Регион

Негирањето на воените злосторства е психолошки одбранбен механизам

Државите и националните групи на Балканот и натаму негираат дека нивните сили извршиле воени злосторства, а во обид да ја избегнат моралната одговорност, ја обвинуваат другата страна, што ја спречува можноста за помирување.

Луик Трего, Лил

Српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, на почетокот на овој месец предизвика контроверзии, фалејќи го ослободениот воен злосторник, Владимир Лазаревиќ, поранешен командант на приштинскиот корпус на Војската на Југославија (ВЈ), кого Хашкиот трибунал го осуди на 15 години затвор за злосторства извршени за време на конфликтот, 1998-1999, во Косово.

Не само што го пофали Лазаревиќ, туку рече дека тој би бил одличен предавач на воените кадети во Србија, дека е крајно време Србите да престанат да се срамат од оние кои ги бранеле и дека е време за „тивка гордост“.

Да, Лазаревиќ е слободен човек и тој го одлежа своето, како што изјави премиерката Ана Брнабиќ.

Таа е апсолутно во право. Сепак, поентата не е во тоа и Брнабиќ тоа го знае. Суштината е во прашањето, дали Лазаревиќ треба да се третира како национален херој. Дали тој треба да биде пример и предавач на новата генерација српски војници?

Овие прашања нѐ водат до она што психолозите го нарекуваат когнитивна дисонанца. Имено, доколку многу граѓани на Србија ги гледаат Лазаревиќ, Веселин Шљиванчанин, Никола Шаиновиќ, па дури и Слободан Милошевиќ како херои, а не како воени злосторници, тоа е затоа што во спротивно би значело дека тие, како граѓани, сносат морална одговорност за она што се случило.

Ако овие луѓе го бранеле српскиот народ, тие не можат да бидат злосторници. Но, ако тие се злосторници, тогаш можеби причината заради која се бореле е погрешна, што е незамисливо, бидејќи тогаш, би требале да сносиме дел од вината.

Што е уште полошо, сега и министерот за одбрана ги поддржува, создавајќи директна врска помеѓу воените злосторници и српскиот народ, изразувајќи гордост за делата кои во името на Србите биле извршени во деведесеттите години.

Дали Вулин некогаш се засрамил поради она што во негово име и во името на неговиот народ се случувало во 90-тите. Според неговите зборови, ова останува отворено прашање.

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), беше формиран за да им суди на поединци за злосторствата што ги извршиле, без наметнување на чувство на колективна вина.

Вулин, од друга страна, ги поддржува злосторниците кои делувале во „одбрана на Србите“, прифаќајќи ја за нив колективната одговорност, но отфрлајќи секаква колективна вина.

На овој начин, српските власти, одржувањето на каква било дебата за тоа што се случило пред 25 години, го прават речиси невозможно.

Да бидам фер, овој психолошки одбранбен механизам, кој му овозможува на едно лице или на група луѓе, да се соочат со сопствената одговорност, е многу честа појава. Земете ја само како пример Турција и нејзиното континуирано негирање на геноцидот во Ерменија.

Се смени цела генерација додека Германците почнаа да им судат на своите нацисти. Беа потребни 30 години и еден американски историчар, за Французите да стават крај на митот за колективен отпор кон нацистите и да загребат подлабоко во својата нацистичка историја на режимот Виши. Беа потребни 50 години претседателот Ширак да ја призна одговорноста на Франција за Вел д’Ив, стадионот на кој што беа собрани стотици француски Евреи, кои потоа беа депортирани по нацистичките логори или убиени.

Расправиите за војната во Алжир сé уште се полни со неизлечени рани на двете страни. Сетете се само на бранот критики што како претседателски кандидат го предизвика Емануел Макрон, кога во февруари, на алжирската телевизија, изјави дека колонизацијата е злосторство против човештвото.

Дедо ми, кого таму, како млад војник, го пратиле во педесеттите години од минатиот век, еднаш ми рече: „Се боревме за ништо“. Бидејќи за тоа не сакаше да зборува, никогаш не го прашав, што, всушност, сакаше да каже.

Дали жалеше што Франција го загуби Алжир? Или, пак, сфати, дека тој и илјадници други војници беа испратени таму за да убиваат и да умрат за нешто што, после сѐ, излезе дека е погрешно и нелегитимно?

Сепак, луѓето биле убивани и мачени поради такви, погрешни цели, што е товар кој францускиот народ мора да го признае.

Исто така, за психолошкиот одбранбен механизам зборуваме и кога своите жртви ги гледаме како единствените легитимни, додека на другите им го негираме правото на страдање.

Истото важи и за извршените злосторства. Нашите злосторства (ако воопшто ги признаеме како злосторства) се оправдани или, во најмала рака, минимизирани во однос на злосторствата извршени врз нас.

Овој механизам беше првото нешто на кое што наидов за време на мојот престој на Балканот, во Сребреница и Братунац, каде што локалните Срби секој ден ме потсетуваа на наводните злосторства на бошњачкиот командант, Насер Ориќ, во обид да се намали значењето на масакрот извршен од страна на Србите во Сребреница.

Се разбира, контекстот е секогаш важен, но военото злосторство останува воено злосторство и не може да биде оправдување или изговор за друго злосторство.

За повторно да бидам фер, овој механизам очигледно не е својствен само за Србите, туку и за целиот регион, каде што највисоките функционери, но и обичните луѓе, ги отфрлаат или минимизираат злосторствата извршени над другите народи, како што се злосторствата против Србите во Хрватска во 1995 година или во Косово во 1999.

Ова е доказ дека постои длабока конфузија во врска со разликата помеѓу одмаздата и правдата, особено затоа што локалните луѓе повеќе не му веруваат на судот кој треба да донесе правда и помирување- МКТЈ.

Постојат легитимни причини за ова.

Да го земеме за пример, Анте Готовина, кој првично беше осуден на 24 години затвор, а потоа беше ослободен. Пример е и Рамуш Харадинај, кој двапати беше ослободен поради несреќната епидемија на исчезнување на сведоците. Уште еден пример е Воислав Шешељ, кој беше ослободен по 13 години судење, а само неколку дена претходно, во пресуда на Радован Караџиќ, беше именуван како еден од актерите во здружен злосторнички потфат.

Земете ги за пример и Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ. Нивното судење директно ги поврза српскиот режим и паравоените сили на теренот. Аркан и неговите луѓе од нив примаа наредби, пари и оружје, а сепак тие беа ослободени – иако ослободителната пресуда Хашкиот трибунал подоцна ја поништи, а предметот го врати на повторно судење.

Она што во нивниот случај се доведува во прашање, е од клучно значење. МКТЈ овозможи да се воспостават илјадници факти и сите што ја бараат вистината треба да бидат благодарни за ова. Сега знаеме точно кој што направил, кому и кога тоа се случило.

Меѓутоа, ако Станишиќ и Симатовиќ повторно бидат ослободени, тоа ќе значи дека не можеме да се потпреме дека МКТЈ ќе напише интелектуална и хронолошки точна нарација за војните.

Ако бидат ослободени, тоа би значело дека МКТЈ ги редуцира војните на збир на злосторства извршени од поединци, негирајќи ја идејата дека конфликтите имале намерен и политички план, што го зајакнува институционалниот ревизионизам во регионот.

За жал, ревизионизмот, како и психолошкиот одбранбен механизам, не носи мир и помирување, туку омраза, лутина и поделба.

На подолг рок, загрижувачки е што првата генерација на деца родени по војните, учат ревизионистички наративи, бидејќи токму оваа генерација треба да ги доведе во прашање изборите на своите родители.

Затоа, кога станува за меѓусебното разбирање и помирување, но и со оглед на немањето доверба во наследството на МКТЈ, се чини дека, повеќе од кога и да е, е пресудна поддршката на регионалната иницијатива за формирање на РЕКОМ-комисија за вистина, и создавањето на платформа, за да може секоја жртва да биде слушната и призната како таква, без оглед на неговата/нејзината националност.

Разговорот и прифаќањето на страдањето на другите, но и гледањето на другиот како човек кој исто така загубил семејство и надеж, е прв чекор кон справувањето со физичката и психолошката траума со која илјадници луѓе и денес се борат.

Иницијативата за формирање на РЕКОМ, во јули минатата година, беше наведена во завршната декларација на Самитот во Трст за Западен Балкан. Нејзината имплементација од страна на земјите кандидати за членство во ЕУ (но и на Хрватска кога станува збор за ова) треба да се толкува како обврска во поглавјето 23, кое се однесува на правосудството и основните права, од легислативата на ЕУ која се однесува на проширувањето.

И покрај тоа што сѐ уште редовно се откриваат масовни гробници, тоа не е резултат на вистинските и искрени напори да се реши проблемот со исчезнатите лица. Документите и денес се кријат, сведоците и денес молчат, стотици тела сѐ уште се закопани тука и таму. Семејствата и понатаму страдаат во болка, без можност да ги оплакуваат своите најмили со достоинство.

Затоа, иницијативата за РЕКОМ и прашањето за исчезнатите лица, во смисла на условеност во процесот на проширување на ЕУ, треба, од Европската комисија и земјите членки, да имаат ист третман како и апсењето и екстрадицијата на воените злосторници во Хашкиот трибунал.

Оттука, ниту еден воен злосторник, по отслужувањето на казната, не треба да биде активен во политиката или во војската, иако проблем со практика, воените злосторници и понатаму да имаат политичко влијание, имаат само храбрите бранители на човековите права (најчесто се тоа жени) кои што се во малцинство.

Сѐ додека ревизионизмот е официјална нарација во регионот, која се користи за да се избегне индивидуалната и колективна одговорност и справувањето со когнитивната дисонанца, вистинската лекција зад која стои ЕУ, најдолгиот период на мир на континентот кој со векови е во војни, ќе остане по страна.

Дали некоја земја може да биде член на организацијата, чија основна порака не ја разбира или не ја поддржува?

Др. Луик Трего е политиколог и експерт за односи меѓу спортот, политиката и идентитетот за регионот на поранешна Југославија. Предава политички науки на Католичкиот универзитет во Лил, Франција.