Регион

Пресудата на Ратко Младиќ ќе му биде изречена на 22 ноември

Следниот месец, на Ратко Младиќ, поранешен командант на Војската на Република Српска (ВРС), обвинет за геноцид и прогон од широки размери, извршени во војната во Босна и Херцеговина, ќе му биде изречена првостепената пресуда.

Хашкиот трибунал во средата донесе одлука, првостепената пресуда на поранешниот командант на ВРС, Ратко Младиќ, да му биде изречена на 22 ноември.

Младиќ е обвинет за геноцид во Сребреница извршен во 1995 година и во уште шест други општини во БиХ во 1992 година, за прогон на несрпското население низ цела БиХ, за тероризирање на граѓаните на Сараево и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.

Тој беше уапсен во 2011 година по повеќе од десет години поминати во бегство, а постапката започна во јуни истата година.

Во завршните зборови, хашките обвинители побараа Младиќ да биде осуден на доживотен затвор, додека одбраната побара негово ослободување.

Неговите адвокати неодамна најавија дека наскоро ќе побараат Младиќ да биде ослободен на лекување во Србија, бидејќи од Владата во Белград побараа и добија државни гаранции за привремено ослободување.

74-годишниот Младиќ во притвор имаше неколку сериозни здравствени проблеми, преживеа два мозочни удари и еден инфаркт.

Неговите адвокати соопштија дека неговата ситуација се влошила во мај оваа година, и дека поради ризик од нов мозочен удар или инфаркт, е потребно болничко лекување.

Во март, одбраната побара Младиќ да биде привременo ослободен, за да може да замине во Русија на лекување, но Судскиот совет го одби барањето, поради уверувањето дека постои можност тој да не се врати.

Жалба против пресудата на Воислав Шешељ на 13 декември

Во среда беше објавено дека на 13-ти декември, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали, ќе биде изнесена жалбата против ослободителната пресуда на Воислав Шешељ, обвинет за злосторства во БиХ, Хрватска и во Војводина.

Хашкото обвинителство ќе има време од еден час да ја изнесе жалбата, по што одбраната ќе го има истото време да одговори.

Шешељ веќе најави дека нема да присуствува на постапката, а Механизмот му назначи законски застапник.

Со мнозинство гласови, Хашкиот трибунал, на 31 март минатата година, го ослободи Шешељ од вината за злосторства извршени врз несрпското население во Хрватска, Војводина и во БиХ.

Обвинителството со жалбата побара поништување на ослободителната пресуда, Шешељ да биде прогласен за виновен и осуден на 28 години затвор.