Парализата што ја предизвика корона вирусот врз целото општество не ја одмина ниту правдата. Многу пред да почне судската ферија, епидемијата ја испрати Јустиција на „принуден одмор“.
Со привременото блокирање на правосудните органи за време на вонредната состојба се покажа дека правдата се дели со различни брзини, а селективноста во правораздавањето е „природна“.
Обвинителите напишаа илјадници казнени налози за прекршителите на мерките за движење и самоизолација, за што судовите се преплавени со нови предмети.
Но, додека бројката на обвинети беше во трка со бројот на заболени, судовите немаа воедначена стратегија што да прават со закажаните и одложени предмети. Како и вообичаено, сè се сведуваше на можностите на секој суд поединечно и слободата на толкувањето.
Вирусот го десеткуваше персоналот во правосудството, па се работеше со намален обем. Напливот на предмети некои од судовите ги направи неажурни, а се очекува и допрва да расте. Пандемијата и вонредната состојба ја соголија реалноста, во која судовите работат со застарена опрема и не се меѓусебно поврзани.
На „стенд бај“ беше и борбата со криминалот, бидејќи, освен во итните предмети, и обвинителите ги одлагаа истрагите и дејствијата.
Уставниот суд беше единствен контролор на власта во услови на распуштен парламент и замрзнати рокови за изборите. Сознанието дека немаме закон за вонредна состојба, е единствената научена лекција од повеќемесечниот застој предизвикан од корона.
Армија прекршители на мерките
Кризата со корона вирусот предизвика лавина од казнени налози, односно предмети за кои, без судење, врз основа на предлог на обвинител судот изрекува пресуда. Сосема на крајот, бројката на прекршители надмина 3500.
Правдата во Македонија во време на кризата, ако се изземе случајот „Рекет“, кој беше медиумски најекспониран, главно се сведе на дневен и месечен биланс на прекршители. Јавноста беше „бомбардирана“ со дневна статистика за казнетите непослушни граѓани што не ја почитувале забраната за движење.
Меѓутоа, истовремено за некои колективни, верски и други настани сторителите не беа гонети, иако беше евидентно непочитувањето на мерките, па социјалните мрежи вриеја од коментари дека ниту епидемијата не нè научила на неселективна правда. За оние за кои важеше законот, обвинителите по пријави од полицијата штанцаа казнени налози. Тие што не беа гонети, куртулија од казни. Другите сѐ уште се судат и казнуваат.
Наместо парични казни, општокорисна работа
Четврток, 23 јули, речиси два месеца од последниот полициски час. Во Кривичниот суд во Скопје во судницата на четвриот кат пред судијката и обвинителот, се појави младиот Мартин Т. придружуван од адвокат, обвинет дека ја прекршил забраната за движење.
Мартин кажа дека е невработен, татко на едно дете и очекува уште едно. Сопственик на куче од расата питбул. Токму кучето, кое не било арно, е причината поради која го прекршил полицискиот час, за да отиде на ветеринар.
„Се чувствувам виновен. Се каам и барам судот поблаго да ме казни. Не знаев дека треба претходно да се јавам во полиција“, рече тој.
Незнаењето и здравствената состојба на кучето не му помогнаа на Мартин. Од судница замина со глоба од 500 евра и судски трошоци. На заминување праша дали некој сака да чува питбул. Се чинеше како да е задоволен од пресудата. Веројатно се плашел од повисока казна.
Денот на правосудството со пoлупразни судници
31 март се одбележува како ден на правосудството во Македонија. Вообичаено на овој ден, секоја година се организираат конференции и настани, а судиите, обвинителите и вработените во правосудството едни на други си го честитаат денот.
Врз основа на увидот што го направи БИРН во неколку пресуди кои се донесени за прекршување на полицискиот час, претпоставеното стравување на Мартин не беше неосновано.
Извесен Башким Н. од Скопје, е осуден на глоба од 2.000 евра и да ги плати судските трошоци. Тој ја примил пресудата и во законскиот рок не вложил приговор, со што таа станала правосилна.
Но, има и поинакви случаи. Скопјанецот Ацо Б. исто првично бил осуден парично со 2.000 евра, но тој вложил приговор, со медицинска документација со која се потврдува дека боледува од биполарно растројство. Постапката запрела, а судските трошоци паднале на сметка на буџетот.
На 23-годишниот Роберт Н. првично изречената глоба од 1.000 евра на негово барање, судот му ја заменил со општокорисна работа. Тој треба да одработи 150 часа без надоместок во јавно претпријатие, општина или хуманитарна организација.
Опомена и општокориснa работа судот му изрекол и на 35-годишниот Филип А. Тој за време на полицискиот час излегол од дома за да земе апче од пријателка за неговата сопруга која патела од хронична болест. Во судот сведочела пријателката на обвинетиот, a судијката ценела дека со ова казна ќе се постигне ефектот на казнувањето.
Трипати помалку решени предмети во споредба со лани
Со владините мерки за заштита од корона вирусот, но пред сè со уредбата од март, запреа сите законски рокови за застарување на предметите, но беа одложени и роковите за поднесување жалба/одговор на тужба и сл. Не можеше ниту да се извршува, па доверителите со правосилни и извршни решенија ја чекаа законската можност за да продолжат со наплата.
Освен итните и притворските предмети, вонредната состојба остави илјадници судски процеси на чекање, како и одложени дејствија во истрагите, за кои, исто така роковите беа запрени. Во обвинителствата беа откажувани сослушувања на сведоци, како и преземање други истражни дејствија, освен во предметите што се итни и притворски.
Од таму потврдија дека постапувале во намален обем, пред сè, поради фактот што, и по истекот на вонредната состојба, сè уште се во сила мерките за да се спречи ширењето на вирусот.
„Станува збор за ослободувањето од работни обврски на родители на деца до 10-годишна возраст, бремени жени и хронично болни лица, а во Обвинителството има вработени од овие категории, јавни обвинители и јавнообвинителски службеници, па уште не се во можност да работат со полн капацитет“.
Судница во затвор
За време на вонредната состојба, во мај беше отворена најголемата судница во државата, но не во суд, туку во затворот Идризово, со пари од фондовите од ЕУ. Тоа е одлична можност судењата на притворените лица во иднина да се одвиваат таму.
Неколкумина судии од скопска Апелација и од Врховниот суд беа во самоизолација, други не успеаја да останат имуни на невидливиот непријател, па тоа беше причината поради која судовите ги одлагаа или презакажуваа сите јавни судници и расправи.
Бројките што ги добивме од АКМИС-системот на граѓанскиот суд во Скопје, кој е најоптоварен суд со предмети, покажа дека неработењето на судот го направило своето.
Лани од март до мај биле закажани 12.815 рочишта, а решени 10.141 предмет. Годинава во истиот период закажани биле 11.266 рочишта, но решени само 3.435 предмети, што значи трипати помалку.
Податоците од АКМИСОТ на Кривичниот суд во Скопје, само навидум покажаа дека кризата не влијаела врз работата на судот. Во март, април и во мај годинава, без прекршочните предмети, биле одложени само 622 од 2.931 закажано судење, или нешто над 20 проценти. Лани за овој период биле одложени двојно повеќе судења (1.134 од 3.479 закажани).
Сепак, од споредбената анализа на решените предмети во истиот период лани и годинава, може да се види дека неработењето на судот во полн капацитет и овде имало влијание. Па така, вкупниот тримесечен број на решени предмети лани бил 10.718, а истиот период годинава е 7.421.
Анализата на БИРН за одложените судења за високопрофилните случаи во изминатиот период покажа дека најмалку седум рочишта за ваквите предмети биле откажани поради отсуство на обвинет или бранител што ги користат мерките на владата за заштита од корона вирусот или биле во самоизолација поради контакт со лица што биле инфицирани.
Па така, во овој период, меѓу другите, беа одложени судењата на СЈО за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, „ТНТ“, „Трезор“, „Тортура“, потоа судењето за организаторите на упадот во Собранието од 2017 година и јавната седница во Апелација за извршителите на собранискиот упад.
Неажурни судови
Судскиот совет го оцени скопскиот Апелациски суд во 2019 година за еден од неажурните судови, бидејќи не успеал да го совлада приливот на предмети. Тоа, покрај другото, најмногу се должи на речиси преполовениот број судии. Таму до лани работеа 37 судии, иако во систематизацијата се предвидени 52.
Непосредно пред корона кризата, во овој суд беа избрани уште шест судии, но за да се намали бројот на нерешени предмети, ќе треба време. Просечното време за решавање еден предмет во овој суд лани, во декември било 1.221 ден, или три години и три месеци. За споредба, еден предмет во просек во штипска Апелација, која има далеку помал обем и број на судии, се решава за неполни четири месеци, односно за 111 дена.
Од најголемиот граѓански суд во Скопје, пак, велат дека допрва очекуваат наплив на предмети за работни спорови, како и предмети со приговори за извршување. Таму досега, еден судија работи во просек по 400 предмети, но поради кризата и зголемувањето на бројот на предмети, таа бројка ќе порасне.
Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, за БИРН потврди дека многу судови станале неажурни поради корона вирусот, а причината не е само бројката на предмети. „Се појавија судии што се позитивни. Не можеше да се работи ефективно како претходните години“, вели Здравев.
Скратени пари и во правосудството
„Сатарот“ на кратења буџетски пари, со цел справување со короната, заигра и во правосудството. Од судската власт, Министерството за правда и од Јавното обвинителство вкупно се скратени над шест милиони евра. За педесетина илјади евра пократок останал и Уставниот суд.
Во три наврати, Советот донесувал упатства за тоа кои предмети да имаат приоритет во судењето, но Здравев вели дека им оставиле и „на претседателите и на судиите да оценат од каков ризик е постапувањето од определен предмет“.
Токму таквата слобода во менаџирањето, тие што најчесто се во судовите, адвокатите, остави впечаток дека судовите немаат унифицирана стратегија за време на кризата. Адвокатката Павлина Зефиќ има впечаток дека судовите не биле координирани како да постапуваат во кризата.
„Некои судови брзо реагираа, како на пример Основниот кривичен суд Скопје и презедоа дел од мерките за заштита, а други судови чекаа конкретни инструкции од Судскиот совет“, вели таа.
Смета дека недостигот од јасни и навремени напатствија од Судскиот совет се рефлектирал со „хаотична состојба во судовите на почетокот на кризата, која е видлива и денес“.
Спорна правда „од пред компјутер“
Короната, во делот на правосудството и владеењето на правото, не покажа само дека правдата во иднина ќе се бори „за термин“, туку и дека судовите работат со застарена опрема и не се меѓусебно поврзани. Една од главните причини поради кои онлајн-судењата засега се само замисла, е тоа што постојните закони не предвидуваат таква можност.
„Кога не постои закон за вонредна состојба, ние не можеме да го уредуваме постапувањето на судовите онлајн“, вели Здравев и додава дека законите со кои се уредува постапувањето во судовите, се системски закони и се донесуваат со двотретинско мнозинство.
Но, смета дека со онлајн-судењата се губи и принципот на непосредност. „Тој принцип е важен, бидејќи кога судијата го сослушува обвинетиот или сведокот, ја цени неговата изјава и од говорот на телото“, заклучува тој.
Солидарноста на судиите
405 од вкупно 499 судии во 34 судови, во земјава донирале 75 илјади евра за еден месец, откако Уставниот суд пресече дека тие не може да одат на минималец.
Дополнително, потенцира дека и обвинетиот треба да се согласи на онлајн-судење, да се предвидат сите можни сценарија и ситуации во случај на технички проблем, исклучување на интернетот и сл.
Согласен со ова е адвокатот Јанаки Митровски. Тој за БИРН вели дека станува збор за „незаконски експеримент, кој не смее да пушти корења“.
„Како ќе се испочитува едно од клучните начела на постапката – начелото на јавност? Граѓани ќе се вклучуваат за „Зум“ или на „Скајп“? Дополнително, сметам дека ваквиот начин е крајно несоодветен и опасен за испрашување сведоци, на пример. Како да бидеме сигурни дека сведокот не чита?“, прашува Митровски.
И покрај овие дилеми, кавадаречкиот суд го направи првиот чекор и одржи виртуелни рочишта. Судијата и странките беа со маска и „онлајн“ пред своите компјутери. Судењето заврши брзо. Изречена беше петгодишна затворска казна за разбојништво, откако претходно обвинетиот призна вина.
Судот соопшти дека онлајн-судењето е во согласност со упатствата и препораките на Советот на Европа, како и со Светската здравствена организација, а виртуелното судење е поради „зголемената опасност од ширење на корона вирусот во притворските одделенија, а кои се однесуваат на судовите и на јавните обвинителства за намалување на употребата на мерката притвор и ублажување на казнената политика во поглед на затворските казни“.
Но, обвинителите не се најсреќни со воведувањето онлајн-судења. Велат дека тоа би требало да биде само исклучок, а не правило.
„Основен принцип е доказите да се изведуваат непосредно пред судечкиот совет, дека судницата е место, каде што со докази, свои аргументи и со вештини истапуваат странките во постапката и каде што личното присуство на сите инволвирани е значаен дел во градењето на оценката за текот на постапката и одлуката на судот“, велат од таму.
„Ако се земе предвид дека употребата на технологија не е силна страна на судовите и на обвинителствата, искрено се сомневам дека можеме успешно да одржуваме онлајн-судења, во кои ќе бидат испочитувани сите права на странките во постапката“, вели Зефиќ.
Таа потенцира дека имало неколку позитивни примери, што покажало дека „ако има волја кај сите страни, може да се одговори на предизвикот“. „Но, во тој случај, неопходна ќе биде и интервенција од законодавецот и носење стриктни правила и процедури за одржување онлајн-судења“, заклучува Зефиќ.
Застарена опрема во судовите и во обвинителствата
Но, дури и да има волја за онлајн-судења, тоа е невозможно да функционира секаде, бидејќи во голем дел од судовите компјутерите и софтверите се или застарени или неисправни. Опремата, пак, што работи, не ги поддржува софтверите. Ова го пишува во Стратегијата за информатичко-комуникациската технологија во судовите на Министерството за правда.
„Состојбата на серверите во судовите е со слаб капацитет, односно нема сервери за складирање податоци, ниту за базата на податоци ACCMIS и системот за аудиоснимање FEMIDA“.
Проблем има и во човечкиот потенцијал. Во центарот за информатика, односно во базата на податоци за судскиот информатички систем, АКМИС, вработени се само четворица.
Во скопските основни судови била доставена опрема за поврзување меѓу судовите, но таа никогаш не профункционирала, пишува во документот.
„Ние немаме електронска интерконекција меѓу судовите ниту по хоризонтала, ниту по вертикала“, потврди Здравев, посочувајќи дека судовите не се електронски поврзани ниту меѓу себе, ниту, пак, со другите државни органи.
Адвокатски онлајн-совети
Адвокатот Јанаки Митровски е првиот што ја почна идејата за правни совети онлајн, преку платформа, каде што заинтересираните ќе може да изберат правна област и адвокат. „Во западните земји ова е пракса подолго време, а кај нас за првпат се воведува. Колку ќе функционира, останува да видиме“, вели Митровски за БИРН.
Смета дека и самиот АКМИС систем е застарен и треба да се надгради со дополнителни можности за олеснување на работата на судовите, но и да се купат нови компјутери.
Не е поразлична состојбата ниту во Јавното обвинителство. Во „Фемида“, специјализираниот технички систем за аудио и видеоснимање на испитувањата во Обвинителството, записите се чуваат на локалните компјутери, па се префрлаат на цеде.
„Доколку се појави законска обврска или можност за подобрување на софтверот, ќе се воспостави и нова функционалност“, велат од Обвинителството, во кое, освен што предметите на обвинителите им се делат рачно, исто така кубури со информатички кадар.
Па така, во ниту едно основно јавно обвинителство нема ИТ-кадар, а во државното обвинителство работи само еден информатичар. Слична е состојбата и со затворскиот систем, каде што нема вработено информатичари.
Владата го „разработи“ Уставниот суд
„Инвазијата“ на владини уредби го „размрда“ Уставниот суд, кој, во отсуство на парламент што ќе ја контролира владата, беше преплавен од вакви иницијативи. Тоа беше единствениот орган, кој во вонредната состојба можеше да ги контролира 215-те владини уредби.
За три месеци, овој суд одлучуваше за уставноста на речиси половината од нив, 128. Ова е приближно колку што до овој суд вкупно иницијативи биле поднесени лани, 167. Тоа значи дека Уставниот суд знае да биде и ажурен кога од него тоа се бара.
Меѓу поништените уредби е и таа што предизвика најголем револт во јавноста, со која платите на судиите, обвинителите и функционерите се сведува на минималец од 14.500 денари.
Уставниот суд експресно пресече дека станува збор за уредба, која се коси со Уставот и законите, донесе привремена мерка, а подоцна и ја поништи уредбата. Со тоа судиите, обвинителите и сите други категории опфатени со уредбата ги добија целите плати за месеците април и мај.
Брзината со која уставните судии одлучија за оваа иницијатива, која ги тангира и нивните плати, наспрема предметите што таму стојат нерешени со години, за многумина значеше потврда дека судиите судат „со различни брзини“.
Короната поттикна дебата за нов закон
Правна гимнастика. Ова е обидот на државата да ја премости правната патека во која првпат се најде, бидејќи имаше техничка влада за спроведување на изборите, распуштено Собрание и вонредна состојба. Сето тоа придонесе на дневна основа да се слушаат спротивставени ставови на стручната фела за тоа дали Собранието треба да се свика, до кога е важноста на владините уредби и слични правни дилеми.
Иако постои Закон за кризни состојби, несомнено дека приоритет на идната власт би требало да ѝ биде донесување Закон за вонредна состојба, кој ќе ги регулира сите овие отворени правни прашања. Причината е јасна: државата да функционира непречено, наместо да се троши енергија на „правни толкувања“ по дебатни емисии.
Од Министерството за правда, за БИРН, велат дека досега не се разговарало за детали од ова прашање, но дека се согласни за таков закон.
И професорката на Правниот факултет во Скопје, Ана Павловска-Данева, за БИРН вели дека ваков закон е неопходен.
„Не може да се дозволи со месеци извршната власта да ја суспендира законодавната и во тој закон би било регулирано дека може да се свика Собранието“, вели таа.
Задолжителна заштита при влезот во судовите
На влезот во судовите се мери температура, задолжителна „реквизита“ се средствата за дезинфекција, а неизоставен дел е заштитната маска на лицето на сите што влегуваат.
Појаснува и дека Собранието морало веднаш да се свика, а не тоа да се остава на интерпретации: „Со Закон за вонредна состојба и тоа би се надминало“, смета Павловска-Данева.
Говорејќи за правните празнини во оваа криза, таа појасни дека е отворена дилемата за правната важност за уредбите со законска сила на владата.
„Не може уредбите со законска сила да важат по завршувањето на вонредна состојба доколку не се верификувани од Собранието“.
Свесна за потребата од донесување Закон за вонредна состојба, Павловска-Данева тврди дека треба да се размисли и за измени на Уставот“, бидејќи Уставот има сериозни недостатоци што треба да се пополнат, какви што се на пример правните прашања поврзани со вонредната состојба.