Регион

БиХ: Проверка на военото минато на судиите и обвинителите

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

По наводите кои дојдоа од босанскиот ентитет, Република Српска, РС, за антисрпски предрасуди на некои судии и обвинители на Судот на Босна и Херцеговина, Високиот судски и обвинителски совет (ВСОС) на БиХ, од обвинителството ќе побара податоци, дали против некој судија или обвинител, се води истрага или кривична постапка во врска со нивното воено минато.

Адмир Муслимовиќ, Сараево

Информации за истраги против носители на правосудните функции, еден е од заклучоците на ВСОС, по разгледувањето на информацијата на Центарот за воени истражувања, воени злосторства и потрага по исчезнатите лица од РС, за военото минато на судиите и обвинителите.

Центарот за воени истражувања, воени злосторства и потрага по исчезнатите лица, овој месец, до ВСОС поднесе пријава против девет судии и шест обвинители, поради дискриминација кон Србите во случаите на воени злосторства.

Според Центарот, тие, за време на војната, врз основа на уредба на тогашното Претседателство, биле именувани за воени судии, а некои од нив биле и воени судии во логори.

ВСОС, исто така, најави дека ќе бара, судиите и обвинителите, да можат да бидат разрешувани без дисциплинска постапка.

„Од Министерството за правда, Советот на министри и Парламентарното собрание ќе побараме по итна постапка, да се извршат измени на Законот за ВСОС, во смисла на воведување на вонредна можност за разрешување на судии или обвинители, без дисциплинска постапка”, се вели во соопштението на ВСОС.

Меѓу судиите кои Центарот ги спомна, е и судијата Шабан Максумиќ, еден од тројцата членови на судскиот совет, на судењето на поранешниот командант на Сребреница, Насер Ориќ, кого Судот на БиХ го ослободи од обвиненијата за убиство на тројца воени затвореници од српска националност. Инаку, останатите двајца судии во овој совет, беа Срби.

Да потсетиме, пресудата на Ориќ предизвика остра реакција меѓу политичките лидери на босанските Срби.

Претседателот на ВСОС, Милан Тегелтија, рече дека наводите на Центарот се “многу сериозни и деликатни”.

„Ние не учествувавме во изборот на овие луѓе, па затоа не можеме да ги разрешиме без дисциплинска постапка. Единствено поведување на кривична постапка, би можело да произведе дисциплинска постапка“, рече Тегелтија.

Со овој предлог не се сложија сите членови.

„Ова е произволен и опасен пат”, рече судијата, Горан Незировиќ.

ВСОС сугерираше, на Парламентот на БиХ, да му се предложат измени на законот, со кои на Советот ќе му биде дозволено, со двотретинско мнозинство, да разрешува судии поради неподобност.

Исто така, од судовите се побарани и податоци за националноста на лицата што правосилно се ослободени и осудени за воени злосторства, за правната квалификација за која се осудени, како и за висината на нивната казна.

Од Здружението на судии на Судот на БиХ, за БИРН изјавија дека не се многу среќни поради ваквата реакција на ВСОС.

„Ваквите постапки доведоа до трајна несигурност меѓу носителите на судските функции, и ја разнишаа довербата на јавноста во правдата и во судските институции на државно ниво”, велат од Здружението на судии на Судот на БиХ.