Регион

Сведочење за палењето на куќите во косовското село Ќушка

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Косовски Албанец, кој бил сведок на масакрот во селото Ќушка, во мај 1999 година, пред судот во Србија изјави дека видел кога куќите во селото биле палени и нагласи дека лично пронашол тела на убиени цивили.

Филип Рудиќ, Белград

Сведокот, Мустафа Хисфукај, во четвртокот, пред Специјалниот суд во Белград, рече оти бил сведок на последиците од масакрот, извршен од страна на српските сили, над косовските Албанци во селото Ќушка, во мај 1999 година.

Како што истакна, на 14 мај, додека српската полиција минувала низ селото, по што на крајот влегла во една куќа, се сокрил во високата трева во селото.

„Останав таму еден час, еден час и половина, додека пукањето не заврши. Потоа влегов по собите и ги видов запалените тела“, рече Хисфукај.

Како што опиша, пронашол и три мртви селани во дворот на куќата на Раме Гаши, кој, како што истакна, бил убиен заедно со голема група на други луѓе.

„Неговиот син дојде во дворот каде што бев и рече: ‘Го убија татко ми’“, изјави сведокот, додавајќи дека не ги видел убиствата, бидејќи се криел.

Тој ден во селото беа запалени „80 отсто” од куќите, а српските сили одзедоа неколку возила и сите наши вредност, додаде тој.

Адвокатот на одбраната, го критикуваше неговото сведочење, велејќи дека Хисфукај зборува за настани кои не ги видел.

Тврдеше дека неговото сведочење е во конфликт со сведочењето на другите сведоци и утврдените факти.

На претходното рочиште во март 2017 година, сведоци говореа за нивното протерување од домовите во Ќушка.

Српското обвинителство подигна обвиненија против 11 поранешни припадници на 177 интервенциски одред на Војската на Југославија, ВЈ, за воени злосторства во косовските села Ќушка, Пављан, Захач и Љубениќ, извршени во пролетта 1999 година.

Обвинетите првично, во февруари 2014 година, беа осудени на вкупно 106 години затвор, за убиство на најмалку 118 цивили, косовски Албанци.

Но, Апелацискиот суд во 2015 ги поништи пресудите и случајот го врати на повторно судење.

Оттогаш судењето го следат одложувања, а сведоците одбиваат да дојдат во Белград и да сведочат.

Двајцата од обвинетите, Милојко Николиќ и Радослав Брновиќ, починаа во текот на судењето.

Обвинетиот Дејан Булатовиќ е болен и неговиот случај е одвоен од другите.

Ранко Момиќ е во бегство.

Ова судење се смета за едно од најголемите поврзани со воените злосторства на Косово што досега се одвивале пред српските судови и трае веќе 6 години.

Следното сослушување е закажано за 18 декември.

Во август 2014 година, српското обвинителство за воени злосторства, започна истрага против Драган Живановиќ, поранешен командант на 125 бригада на ВЈ, бидејќи, наводно, не сторил ништо за да ги спречи убиствата на Албанците и уништувањето на куќите и имотот во четири косовски села.

Сепак, досега не е поднесен обвинителен акт.