Не знам за вас, ама мене ми се чини дека кај нас, на државно ниво, постојат најмалку три кризни штабови околу справувањето со пандемијата на ковид-19. Едниот штаб ги олабавува мерките, другиот ги затегнува, а оној во средина – ги растегнува. Ги има додуша и оние алтернативните, ама влијателни центри, кои веќе го прогласија вирусот за мртов. Само се чека кога ќе му се организира достоен погреб.
Не знам како поинаку може да се протолкува ова што (ни) се случува? Таман ги жнееме резултатите од онаа лажичката што не пренесува болести и од оние ора и литии што ни го чуваат здравјето, кога, еве нѐ повторно како ѝ подготвуваме шведска маса на короната. Или што би рекол еден мој пријател: уште само два-три пика и ете ја Нова година.
Навистина, која е смислата на силниве карантини, маски, отуѓувања, работења од дома, затворања цели погони…, кога, едноставно, некој верски поглавар може да ја победи короната со молитви? И која е смислата на Комисијата за заразни болести, кога ќе препорача дводневен карантин, кога во техничката влада знаат подобро колкав треба да биде карантинот?
И која е смислата на носењето маска, кога министерката за финансии Нина Ангеловска држи состанок во затворен простор и не носи маска? Од Министерството за финансии велат дека на состанок имало дистанца меѓу учесниците. Па, зошто тогаш не ги пуштат киносалите? Таму имаше социјална дистанца и во „најздравите“ времиња. И, да, на која тоа држава мислеше техничкиот премиер Оливер Спасовски кога рече „дека никој не е над државата“? Освен некои.
Зошто не се отвораат културните институции? Затоа што уметноста поставува прашања и не прифаќа готови вистини. А размислувањето, преиспитувањето и препрашувањето знаат да бидат опасна стапица за властодршците
Навистина, интересно е ова олабавување на мерките. Првин се пуштаат во функција црквите и џамиите, а потоа казината и обложувалниците. Се најавува и отворање на кафеаните. Избори најверојатно ќе мора да има. За разлика од овие социјални облици на секојдневниот живот, културните институции и училиштата, кои први се затворија, ќе се отворат последни. Се разбира, ако за нив има место во „новата реалност“.
Како што сега стојат работите, излегува дека Македонија беше една од првите земји што воведе рестриктивни мерки и ќе биде една од последните што сосема ќе ги укине. И тоа не само од здравствени, туку исто толку и од политички причини.
Ако човек седне да анализира зошто се верските храмови и обложувалниците поважни од театрите и од музеите, може да дојде само до еден заклучок. Верските објекти се симбол на послушност и беспоговорно слушање на авторитетот. Никакво преиспитување не е пожелно, ниту е можно во системот на догматското сфаќање на нештата. Тука нема место за критичко мислење. А, тоа, ќе признаете е идеал на секоја власт.
Обложувалниците и казината влегуваат во категоријата на леб и игри. Станува збор за забава што се граничи со зависност, односно го окупира времето и умот на учесниците, што ќе рече дека повторно се нема потреба од критичко просудување на работите. Наспроти овие „олабавувања“, културните институции и образованието ги учат и ги тераат луѓето да мислат!
Уметноста поставува прашања и не прифаќа готови вистини. А размислувањето, преиспитувањето и прашувањето знаат да бидат опасна стапица за властодршците. Ја гледавме онаа несреќна прес-конференција, кога министрите за економија и финансии ја искараа новинарката затоа што им постави прашање од јавен интерес на кое тие не умееја да одговорат.
Зошто е ова важно? Затоа што се ближат избори, а во изборно време за кандидатите за власт не е пожелно гласачите да мислат. Поважно е да слушаат и да веруваат.
Прашањето од милион долари е дали пандемиската ситуација ќе дозволи да се одржат избори во скоро време или нема? Главните политички фактори засега се на дијаметрални и истовремено парадоксални позиции во секој поглед.
Владејачката СДСМ бара „брзи“ избори, односно 20-тина дена по завршувањето на вонредната состојба. Истовремено, повикува на внимание во однесувањето и стриктно следење на мерките. Претпазлива е околу какво било (п)опуштање во битката со корона вирусот.
Кај нас, на државно ниво, постојат најмалку три кризни штабови околу справувањето со пандемијата на ковид-19. Едниот штаб ги олабавува мерките, другиот ги затегнува, а оној во средина – ги растегнува
ВМРО-ДПМНЕ би сакал изборите да бидат најрано наесен, а по можност ни тогаш, правдајќи го својот став со грижата за здравјето на луѓето. Од друга страна, тие се за укинување на полицискиот час и воопшто за целосно олабавување на мерките, претпоставувајќи веројатно дека опасноста поминала!
Точно е дека најважното прашање за одржување или неодржување на изборите е токму јавното здравје. Имено, прашање на проценка е дали јавното здравје повеќе ќе се загрози со предизборните кампањи, излегувањето на избори, начинот на гласање на дијаспората, гласањето на луѓето што евентуално ќе бидат во карантин итн. или ќе биде позагрозено ако не се одржат изборите, односно остане вонредната состојба и остане моќта за решавање за сите важни прашања за животот на луѓето во рацете на неколкумина луѓе, кои башка имаат сосема друг, да не кажам технички мандат.
Еве, на пример, владата влезе во реализација на три пакет-мерки за помош на најзагрозените индустрии од пандемијата. Што значи тоа? Се разбира, дополнително трошење од буџетот, а тоа е потенцијална бомба токму за разорување на социјалните и здравствените програми. Не значи дека така ќе биде, ама не значи и дека така нема да биде.
Вакви мерки ѝ стоеја на располагање на власта и во „нормалната нормалност“, па не ги преземаше. Зошто? Затоа што тогаш ќе наидеше на жестока опозиција и критика, а сега тоа се прави без никаква дебата. Така бара „новата нормалност“ на дезориентираните граѓани.
Не сме единствена земја во светот што ќе прави избори годинава, ама секако сме единствената дисфункционална држава, каде што за демократските и за човековите права решаваат неколку помалку или повеќе нелегитимни претставници на народот плус двајца-тројца верски поглавари. Ваков „систем“ секако нема да придонесе кон заздравување на нацијата.
Гледаме како се растегнува и затегнува кривата на ковид-19, останува да видиме како и колку лидерскиот кризен штаб ќе ја растегне кривата на демократијата.