Ракопис

Комитска вечер

Едночинки: Животот е фарса

Кокаланов: Животот е фарса

Ноќ е. Пред мугри, кога е најтемно. На сцената има тројца мажи набиени на колец. Сѐ уште се живи. Облечени се во комитска носија. Ги надгледува османлиски војник кој одвреме-навреме шета лево-десно на сцената.

 

ПРВ КОМИТА: Брат, буден си?

ВТОР КОМИТА: Оди ти заспиј набиен на колец ако можеш.

ТРЕТ КОМИТА (почнува болно да офка): Ооооф! Оооооф!

ПРВ КОМИТА и ВТОР КОМИТА: Доста офкаш бе! Стисни заби! Биди јунак!

ТРЕТ КОМИТА: Мислам дека колов ми закачи некој нерв од `рбетот. Оф, леле. Ооооф, леле. Еве сега изгледа пробива надвор низ грбот. Уф, добро е, излезе. Се олеснав.

ПРВ КОМИТА (кон вториот комита): Не знам. Оттогаш има поминато многу време. За мене ти сиве овие години беше сѐ: и мој животен идеал и совест човечка и самата – Македонија. Сиве овие години јас неотклонувачки ја следев таа права линија: да бидам како тебе, да постапувам како што ти би постапил, да се борам за она за кое се бореше ти – со еден збор, да го правам само она што би го направил единствено ти. И еве до каде ме доведе таа моја права линија.

ТРЕТ КОМИТА: До прав кол в газот.

ПРВ КОМИТА и ВТОР КОМИТА: Доста бамбориш, бе!

ОСМАНЛИЈАТА: Сус, бе, ќерата!

ВТОР КОМИТА: И во она писмо тој ме нарекува… предавник. И ми се заканува со историјата. Ѝ порачува нејзе, на историјата, да го задржи во убав спомен. Како историјата да е споменар или момински дневник. Е, драг мој… Можеби сето тоа, во некоја друга историја и да е ново. Во нашата – не е.

ТРЕТ КОМИТА: Ни коловиве не се нови. Ќе си претнеме малку во историјата и веднаш ќе ни воврат кол низ чмарчето.

ПРВ КОМИТА и ВТОР КОМИТА: Доста, бе, ти!

ВТОР КОМИТА: Цело време ни влегуваш во збор, што е, имаш некој проблем?

ТРЕТ КОМИТА: Не, Бог да чува. Ви личам на некој што има проблем. Проблем ли е еден кол в газот. Супер сме си ние тројцата. Каков проблем, скраја да е.

ПРВ КОМИТА и ВТОР КОМИТА: Престани тогаш!

ОСМАНЛИЈАТА: Сус, бе, ќерата!

ПРВ КОМИТА: Ја гледам муграва. Воопшто не личи на мугра. Небото црнее, се валка, а не дени. А ние сосема не ја забележуваме. Сме го заборавиле усетот за неа. Бездруго е чудесна муграта над Пирин? И јас не ја забележував, сѐ додека не паднав болен. Сета ноќ, како што ми расправаа подоцна, сум бил во несвест од оган. Дури пред муграта, огнот стивнал. Се разбудив. Се чувствував страшно премален. Од мојата постела го видов него. Тој се насмевна и рече да ме изнесат пред колибата. И ми ја покажа муграта. Никогаш нема да ја заборавам… Оттогаш, секое утро се разбудувам пред муграта и ја гледам. Ова ми е прво утро да ја видам ваква валкана; градска.

ВТОР КОМИТА: И ти не кажуваш ништо ново со тоа што ме нарекуваш мене – предавник. Кој знае, по ѓаволите. Можеби и имаш право. Но, тоа не е најстрашното. Најстрашното е што сево ова околу нас завршува како затворен круг. Денес, еве, и Ѓорче е мртов. Утре Димо Хаџи Димов, а во не многу далечна иднина ќе го убијат и Рацин. Потоа и Кузман Јосифовски Питу, потоа и уште многу други. Па сепак никој не мисли дека сево ова има некаков крај. Како само за нас Македонците да се создадени сите црнила на овој свет. За мене се готви некое ново предавство. Веќе утре.

ТРЕТ КОМИТА: Кое утре, за некоја минута ќе бидеме мртви.

ПРВ КОМИТА и ВТОР КОМИТА: Затни се, бе ајван!

ТРЕТ КОМИТА: Позатнат од ова, здравје. Не гледате дека сум затнат целиот, од долу па нагоре. А и вие галиба не сте поарни.

ПРВ КОМИТА (кон вториот): Брату, да ти признаам нешто. Вчера кога те заробија, јас малку ја потпомогнал работата.

ВТОР КОМИТА: Како, бе брату, мислиш си ја потпомогнал работата?

ПРВ КОМИТА: Испратив писмо. Ти се колнам, бев убеден дека си ги предал интересите на организацијата. Пред една недела добив писмо од некој потпишан со псевдонимот Црвен врабец. Сум чул за Црноризец Храбар, ама за Црвен Врабец првпат чув. Писмото изгледаше верно. Ми пишуваше дека си соработувал со предавничкото крило на организацијата. Си организирал убиства на наши членови во Скопје, во Софија, во Белград, во Будимпешта… Не можев да ти простам. И им пишав писмо на душманиве.

ВТОР КОМИТА: И што им напиша?

ПРВ КОМИТА: Ништо посебно. Само локацијата каде се наоѓаш.

ВТОР КОМИТА: Е вистина ништо посебно, брату.

ТРЕТ КОМИТА: Ајде сега да му се извиниш. Хе, хе, хе….

ПРВ КОМИТА и ВТОР КОМИТА: Доста бе ти!

ОСМАНЛИЈАТА: Сус бе ќерата!

ВТОР КОМИТА: Претпоставував дека си ти. Само мислев дека тоа си го направил од љубомора, а не поради лажни информации дека сум предавник.

ПРВ КОМИТА: Зошто да ти љубоморам, брату?

ВТОР КОМИТА: Па, знаеш, поради тие гласовите. Сите ромореа дека сум преноќувал кај жена ти. Сигурно и до тебе допреле тие гласови. Вистината е дека јас не сум ја ни допрел. Тој што ти пишал, тој како го велиш, Црвениот Врабец, тој ја посетувал додека ти со четата акаше низ горите.

ПРВ КОМИТА: Ах, да знам кој е тој Црвен врабец, брату, која е таа растурикуќа, уште утре ќе му ја здробам глаата.

ТРЕТ КОМИТА: Утре?! Слушајте, утре, ако заминувате многу рано, не будетеме . Планирам да си поспијам малку, денеска имав напорен ден. Оффф, леле, нервот, се здрвив…

ПРВ КОМИТА и ВТОР КОМИТА: Доста офкаш, бе, стисни заби!

ВТОР КОМИТА: Претполагав дека си ти и не ти останав должен. Ѝ наредив на мојата стара да им раскаже каде си.

ПРВ КОМИТА: Како си можел?

ВТОР КОМИТА: Немаше да го сторам тоа ако не бев сигурен дека ти си ме предал.

ПРВ КОМИТА: Јас те предадов поради писмото од Црвениот врабец.

ВТОР КОМИТА: А јас затоа што знаев дека си ти доушникот.

ТРЕТ КОМИТА: Ооооф! Оооооф!

ПРВ КОМИТА: Што офкаш бе пак ти! Пак ли нервот те здоболе!

ТРЕТ КОМИТА: Не бе браќа, не е нервот.

ВТОР КОМИТА: Ами?

ТРЕТ КОМИТА: Ами јас сум Црвениот Врабец.

(Истовремено умираат тројцата.)

ОСМАНЛИЈАТА: Ај анасана!