинителите, поднесоа жалба на оваа пресуда. Караџиќ со жалбата побара да биде ослободен, а обвинителите побараа да биде осуден на казна доживотен затвор.