Пред некој ден, на зградата на Владата на Република Словенија, покрај државното и знамето на Европската Унија, осамна и знамето на Палестина. Со тоа, владата на лево-зелената коалиција на премиерот Роберт Голоб симболично го најави признавањето на палестинската држава.
Само два-три дена претходно, тоа го направија Шпанија, Норвешка и Ирска. Бранот на годинашните признавања на државноста на Палестина, всушност, го почнаа четирите карипски држави: Јамајка, Барбадос, Тринидат и Тобаго и Бахами, заокружувајќи го двотретинското мнозинство во Генералното собрание на Обединетите нации од над 140 земји, од вкупно 193 што досега ја признале Палестина.
Сепак, во оваа импозантна цифра држави ги нема САД, Велика Британија, повеќето западни земји и… Македонија. Единствената земја од Европската Унија што досега ја призна Палестина беше Шведска (2014 година). За волја на вистината, Палестина ја признаа и Унгарија, Романија, Бугарија, Чешка, Кипар и Полска, ама тоа го направија пред да влезат во ЕУ.
Се разбира дека признавањето на Палестина, освен како чин на признавање на секој народ за сопствено самоопределување, е притисок врз Израел да го прекине овој седуммесечен масовен и масивен терор врз Палестинците
Од државите, настаните по растурањето на Југославија, Палестина не е признаена само од Македонија и од Хрватска. Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина одамна го направија тоа, а еве сега и Словенија.
Наскоро се очекува Палестина да ја признаат и Белгија, Малта, Австралија, Јапонија… Она што не се очекува е Македонија да го направи тој чекор. Зошто? И што воопшто во овој момент значи признавањето на палестинската држава?
Се разбира дека признавањето на Палестина, освен како чин на признавање на секој народ за сопствено самоопределување, е притисок врз Израел да го прекине овој седуммесечен масовен и масивен терор врз Палестинците, поддршка на Меѓународниот суд за воени злосторства, кој донесе одлука за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, прогласувајќи го за воен злосторник и реакција на неспособноста на Обединетите нации да ја вршат својата улога на чувар на мирот во светот.
Од практична гледна точка, признавањето на Палестина и нејзиниот прием во Обединетите нации ќе значи дека населбите што континуирано ги гради Израел на окупираните територии, односно во Западниот брег и Појасот Газа се незаконито влегување на една држава на територијата на друга, дека сегашната седуммесечна војна е агресија на една држава врз друга и дека меѓународните консеквенции за ваквите постапки на Израел ќе бидат многу посериозни отколку сега (ако воопшто ги има).
Првенствено ембарго на снабдување со оружје, економски санкции, меѓународна изолираност, блокирање на финансиските текови, и во крајна инстанца вооружена интервенција, како што тоа беше со Србија во случајот со Косово.
Тоа, се разбира, нема да се случи, затоа што поголемиот дел од светот, особено Западот од некои (познати) причини го смета Израел за сопствена творба и свое милениче. Но, проблемот е во тоа што, како што гледаме, и Западот се тенчи и прашање до кога ќе може да го издржи притисокот на поголемиот остаток на светот. Можеби не во толку догледна иднина, ама во еден момент САД, Германија и Велика Британија ќе станат сѐ поизолирани, токму како и Израел во поглед на палестинското прашање.
Можеби не во толку догледна иднина, ама во еден момент САД, Германија и Велика Британија ќе станат сѐ поизолирани, токму како и Израел во поглед на палестинското прашање
Тоа впрочем го покажа и неодамнешното гласање во Генералното собрание на ОН за Резолуцијата со која се бара од Советот за безбедност уште еднаш да го разгледа барањето Палестина да биде примена како полноправна членка на ОН. Советот за безбедност претходно го одби ова барање (12 членки беа за прием, две воздржани, а САД ставија вето на приемот). Во Собранието, 143 држави гласаа за Резолуцијата (практично двотретинско мнозинство од вкупно 193 држави, колку што е потребно за прием на една земја во оваа организација), девет беа против (меѓу кои САД и Израел) и 25 беа воздржани (Македонија, се разбира).
Од друга страна, што се признава кога се признава Палестина за држава? Односно дали таа воопшто ги има потребните државни прерогативи. Станува збор за поделена територија (Западниопт брег и Појасот Газа). Последните избори се одржани во јануари 2006 година, кога практично почнува краткотрајна граѓанска војна по која радикалниот Хамас ја презема контролата врз Газа, а пролибералниот Ал Фатах врз Западниот брег.
Хамас инаку е прогласен за терористичка организација, а се чини дека ја ужива довербата на мнозинството Палестинци. Значи, дали во доменот на политичкиот морал влегува признавање држава предводена од терористи?
Меѓутоа, не значи дека оние што се денес терористи, утре нема да бидат херои.
Тоа најдобро може да се види токму врз примерот на Израел и Палестина. Основачите и лидерите на Израел, Бен Гурион, Голда Меир, Моше Дајан… своевремено беа прогласувани за терористи од страна на тогашната британска управа. Некогашниот лидер на Ал Фатах и на Палестинската ослободителна организација (ПЛО), Јасер Арафат имаше долгогодишна кариера на меѓународен терорист (бројни грабнувања авиони, атентатот врз израелската репрезентација на Олимписките игри во Минхен 1972 година), за да ја добие Нобеловата награда за мир во 1994 година (заедно со тогашните израелски политички првенци Јицак Рабин и Шимон Перес) токму за договорот со кој се воспоставува палестинска територија на окупираните територии од војната во 1967 година.
Токму Јасер Арафат, во 1988 година ја прогласува палестинската држава на овие територии, со Источен Ерусалим како главен град. И тоа е таа држава што денес ја признаваат речиси 150 земји во светот.
Како што сега стојат работите, во Македонија, за разлика од западните земји, не постои речиси никаква дебата за палестинското прашање. Ретки се протестните гласови против злосторствата во Газа
Првото барање на Палестина да стане полноправен член на Обединетите нации се случува во 2011 година, меѓутоа и тогаш не ја добива поддршката од Советот за безбедност. Но, затоа во 2012 година се носи историска одлука, со која Палестина станува придружен член на ОН без право на глас. Сепак, ова ѝ овозможува пристап до организациите на Обединетите нации, па набргу станува полноправна членка на УНЕСКО, каде што, на пример, редовно гласа против приемот на Косово во оваа организација.
Како што сега стојат работите, во Македонија, за разлика од западните земји, не постои речиси никаква дебата за палестинското прашање. Ретки се протестните гласови против злосторствата во Газа. На високи партиски, политички, па ако сакате и изборни и предизборни нивоа, Палестина речиси и не постои. Ние имаме некои свои поголеми проблеми отколку да ја решаваме светската ситуација. Ние сме воздржани.
Но, светот е глобален. И додека го читате овој текст, некаде во Рафа гинат некои цивили, некои деца и некои жени. Некои семејства се засекогаш раздвоени. Некои домови се засекогаш разурнати. А ние сме воздржани.
Признавањето на Палестина е симболичен чин. Тоа е чин на поддршка на мирот. И тука нема воздржаност. Или си или не си на вистинската страна од историјата. Без оглед на нашите настојувања да ги одржиме пријателските и стратешките односи со Израел, САД и Германија. Ако не го развееме палестинското знаме на зградата на нашата Влада, тогаш барем да размислиме за тоа.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија