Стравот почнува кога ќе се соочиме со фактот дека ништо не знаеме. За првпат во историјата добивме инструкции дека оваа битка ќе ја добиеме само ако седиме дома во влечки. И седиме.
Можеби така нема да нè закачи вирусот, ама затвореноста во „четири ѕида“ сигурно ќе го земе својот данок, особено кога податоците за нашиот непријател се менуваат на дневна основа.
Практично, сè уште нема стопроцентно потврдени препораки за превенција. Не мислам на основните податоци што ги даваат нашите и сите здравствени власти, туку за оние „подеталните“ што доаѓаат од разни именувани експерти во светот, наводно врз база на искуството досега.
Стопати досега се сменија и тезите за тоа дали вирусот ќе ја изгуби моќта со доаѓањето на повисоки температури, или сосема случајно ќе се совпадне пикот и неговото опаѓање со доаѓањето на летото. Не знаеме ни дали ќе има еден или повеќе бранови
До завчера се тврдеше дека вирусот не мутира. Сега некои научници тврдат дека брзо мутира и имало осум типа што кружат на планетата, други – дека наводно биле утврдени 149 мутации.
Никој не знае зошто вирусот предизвикува толку различни симптоми, не кај луѓе со различна возраст и здравствена состојба, туку кај луѓе од иста возраст и во случаи кога немаат никакви коморбидитети.
Никој не знае зошто помлади заболени со многу лесни симптоми изненадно починале во сон, а други ја поминале заразата „на нога“. Или, како оздравеле лица над 90 години, на кои вирусот им бил последен на долгиот список од тешки здравствени проблеми, а други исти такви случаи починале во тешки компликации.
Со еден збор – нема правила. Небаре се работи за некаков камелеонски вирус, кој има лепеза од различни методи за маскирање и напаѓање, во различни услови и за различни цели. Тоа што практично ништо не знаеме за него, освен дека е меѓу нас, му дава голема тактичка предност.
Стопати досега се сменија и тезите за тоа дали вирусот ќе ја изгуби моќта со доаѓањето на повисоки температури, или сосема случајно ќе се совпадне пикот и неговото опаѓање со доаѓањето на летото. Не знаеме ни дали ќе има еден или повеќе бранови.
Се вртат стотици препораки за дезинфекција, човек да спобудали од целиот асортиман на таа наша хемиска придружба додека сме во изолација: медицински алкохол, оцет, сода бикарбона, хидроген пероксид, раствор на хлороводородна киселина, натриум хипохлорид, бензалкониум хлорид и разни други со суфиксот – хлорид.
И додека се расправаме кои тестови за корона вирусот се точни и нѐ интересира само еден податок – дали го имаме или го немаме, вирусот нѐ тестира нас по многу повеќе основи: колкав ни е прагот на издржливост, каков ни е имунитетот, каква ни е психолошката состојба, нивото на страв, малодушност, кондицијата за трчање по (не)потребни набавки, толерантноста, солидарноста, грижата за повозрасните, нивото на свест за неговото присуство, желбата за кршење на ограничувањата на движењето, склоноста кон лажни вести, теории на заговор и ред други.
Накусо, вирусот до детали го знае нашиот профил, за разлика од нас, кои само нагаѓаме какви се неговите перформанси.
Тоа незнаење дополнително ги мотивира луѓето да го дадат најдоброто од себе за да му се спротивстават. Во голема мера, нашите граѓани така и постапуваат и заслужуваат честитки за самодисциплина. Но, секогаш останува процент на лица, кои од за нив познати причини, ја прават оваа битка потешка, заборавајќи дека секој е мета.
И додека се расправаме кои тестови за корона вирусот се точни и нѐ интересира само еден податок – дали го имаме или го немаме, вирусот нѐ тестира нас по многу повеќе основи
Дел се посветени на секојдневни критики на активностите на власта и создавање недоверба во здравствените и во економските мерки. Не е забрането да се критикува и анализира одредена мерка, но како да се разбере другата крајност – дека апсолутно ништо од тоа што го прави власта не чини?
И ако последново е прилично проѕирно и може веднаш да се прокнижи во графата „политизација“, она што длабоко вознемирува се обидите за перманентна стигматизација на заболените, особено издвоени повици за насилство врз наши сограѓани што се сместени во државен карантин, кои се споделуваат низ социјалните мрежи.
Тој говор на омраза и повик за линч, колку што е предмет за работа на полицијата, толку е и предмет за потреба од итна дијагноза за повикувачите. Таквото примитивно и нехумано однесување кон нашите сограѓани не смее да се толерира ни една минута.
Довербата и почитувањето, кои се две обележја на секое цивилизирано општество, денес сѐ повеќе исчезнуваат од човечките приватни и јавни интеракции. Токму тоа на симболичен начин открива дека овој вирус можеби е целосна рефлексија или плод на темната природа на човекот.
За да го победиме него или која било друга форма на закана, прво мора да покажеме решителност за победа и над последниот атом на примитивизмот.