Живот во лага

Разговор меѓу пијаници воопшто не се разликува од научни, технички и филозофски излагања: една идеја не заменува друга, ниту ѝ оди во пресрет, туку се тетерави по својот пат; ни исклучувајќи, ни заклучувајќи.

Фактот што никој не е сосема сигурен во тоа како на македонски се транскрибира името на белгискиот дипломат Питер Ванхојт (или како веќе се пишува), не спречува никого од овдешните таканаречени медиумски првенци да ја изложат комплексната содржина на сопствените телесни течности пред јавноста, искористени, се разбира, да се исплука посредникот во овдешните меѓупартиски преговори.

Без оглед на сериозно насобраното искуство на престојување во медиумите и егзистирање од медиумите, авторот на овие редови секогаш, на некаков перверзен начин, останува речиси пријатно изненаден од ентузијазмот и упорноста на колегите оркестрирано да шират невистини, манипулации и навреди, без оглед за кого станува збор. И секогаш се прашува која е вистинската цел на ваквата пропагандна машинерија, во која, ете, така здушно и унисоно учествуваат буквално сите медиумски труби на одамна раштиманиот новинарски оркестар?

Можеме ли да бидеме убедени во глупавоста, дури имбецилноста на она што остана од овдешната јавност, за да бидеме убедени дека сѐ уште функционира Гебелсовото начело дека илјада пати кажана лага станува вистина? Можеме ли да веруваме дека луѓето слепо им веруваат на лагите, па макар тие биле упорно повторувани од најмоќните медиуми? Дали нужно веруваме дека личноста на Ванхојт, на пример, ќе се дискредитира на овој начин?

Ова е веројатно вистинското место да се повикаме на Вацлав Хавел, кој објаснувајќи го доцниот степен на посттоталитарниот социјалистички реализам, ќе заклучи: „Човекот воопшто не е обврзан да верува во сите тие мистификации, но мора да се однесува како да верува или барем молчешкум да ги поднесува и да прифаќа да живее со оние кои владеат. Од тој момент тој живее во лага. Никој не го принудува да ја прифати, доволно е да преживува покрај неа. Со самото тоа го потврдува системот, го исполнува со содржина, го гради и претставува негов интегрален дел“.

12508391023_fa974e610e_b

Фото: Tom Roeleveld / Foter

„Да се живее во лага не мора нужно да се тврди нешто што е познато како лага, не мора намерно да се извртуваат фактите… Бидејќи за државата која се базира врз лага битно е да учествуваме (‘свесно’ или ‘несвесно’, не е битно) во колективното обезвреднување на она на што се засновува човековото достоинство и величината на човековиот живот: да учествуваме не само во обезвреднувањето на вистината како таква туку и во стремежот да ја спознаеме. Човекот што живее во лага прави нешто полошо отколку што е тоа ‘незборување на вистината’: презема сѐ што може да го обесмисли секој обид воопшто да се зборува за вистината.“ (Петр Фиделиус)

Или: „Вистината не е секогаш револуционерна“, што би рекол Франческо Рози во неговиот одличен филм „Исклучителни трупови“.

Не е потребно премногу да се елаборира за потребата од замаглување на вистината: нејзината (не)употреба, конечно, е само алатка за зачувување или зацврстување на пристапот до лостовите на власта, која во случајов се сфаќа како неограничена моќ. Основното прашање е како тоа се изведува и зошто воопшто успева?

Едноставно, никаков глобален проект не ги усогласува дивергентните интереси, никаква примамлива идеологија не го спојува блокираното општество, од врвот до дното на општествената вертикала примарно е – самоодржувањето. А тоа зависи од – државата (државниот апарат), која сите ги вработува, отпушта, наградува, казнува, унапредува и деградира според критериумот на послушноста, бидејќи, во крајна линија, на државниот апарат и не му е потребен каков било друг критериум.

Но, за да успее целиот овој проект на тоталитарната антикултура, мора да се постави материјалната база на складирање на информациите. Таа ги контролира печатниците, хартијата, радиските и телевизиските станици, компјутерите… Владата во целост ги присвојува орудијата на мислењето. Темите на разговор што ги лови во секојдневието, книгите и весниците стануваат нејзина приватна сопственост. Политичките граници се зајакнуваат со интелектуални ѕидишта.

Покрај територијата која по традиција се дефинира географски, владата владее и со еден друг простор, просторот на вербалното, аудитивното и визуелното комуницирање. Како што може да се види, за жал, токму на македонскиот пример, овој „информативен мрак“ се ползува за отстранување на сите идеи, без оглед колку тие се силни, и наметнување една поинаква егзистенцијална база – затупавеност. Колку подолго трае посттоталитаризмот, толку е помоќен, па за новите генерации веќе не значат ништо цивилизациските права, така што преживувањето од ден во ден се зема како нормална состојба.

Еден од ефектите на ваквиот општествен инженеринг е отсуството на каква било дебата. Или, како што тоа величествено го забележува Александар Зиновјев, разговор меѓу пијаници воопшто не се разликува од научни, технички и филозофски излагања: една идеја не заменува друга, ниту ѝ оди во пресрет, туку се тетерави по својот пат; ни исклучувајќи, ни заклучувајќи.

Ете, тука лежи навидум небулозната идеја да се донесе закон за забрана на бомбите. Тука лежат причините за неуспехот на Договорот од Пржино. Тука се корените на опструирањето на Специјалното јавно обвинителство. Затоа не гледаме никаква причина од оваа практика да биде изземен Питер Ванхојт. Едноставно, не е можно некој да го нарушува блажениот мир на нашето секојдневно преживување во најубавиот и најлажниот од сите можни светови.