Ракопис

Преговори за состав на влада меѓу Ниче и Шопенхауер

Едночинки: Животот е фарса

 

 

Во Клубот на пратеници во Скопје. Средба на Фридрих Ниче и Артур Шопенхауер. Цел на средбата – треба да се состави новата македонска влада и да се утврди нејзината програма. Келнерот ги прашува што ќе се напијат. Ниче бара силно црно кафе, се плаши да не заспие или ја изгуби концентрацијата, а Шопенхаер отпрво не сака ништо да се напие, но на инсистирање на домачините, сепак, нарачува шолја чај. Сеедно каков. Разговорите може да почнат.

 

Фридрих: Сакам прво да се договориме за јазикот…

Артур: Што за јазикот?

Фридрих: На кој јазик ќе ги водиме преговорите…

Артур: Тоа лесно ќе се договориме. Двајцата сме Германци.

Фридрих: Значи на германски. Добро. Мислев да не сакаш да зборуваме на латински, за да ја покажеш твојата ученост, или на старогрчки за да се мериш со мене по класични знаења, или не дај боже на македонски зашто сме во Скопје…

Артур: Што му фали на македонскиот?

Фридрих: Не е совршен како германскиот. Има помалку зборови и…

Артур: Сега ми звучиш како Ниче Македон.

Фридрих: Koј е тој?

Артур: Една будала. Локална.

Фридрих: Зошто се вика како мене?

Артур: Не знам. Тоа и јас сакав да те прашам.

Фридрих: Зошто зборуваме за тривијални работи? Дали е ова еден од тие трикови?

Артур: Кои трикови?

Фридрих: Знам за твојата еритистичка дијалектика?

Артур: Што со неа?

Фридрих: Тоа што сум малку помлад не ме прави воопшто индиферентен.

Артур: Каква врска има тоа што си помлад?

Фридрих: Напротив, таа ми дава предност. Ме прави посилен. (почнува жестоко да кашла) Тоа ми дава можност да ги спознаам сите твои дела и да ги прозрам твоите намери.

Артур: Напиј се вода. Лошо кашлаш.

Фридрих: Заборави на твоите трикови, добро?

Артур: Да шмркнеме од пијачките, добро?

 

(Шмркнуваат секој од својата шолја. Ниче го исплукува кафете, Шопенхауер го гледа изнанадено.)

 

Фридрих: Кафево е ужас!

Артур: Што му фали?

Фридрих: Не е совршено?

Артур: Какво изгледа совршеното кафе?

Фридрих: Исто како ова изгледа. Но, има поинаков вкус. Изгледот лаже. Ме гледаш ваков кревок, кршлив, а во себе има силна волја.

Артур: Каква волја?

Фридрих: Волја за моќ!

Артур: Супер, значи дојдовме до темата. Еве, ти давам прво тебе збор. Кажи што мислиш за владата.

Фридрих: Германците…

Артур: Остави ги Германците! Составуваме македонска влада.

 

(Ниче малку се сепнува. Потоа се консолидира, па продолжува.)

 

Фридрих: Македонците сѐ уште не се ништо, но тие стануваат нешто, според тоа, тие сѐ уште немаат култура – според тоа, тие не може да имаат никаква култура!

Артур: Сакаш да кажеш дека не треба да го имаат Министерството за култура?

Фридрих: Тие сѐ уште не се ништо: т.е. тие се сѐ и сешто.

Артур: Не те разбирам. Кој да го добие тогаш Министерството за култура?

Фридрих: Тие стануваат нешто. Т.е. еден ден ќе престанат да бидат сѐ и сешто.

Артур: Добро. Продолжи.

Фридрих: Ова последново, во основа, е само желба, едвај и да е надеж – за среќа, тоа е желба со која може да се живее, тоа е прашање на волја, работа, дисциплина…

Артур: Тоа нема овде. Мислам волја има, нема работа и дисциплина.

Фридрих: Но, исто толку е прашање на незадоволство, копнеж, немаштија, дури и огорченост, во кратки црти, ние, Германците…

Артур: Мислиш Македонците?

Фридрих: Да, ние Македонците, мислам тие Македонците, бараат од себе нешто што досега од нив не е побарано – сакаат нешто повеќе!

 

(Двајцата молчат кратко време.)

 

Артур: Те следам…

Фридрих: Победоносниот поим „сила“, со чија помош нашите физичари ги создадоа Бог и светот, треба да се дополни: мора да му се вметне внатрешна волја, којашто јас ја нарекувам „волја за моќ“.

Артур: Ама ајде, што зборуваш, Фридрих, на Македонците треба да им се вметне малку етика, волја за моќ имаат и повече отколку што треба.

Фридрих: Добро, гледам дека ти си имаш твое гледање на работите. Слободно, продолжи.

Артур: Е па, вака. Прво да се произнесам за твоите тврдења. Не е точно дека Македонците немаат никаква култура.

Фридрих: Не реков така!

Артур: Те молам. Внимателно забележував сѐ што рече. Значи, ти рече, цитирам: не мпеж да имаат никаква култура!

Фридрих: Да, но контекстот беше друг.

Артур: Тие имаат култура, но имаат проблем што мислат дека таа култура не е доволна, не е длабока, во историска смисла, наместо да се трудат да ја надградуваат во етичка смисла.

Фридрих: Знам што се обидуваш да направиш!

Артур: Што се обидувам?

Фридрих: Го толкуваш противничкото тврдење пошироко. Бидејќи колку е едно тврдење пошироко, толку е поподложно на напади. Прв трик на еритистичката дијалектика.

Артур: Дали мислиш дека се обидувам да те дефакторизирам?

Фридрих: Да ме дефакторизираш!? Каков е тој збор!?

Артур: Не знам, и јас денеска првпат го прочитав во весник. Мислам дека е македонски, иако личи дека е интернационален.

Фридрих: Првпат го слушам. Несовршен е.

Артур: Добро, за што сакаш да зборуваме?

Фридрих: За влада.

Артур: Како се составува една влада? Признавам, првпат ми е.

Фридрих: Треба да се поделат ресори.

Артур: Како се прави тоа?

Фридрих: Според заслуги.

Артур: Како?

Фридрих: Двете црти кои го карактеризираат модерниот европеец, а кои се навидум противречни: индивидуализам и барањето еднакви права…

Артур: Што има тука противречно?

Фридрих: Конечно почнав да ги разбирам. Имено, поединецот е необично чувствително и суетно суштество.

Артур: Да, овие овде се претерано суетни…

Фридрих: Свесен е за својата преголема чувствителност на болка, неговата суета бара сите други да бидат изедначени со него, да биде меѓу рамни наспрема себе.

Артур: Или меѓу послаби. Ужас!

Фридрих: На тој начин е окарактеризирана една општествена раса кај која талентот и силата не се разменуваат премногу.

Артур: Гоцевата раса?

Фридрих: Каква!? Не ме прекинувај. Луѓето немаат разбирање за достоинствениот човек кој сака само малку самотија и почит. Вистински големи успеси се постигнуваат само преку толпата – дури и речиси никој не сфаќа дека успехот во очите на толпата, секогаш е, всушност, мал успех, бидејќи pulchrum est pauncorum hominum.

Артур: Чекај, сакаш да кажеш дека министер не се станува преку учество во толпа? Односно протестите и контрапротестите биле за џабе?

Фридрих: Не, не сакам да го кажам тоа. Пак воопштуваш. Ги знам тие трикови, стари.

Артур: Со тебе не може да се разговара.

Фридрих: На Хегел тие трикови, батка.

Артур: Што? Хегел за тебе знаеш што е?

Фридрих: Што е?

Артур: Макс Вебер.

Фридрих: Почнавме со навреди, а?

Артур: Ти прв почна. Тоа воопшто не е етички.

Фридрих: А ова твоево знаеш какво не е?

Артур: Какво?

Фридрих: Не е совршено.

Артур: Пих глупости. Никој не е совршен.

Фридрих: Злото е совршено.

Артур: Злото е зло.

Фридрих: А што е доброто?

Артур: Доброто е добро.

Фридрих: Тебе како Ѓорге Иванов да ти бил професор.

Артур: А што е добро според тебе?

Фридрих: Сѐ што е добро, тоа е некогашно зло ставено во служба на чуѓето.

Артур: Значи ВМРО е добро.

Фридрих: Не. Тоа сѐ уште не е ставено во служба на луѓето.

Артур: Да, во право си. Сѐ испокрадоа.

Фридрих: Пет милијарди евра не е сѐ.

Артур: За една ваква мала држава, тоа е речиси сѐ.

Фридрих: Луѓе кои сакаат моќ заради среќата што ја обезбедува моќта: политичките партии.

Артур: Ни комуњарите не се ништо подобри.

Фридрих: Луѓе кои сакаат моќ дури и по цена на значајни штети и жртви на сопствената среќа и благосостојба: амбиционизните луѓе.

Артур: А овие од третиот пат? И за нив имаш дефиниција?

Фридрих: Луѓе кои сакаат моќ само поради тоа што не сакаат таа да падне во други раце, па потоа да бидат зависни од нив.

Артур: Решение?

Фридрих: Напад.

Артур: Каков напад?

Фридрих: Да имаме војна.

Артур: Каква војна?

Фридрих: Целосно развиениот човек е, пред сѐ, снабден со оружје: тој напаѓа.

Артур: Да не си пиел кафе со Сашо Мијалков пред да дојдеш овде?

Фридрих: Кој е тој?

Артур: Шефот на тајната полиција. Во основа, обичен мафијаш. Крајно неморален.

Фридрих: Совршен е?

Артур: Никој не е совршен.

Фридрих: Заеби го тогаш Сашо. Накратко кажано – ние бараме власт над страстите, а не нивно намалување или истребување!

Артур: Кои сме тоа ние?

Фридрих: Филозофите.

Артур: Ама не има ептен различни…

Фридрих: Широка коалиција.

Артур: Против кого?

Фридрих: Против сите останати.

Артур: Што е целта?

Фридрих: Совршена влада.

Артур: Аха. Ај да тргнеме на страна тоа дека не постои совршенство. Значи… значи, ти заговараш дека ние филозофите треба да влеземе во неа.

Фридрих: Да!

Артур: Лично?

Фридрих: Да!

Артур: Не е подобро да бидеме отстрана и да ја критикуваме нејзината работа?

Фридрих: Треба нештата да се земат во свои раце.

Артур: Можеби е подобро да има малцинска влада. Ние да мрчиме од страна, да морализираме…

Фридрих: Тоа е краткорочно решение!

Артур: Значи и јас и ти да бидеме дел од владата?

Фридрих: Јас да! За тебе треба да размислам?

Артур: О па, значи ти тука ми се понашаш како мандатар…

Фридрих: А ти пред малку што ме нарече Макс Вебер?

Артур: Извини, ама ти прв почна со Хегел…

 

(Шмркнуваат – Артур од чајот, Ниче од кафето. Ниче се мршти незадоволен од вкусот.)

 

Фридрих: Одвратно кафе.

Артур: Значи прејдовме веќе на персонални решенија.

Фридрих: Да.

Артур: Добро тогаш и јас имам еден предлог: Да нема жени!

Фридрих: Знаев. Сега ми е јасно зошто те викаат женомрзецот Шопенхауер.

Артур: Зошто? Кој ме вика така?

Фридрих: Сите.

Артур: Зошто?

Фридрих: Не ти е јасно?

Артур: Не.

Фридрих: Се сеќаваш кога изјави дека цитирам: женските битија служат само за распространување на човечкиот род?

Артур: Каде сум го изјавил тоа?

Фридрих: На Сител.

Артур: Веројатно сум се предозирал со владини реклами.

Фридрих: Или со Влатко Ѓорчев.

Артур: Што е разликата?

Фридрих: (размислува кратко) Да, нема разлика.

Артур: Што ќе ни се жени во владата? Тие не се совршени, да се послужам со твоја терминологија.

Фридрих: Растен сум опкружен од жени. (размислува задлабочено.) Ах, жени. Тие ги прават врвовите повисоки, а падовите почести.

Артур: Имено. Затоа не ни требаат во владата. Само проблеми прават.

Фридрих: Но, човек станува посовршено битие токму решавајќи проблеми.

Артур: Ти стварно си малку…. (со раката покажува луд)

Фридрих: Луд?

Артур: Швркнат малку.

Фридрих: Тоа ми е од онојпат… Кога имав мал нервен слом.

Артур: Мал!? Па, не би рекол дека беше баш мал?

Фридрих: Мора да има жени.

Артур: Кој вика дека мора? Единствениот што не може без жени е гинекологот?

Фридрих: Законот вика.

Артур: Закон се мења.

Фридрих: Ти си шовинист!

Артур: Ти си националист!

Фридрих: Од каде сега ова?

Артур: Од каде!? Сакаш да ти прочитам што изјави неодамна? Слушај. Цитирам. Ние сме умирале за својата вера, не постои нешто во светот кое не сме го жртвувале во негово име.

Фридрих: Па што, точно е тоа.

Артур: Понатаму велиш – таа наша сила не ни дозволува да останеме во старото мочуриште, ние се осудуваме да тргнеме во белиот свет, да ги испробаме нашите сили, да ги прошириме нашите простори…

Фридрих: Па што? Македонија не е цела. Има уште два три дела, па да биде цела.

Артур: Ти мислиш дека треба да се убиваат луѓе.

Фридрих: Не мора да се убиваат.

Артур: Кога се освојува нов простор, обично се убиваат оние што го населувале стариот.

Фридрих: Не мора да значи.

Артур: Велиш – животот секогаш опстојува на сметка на некој туѓ живот.

Фридрих: Каде сум го изјавил тоа?

Артур: Во „Топ тема“.

Фридрих: Но, тоа е реалноста. Реално е така.

Артур: Не влегувам во влада со убијци.

Фридрих: Зошто?

Артур: Затоа што не е морална.

Фридрих: Се нервирам.

Артур: Зошто?

Фридрих: Затоа што не можеш да скриеш убиство. Нема совршено убиство.

Артур: Нема една работа што е совршена.

Фридрих: Мислев дека јас сум песимист.

Артур: Јас сум реален, не сум песимист.

Фридрих: И што предлагаш?

Артур: Да ги прекинеме разговорите за нова влада.

Фридрих: Да ги прекинеме!? Но, јавноста ја очекува.

Артур: Знам дека ова е малку неморално што ќе го кажам, но кој ја ебе јавноста.

Фридрих: Што предлагаш?

Артур: Да одиме на пиво.

Фридрих: Дали пивото им е подобро од кафето?

Артур: И најлошото пиво е подобро од најдоброто кафе.

Фридрих: Но, не сум баш со здравјето најдобар, не знам дали смеам да пијам алкохол…

Артур: Пивото е храна за душата.

Фридрих: Добро. А, преговорите за нова влада?

Артур: Ќе ги продолжиме од понеделник.

Фридрих: Кој понеделник?

Артур: Некој понеделник.

Фридрих: Добро. Но, така целата нациоја ќе добие нервен слом… Како јас онојпат во Торино.

Артур: Види дечко, ова можеби е неетички што ќе го кажам, ама…

АРТУР и ФРИДРИХ заедно: Кој ја ебе нацијата!

 

Стануваат и одат на пиво.

 

КРАЈ

 

Илустрација: daniel_dimarco via Foter.com / CC BY-NC-ND