Во услови кога Собранието е распуштено, слободите ограничени, а Владата постојано донесува уредби, Уставниот суд останува единствениот контролор на уставноста и законитоста на прописите.
Три од нив веќе се најдоа под лупа на деветтемина уставни судии, за кои се поднесени иницијативи.
Највисоката уставносудска власт, не само од подносители, туку и по службена должност oдлучи да провери дали меѓу уредбите има и такви што не се поврзани со вонредната состојба.
БИРН разговараше со претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати, со поранешни уставни судии и со правни експерти за тоа кој (да) ја контролира власта во време на вонредна состојба.
Поранешниот уставен судија, Трендафил Ивановски, за БИРН вели дека во оваа состојба Уставниот суд се наоѓа првпат, но дека судот мора да се приспособи:
„Уставниот суд како институција мора да се прилагоди и на овие услови. За секој пропис за кој некој смета дека е неуставен, може да поведе иницијатива“.
И доцентот по уставно право на „Јустинијан Први“ при УКИМ, Денис Прешова, посочи дека: „Владата ја има комплетната легислативна активност во вонредна состојба и единствено Уставниот суд може да врши директна контрола над неа“.
Уставни судии на физичка дистанца со маски и ракавици
Осум од вкупно девет судии во Уставниот суд минатата среда вторпат се собраа за да дебатираат за иницијативата на Тодор Петров за поништување на одлуката за распуштање на Собранието со која беа распишани изборите. Иницијативата не помина.
На седницата на која како јавност присуствуваше БИРН, отсутна беше само една судијка. Во невообичаен манир, со маски на лицата, седницата почна рано наутро во 8.30 часот.
Да не беше оваа состојба, наместо девет, Уставниот суд ќе имаше член помалку, бидејќи на судијата Владимир Стојаноски, на 14 април му истече деветгодишниот судиски мандат и тој требаше да се врати во Врховниот суд.
Поради прогласената вонредна состојба, Уставот предвидува дека мандатот на судиите, како и на претседателот на државата и на членовите на Судскиот совет се продолжува.
Иако седницата беше јавна, на БИРН не му беше дозволено да направи фотографии од судиите, што е редовна пракса. Како што ни беше кажано од обезбедувањето, судот го забранил внесувањето мобилни телефони.
Образложението за ваквиот потег е дека тоа го направиле бидејќи некои новинари ја снимале јавната дискусија на судиите и потоа ја емитувале, но и поради тоа што судиите носеле маски.
Судиите за време на седницата не седеа еден до друг, како што е тоа долгогодишна пракса, туку преку едно место поради одржување физичка дистанца. Од соработниците присутни беа генералниот секретар, советничка и записничар.
Претседателот на судот, Сали Мурати, за БИРН вели дека, иако некои од судиите се над 70 години, тие доаѓаат на седниците и благодарение на тоа судот досега немал проблем во обезбедувањето кворум.
Хрватскиот уставен суд овозможи електронско поднесување на барањата за преиспитување на уставноста. Во Црна Гора, тоа може да се направи и по пошта
Во време додека трае вонредната состојба, судиите одржале една седница во две продолженија и два работни состанока. Приемот на иницијативи и поднесоци тече непречено, вели Мурати.
На прашањето дали судот може да работи електронски во ваква ситуација, Мурати не ја исклучи таквата можност, но, како што рече, треба да се направат „деловничка интервенција“, анализа, како и „да се земат предвид постојните технички можности и искуства на други уставни судови“.
Уредбите надвор од причините за вонредната состојба се проблематични
На седницата на Уставниот суд, кога се расправаше за иницијативата за распуштање на Собранието, судијата Дарко Костадиновски аргументираше дека тој суд мора да се фокусира на „проблематичните уредби со законска сила“ што ги донела Владата.
Уставниот суд првпат во историјата е ставен пред предизвикот да ја контролира Владата бидејќи тоа не може да го прави Собранието.
„Најбрзо, по службена должност да се разгледаат неколку проблематични одлуки за платите на вработените во СЈО, за банкнотите, за изборите и за финансирањето на универзитетите…“, рече Костадиновски на седницата.
Костадиновски кажа и дека судот овие прописи треба да ги разгледа по службена должност и да интервенира каде што е потребно со привремени мерки, за Владата да добие сигнал дека Уставниот суд „не е центар на отуѓена моќ“, туку контролор на законитоста и уставноста.
Во едночасовната дискусија, претседателот Сали Мурати рече дека има хиперпродукција на вакви акти и не е сигурен дали Уставниот суд би можел да ги проверува сите прописи.
Но, она што е најважно, а што беше адресирано на седницата е дека Владата треба да донесува уредби, кои исклучиво се однесуваат на вонредната состојба со корона вирусот. Останатите уредби би биле проблематични, па оттука би биле предмет на разгледување.
„Не може надвор од причините за воведување вонредна состојба да се донесат уредби од законски карактер“, рече Мурати, потенцирајќи дека не се за дискусија само уредбите, туку и ограничувањето на слободите и правата.
Најмалку три уредби под „рендген“ на уставните судии
Деведесетина уредби со законска сила донесе Владата за еден месец од прогласувањето на вонредната состојба поради корона вирусот.
„Заклучно со 41-та седница на Владата одржана на 14.4.2020 година, донесени се вкупно 87 уредби со законска сила. Од нив, 65 уредби се донесени во месец април 2020 година, а 22 уредби се донесени во текот на месец март“, ни одговорија од Владата.
БИРН ги прелиста службените весници за овој период. Најмногу уредби, вкупно 14, биле донесени на седница на Владата на 4 април. Ако се земат предвид уредбите по овој датум, како и изменетите и дополнети уредби, нивниот број надминува 100.
За претседателот на Уставниот суд, неспорно е дека Владата може да донесува уредби, но „принципот на уставност и законитост треба да биде почитуван и за време на воена или вонредна состојба, особено во делот на почитувањето на слободите и правата, односно нивното ограничување“.
Од утре, девет судии треба да пресечат дали има неуставност и законитост во три владини прописи кои беа оспорени пред Велигден.
„Досега имаме примено вкупно три иницијативи со кои се оспорува уставноста на некои од уредбите со законска сила што ги има донесено Владата“, ни кажа Мурати.
Оспорени се уредбата за прашањата поврзани со изборите, уредбата за платите на вработените во специјалното јавно обвинителство и висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор за време на вонредна состојба.
Последната оспорена иницијатива, всушност, се однесува на платите на судиите, кои заедно со обвинителите добија минималец од 14.500 денари, како дел од мерките на Владата.
Иницијаторот се повикува на фактот дека постои посебен закон, а тоа е Законот за платите на судиите, каде што пишува дека нивната плата „не може да биде намалена со закон или одлука на државен орган“.
За оваа и другите иницијативи се формирани предмети и се дадени во работа.
Уставниот суд мора активно и брзо да постапува
Oваа судска инстанца првпат за владините уредби расправаше по седницата за распуштање на Собранието, на работен состанок без јавноста. Практично тоа се случи месец дена откако беа донесени првите уредби. Со тоа се отвора и прашањето за брзината со која судот, како чувар на уставниот поредок, реагира во негова заштита.
Долгогодишната пракса покажува дека брзината со која одлучуваше Уставниот суд за различни иницијативи во минатото е различна, при што за некои е пословично бавна и задоцнета.
Така, на пример, иницијативата за уставноста на специјалното јавно обвинителство е во судот повеќе од пет години. Иако законот за СЈО и формално нема да постои од први јули, судот сè уште не одлучил за уставноста на оваа институција, која за два месеца ќе престане да постои.
„Уставниот суд во вакви околности мора да биде далеку поактивен и поприсутен, нешто што не е негова карактеристика години наназад“, вели Прешова.
Од тука, ако некои од уредбите или одлуките се противуставни, судот би можел со привремени мерки да го спречи нивниот влез во „правниот промет“. Но, тоа би било ефективно доколку судот постапува во време додека траат уредбите.
Преиспитувањето на уставноста секако би можело да се направи и по нивното укинување, но тогаш се доведува во прашање целисходноста на одлуките.
„Moже да се случи да се укине уредба и да се каже дека не е од таква важност сега да се донесе, да се остави можност кога ќе се формира Собранието тогаш тоа да се направи“, вели за БИРН уставната судијка во БиХ, Маргарита Цаца Николовска, посочувајќи на некои од можностите при постапувањето.
Уставните судии во Босна и Херцеговина ќе одлучуваат дали мерките за целосна забрана за движење на малолетниците и на возрасните над 65 години поради корона вирусот се противуставни во федерацијата
Нејзиниот поранешен колега Трендафил Ивановски е дециден дека, и по укинувањето на вонредната состојба, Уставниот суд може да оцени дали прописите биле уставни.
„И покрај тоа што ќе помине тој рок, ако бил прекршен Уставот, Уставниот суд може да се произнесе дека и во тој рок прописот бил неуставен“, вели Ивановски за БИРН.
На иста линија е и Прешова: „Неуставност на правен акт може да биде констатирана и по престанокот на важењето на актот и тоа може да биде основа за понатамошни постапки пред редовните судови“.
Во меѓувреме, уредбите кои беа донесени од 18 март остануваат во сила и во периодот опфатен со новата одлука за вонредна состојба, соопшти Владата.