Регион

Ратко Младиќ е опериран и отпуштен од болница

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Миодраг Стојановиќ, еден од адвокатите на Младиќ,  за БИРН потврди дека поранешниот командант на Генералштабот на ВРС е опериран во понеделникот, заради проблем со дебелото црево.

„Тој вчера беше отпуштен од болницата и се врати во единицата за притвор“, истакна Стојановиќ.

Презентацијата на жалбите, на првостепената пресуда на Младиќ, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ), беше закажана за 17 и 18 март, но заради операцијата беше одложена.

ММКТ тогаш објави дека рочиштето ќе биде одложено за шест недели после операцијата, за да му се овозможи на Младиќ да се опорави. Сепак, судските рочишта сега се прекинати, поради пандемијата на корона вирусот.

Во ноември 2017 година, МКТЈ го прогласи Младиќ за виновен за геноцид во Сребреница во 1995 година, за прогон и истребување на Бошњаците и на Хрватите низ цела земја, за тероризирање на цивилите во Сараево со гранатирање и со снајперски оган, како и за земање на мировници на ООН како заложници.

Младиќ ја обжали оваа пресуда, а истото го стори и обвинителството, кое побара тој да биде прогласен за виновен за геноцид во шест други општини во 1992 година.

Датумот на конечната пресуда сè уште не е утврден, но претседателот на ММКТ, Кармел Агиус, најави оти таа ќе биде донесена до крајот на оваа година.

Младиќ (76) досега имаше неколку сериозни здравствени проблеми во притворот во Холандија, и претрпе два мозочни и еден срцев удар.

Минатата недела, Здружението на адвокати што застапуваат пред меѓународните судови, побара од Механизмот на меѓународни кривични трибунали (ММКТ), предвреме или привремено да ги ослободи притворените, за да се заштитат од корона вирусот.