Регион

Сараевско училиште “Мустафа Бусулаџиќ” му одговори на Израел

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Откако Израел упати критики поради именувањето на едно од основните училиште во Сараево, по писателот и борец од Втората светска војна, Мустафа Бусулаџиќ, кој се смета за антисемит, училиштето, во својот одговор, укажува на изградбата на еврејски населби на палестинска територија.

Данијел Ковачевиќ, Бања Лука

ОУ “Мустафа Бусулаџиќ” од Сараево, Босна и Херцеговина, одговори на критиките за новото име на оваа институција, во кој одговор се наведува дека Израел „нема право да им држи на другите морални лекции”, поради изградбата на еврејски населби на палестинска територија, што е спротивно на резолуцијата на Советот за безбедност на ООН.

Израелската амбасада задолжена за Босна и Херцеговина, со седиште во Тирана, на 23 август испрати протестна нота до Министерството за надворешни работи на БиХ, поради одлуката, основното училиште „Доброшевиќи“, да биде преименувано во основно училиште „Мустафа Бусулаџиќ“, кој, како што се вели во нотата, е „контроверзна и антисемитска личност“.

„Израелската амбасада изразува искрено жалење што кантоналната власт одобрила таква одлука, особено со оглед на фактот дека поголемиот број Евреи во БиХ, беа убиени од страна на фашистичките и нацистичките окупациски сили, со кои Бусулаџиќ се идентификуваше“, се вели во протестната нота.

Сепак, училиштето ги отфрли овие критики.

„Мултиетничко Сараево, какво што го спомнувате во вашето писмо, е такво поради Мустафа Бусулаџиќ и другите муслимани, кои со нивниот толерантен однос кон другите, овој град го направија мултиетнички”, се вели во соопштението на училиштето.

„Бусулаџиќ не бил антисемит, туку како интелектуалец зборувал за лошите еврејски особини, но и за особините на другите трговци кои не биле Евреи, а се служеле со шпекулативна акумулација на стоки и ‘набивање’ на цени. Дека Мустафа бил во право, доволно покажува моменталната ситуација во светот, каде што сличните постапки на банкарите, предизвикуваат економски кризи“, се вели во реакцијата на училишниот одбор.

Бусулаџиќ е контроверзна личност во Босна и Херцеговина, за кого некои сметаат дека е маченик и жртва на комунистичкиот режим, додека други истакнуваат дека тој бил истакнат соработник на хрватските профашистички усташки окупациски сили за време на Втората светска војна и дека неговите пишани мислења честопати ги рефлектирале идеите на нацистите.

Училиште, сепак, смета дека тој бил жртвено јагне на комунистите, кои го егзекутирале на 29 јуни 1945 година.