Тоа мартовско утро Бранимир М. излезе од дома некако набрзина, мислејќи дека доцни. Ја заклучи вратата, се наведна, собра некакви целофанчиња и книжиња што ветрот ги доставил ноќта пред неговата врата, ги фрли во зелената пластична канта за ѓубре, си ги избриша рацете со влажни, медицински марамчиња и токму кога сакаше од „Корушка“, не, не,.. од „Драгутин Аврамовски-Гуте“ да сврти лево по „Иван Цанкар“ за да фати автобус на „Партизанска“, низ Влае задува некој одненадежен утрински студ. Бранимир М. се стресе и речиси се затетерави на улицата. Нервозно погледна на рачниот часовник (мислејќи дека доцни) и реши да се врати дома по џемпер. „Рано е само за по кошула под јакната. Избрзав.“ Ја отклучи вратата, ги собу чевлите, обу влечки и од големиот плакар во спалната соба внимателно го извади сивиот памучен џемпер, не нарушувајќи го совршениот ред на полицата. Пред да го облече, се премисли. Го здипли одново, му го врати на плакарот и оттаму го извади тенкиот жолт, ама волнен џемпер. „Сепак е март, рано е за памук.“ Облекувајќи го, токму кога главата му беше заробена во аливцето, ненадејни светлинки му влегоа в очи како низ дупчиња,.. низ некакви нејасни проѕирки.
– Што е ова, по ѓаволите!? – извика со глас придушен од волната. – Белки не ми го изеле молци џемперов!? Мене, кој во животот немам ставено ништо непрано в плакар! Молци во моја куќа! Не, не, тоа не е можно!
Панично ја ослободи главата од недооблечениот џемпер, го положи на големиот брачен кревет во кој спиеше сам од млад и внимателно почна да го разгледува. На долната страна, еден прст над ластикот, имаше неколку дупчиња низ кои можеше да се наѕре шарената прекривка на креветот. Стаписан, Бранимир М. почна да го превртува и да го разгледува џемперот од сите страни… Најде уште неколку дупчиња на ракавот и една баш голема дупка на предницата, високо горе до самото завршно и украсно кожено паспулче околу вратот. Поразен од глетката, од продупчениот совршен ред и мир во својот живот, Бранимир излезе по вторпат тоа мартовско студено утро само во кошула под јакната…
Бранимир М. не можеше да го зачува негибнат својот совршен ред и мир ниту на работа. Со часови пребаруваше на интернет само за молци – Tineidae, големо семејство од речиси 3.000 различни видови. Крзнени (Tinea pellionella), житни (Tinea granella)… и „неговите“, Тinea biselliella, кои јадат текстил, ама најмногу сакаат природни материјали, особено волна. „Моите молци изгледа се уште поспецифични“, си размислуваше Бранимир М. „Јадат само жолта волна.“ Но, само што помисли на специфичноста на своите молци, нов страв му протече низ крвта. „Леле, можеби моите молци јадат и други бои! Којзнае во каква состојба ми е целиот плакар!“
Излезе од работа пред да заврши работното време. Изнакупи лаванда во секаква форма (мразеше нафталин, а сув ореов лист како што ставаше баба му во каселата со чеизот, не знаеше дали и каде може да најде во Скопје) и, видно вознемирен, се врати дома. Тој не беше како другите луѓе на кои беспрекорноста на домот не им значи многу. Нему тоа му беше сѐ. Отиде право во спалната соба, цврсто решен да ги најде, да ги види и да се пресмета со молците. Првпат и засекогаш. Ги извади сите облеки и од полиците и од висечкиот дел, сосе закачалките. Ги пребриша внатрешните површини, едно по едно парталче го прегледуваше со око на сокол, извади сѐ на тераса, провери уште еднаш на дневна светлина… Никаде не забележа ни молец, ни дупче. Неговата облека сѐ уште мирисаше на течните детергенти кои внимателно ги беше избрал и со години ги користеше само нив: розов „первул“ за волна (и за неколкуте свилени кошули и маички) и син „первул“ за сета друга шарена облека.
Малку му беше сево ова во борбата со молците што никаде ги немаше, ама сигурно биле тука и продупчувајќи му ја совршеноста, заминале оставајќи нешто да недостасува. Бранимир М. цел викенд сѐ преперуваше, вклучи којзнае колку машини, ги исуши природно сите алишта, повеќе му веруваше на ветрот, отколку на машината за сушење, сѐ препегла, предипли, измазни и нареди во плакарот. Со поначесто распоредени вреќички лаванда меѓу џемперите, со пакувања лаванда во фолија педантно и повеќекратно избодени со игла, за да излегува мирисот и да бегаат молците што ги нема.
Никогаш повеќе животот не му стана каков што му беше. Деновите што се натрупуваа врз средувачкиот викенд полека ја носеа пролетта во Влае, но и нов немир во најдлабокото на Бранимир М. Додека ревносно ги пребришуваше подовите во својот дом, ги светнуваше и прередуваше убавите предмети на полиците, ги чукаше книгите и ги поминуваше неотворените шишиња со најразлични пијалаци со еленска кожа со малку средство за стакло капнато на крајчето,.. постојано ги бараше молците. Веќе знаеше дека машките молци летаат (па нив ги бараше и во воздухот!), а женските одвај можат да ползат (па нив ги бараше дури и меѓу буквите додека ги читаше книгите со научно-фантастична содржина кои најмногу ги сакаше),.. дека една женка молец во добри услови може да роди до 100 молчиња, дека молците-љубовни партнери не живеат долго по главниот чин,.. но сето тоа знаење не му помагаше во сражението со молците во неговиот дом.
Една здодевна квечерина кога не можеше сопствениот мир да го најде никаде и во ништо, Бранимир М. излезе да се прошета низ населбата, низ својата преименувана уличка, низ „Драгутин Аврамовски-Гуте“, од почетокот до крајот. Од „Иван Цанкар“, каде што се одвојуваше, до „Ацо Шопов“, каде што исчезнуваше… Застана пред таблата со името на улицата и почна да си размислува дека треба убаво да пребара во каселата каде што чуваше цртежи, графики, тетратки и други спомени од детството, од младоста… Да ја најде графиката од Гуте што ја доби како подарок за дипломирањето. „Многу беше убава, зошто ли не сум ја врамил сиве овие години…“ Нешто му ги нараси очите. Ги протри со раката, ама му стануваше сѐ полошо. Влажните, медицински марамчиња ги беше оставил дома и подмижувајќи, речиси трчаница се врати дома. Се втурна право во малото гостинско ВЦ кое беше до влезната врата, за да не валка низ дома чекорејќи обуен, се внесе во големото огледало и низ честите трепкања и понекоја солза се обидуваше да види што му ги нарасило очите. Кога полека почна да му се избиструва видот, забележа дека зениците му имаат чудни форми! Не се крукчиња! Се приближи уште повеќе до огледалото, веќе не трепкаше толку!, и здогледа по еден молец во секоја своја зеница. Во левата беше поставен некако крајум, странично („овој е мажјак, зашто летал“!), а во десната, женката молец („зашто не можела да лета!“) се беше поставила себеси во самиот центар.