Регион

Косово, 22 години по војната, планира да усвои повоена стратегија за вистина и правда

Постои ли политичка волја да се избегнат „моноетнички“ иницијативи

„Ова е последен момент за соодветен конфликт со минатото. Ова е последен момент да се справиме со сѐ што се случи. Мерење на штетите. Нивна поправка. Исполнување на правото на вистина на жртвите на злосторствата, на преживеаните и на нивните семејства“, нагласи Курти.

Овој потег доаѓа два месеци откако Курти одржа прв состанок со една друга работна група, фокусирана на формирање на нов Институт за воени злосторства, кој има поддршка од Владата, чија цел е правилно документирање на сите злосторства извршени за време на конфликтот.

Претходниот Институт за воени злосторства беше основан во 2011 година, но во 2018 беше укинат од тогашниот премиер, Рамуш Харадинај. Неговото повторно воспоставување беше едно од предизборните ветувања на партијата на Курти, Ветевендосје, пред победата на парламентарните избори во февруари оваа година. Курти, исто така, вети дека ќе ја тужи Србија за наводен геноцид.

Баки Свирца, раководител на Одделението за транзициска правда во Министерството за правда, кој ја предводи работната група за изготвување на национална стратегија за транзициска правда, вели дека целта е таа да биде „сеопфатна стратегија фокусирана на жртвите“.

Свирца објаснува дека таа ќе опфати „програми за репарации, кажување на вистината, зачувување на сеќавањата и ефективни алатки за преживеаните“.

„Ние сакаме да изработиме и стратегија за информирање, за јавноста да ги разбере принципите и етиката на транзициската правда на Косово. Во срцето на оваа стратегија ќе бидат правата, потребите и интересите на сите заедници“, нагласува тој.

Стратегијата ќе ги обедини информациите што веќе се собрани и објавени од разни домашни и меѓународни организации за човекови права, како што се Фондот за хуманитарно право (ФХП), Хјуман рајтс воч и други, додава Свирца.

„Сакаме да ги собереме сите информации поврзани со војната и да ги претвориме во официјални државни информации, како и да создадеме нарација за војната“, истакнува тој.

Гезим Висока, вонреден професор по мировни и конфликтни студии на Универзитетот во Даблин, Ирска, родум од Косово, е на мислење дека претходните иницијативи за транзициска правда на Косово, како што беше укинатиот Институтот за воени злосторства, и предложената Комисија за вистина и помирување, чие формирање беше иницирано од поранешниот претседател, Хашим Тачи, биле погрешни.

Тачи, воен политички директор на Ослободителната војска на Косово (ОВК), го иницираше формирањето на Комисијата за вистина и помирување во 2017 година, со цел да се обезбеди основа за дијалог меѓу поделените заедници во Косово. Но, иднината на Комисијата е неизвесна, откако Тачи, минатата година, се најде во притворот на Специјалниот суд на Косово во Хаг, пред кој е обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото.

Висока посочува дека овие претходни иницијативи „се одвивале без поширока визија, координација и усогласувања, и дека честопати биле изложени на политизација и персонализација од страна на политичките лидери“.

„Никогаш не е доцна да се бара правда за нерешените злосторства. Но, минатите напори оставија неизвесно наследство, што може да ги поткопа сегашните и идни напори“, додава тој.

Во однос на кривичната постапка, предметите за воени злосторства, од 1999 година па наваму, се судеа пред Хашкиот трибунал, мисиите на ООН и ЕУ во Косово – УНМИК и ЕУЛЕКС, и пред домашните судови, но ниту еден од овие процеси не беше особено успешен. Останува да се види дали Специјалниот суд (полно име Специјализирани совети и Специјализирано обвинителство на Косово), формиран за да им суди на поранешните припадници на ОВК за воени злосторства, ќе постигне повеќе.

Генерално, напорите за транзициска правда на Косово, досега беа неконзистентни и несоодветни, велат експертите.

„Фокусот на судењата за воени злосторства не беше ставен на важноста на кажувањето на вистината, на документирањето и на комеморативните аспекти (на транзициската правда), ниту на важноста на репарациите и компензацијата“, вели Висока.

„Со оглед дека токму овие елементи недостасуваат во голема мера, признавањето на жртвите и преживеаните од конфликтот, исто така, беше занемарено“, додава тој.

Косово е сѐ уште далеку од постигнувањето на повоено помирување,  мнозинската албанска и малцинската српска заедница имаат сосема различни наративи за она што се случило во војната, а и тензиите се секогаш присутни.

„Постојат неколку ‘ексклузивни’ вистини што ги спречуваат луѓето да си веруваат едни на други, постои недостиг на информации за многу воени настани и за исчезнатите лица, а сѐ уште е присутна и културата на неказнивост за воените злосторства или корупцијата“, објаснува Висока.

Тој наведува дека „незаинтересираноста на меѓународната заедница“ за вклучување на прашањето за транзициската правда, во тековниот дијалог за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград, што се води со посредство на ЕУ, го попречува секој можен напредок.

„Решение за целото општество“

Баки Свирца од косовското Министерство за правда, ја води работната група за подготовка на националната стратегија за транзициска правда. Фото: Сербезе Хаџиај

Мајката на Беким Гаши и неговите четири сестри, биле убиени од српските сили во масакрот во нивното село Трње, на 25 март 1999 година. Нивните посмртни останки сѐ уште не се пронајдени. Гаши смета дека стратегијата за транзициска правда треба да им даде приоритет на „исчезнатите лица и на правдата за жртвите“.

„Видовме селективна правда и негирање на злосторствата против човештвото“, вели тој за БИРН.

„Ништо не може да ги залечи раните од минатото, ако правдата не може да се задоволи“, нагласува Гаши.

Гаши доби одредена правда за убиените членови на неговото семејство, кога во 2008 година поднесе кривична пријава до српското Обвинителство за воени злосторства, против 549 -тата бригада на Војската на Југославија. Во 2019 година, Вишиот суд во Белград, го осуди поранешниот офицер на Војската на Југославија, Рајко Козлина, на 15 години затвор, за убиство на 27 цивили во Трње, во 1999 година, а неговиот претпоставен, Павле Гавриловиќ, беше ослободен од обвинението.

Лејла Гачаница од Сараево, правен советник на ТРИАЛ Интернешнл, невладина организација која обезбедува правна помош за жртвите на кршењето на човековите права, смета дека, бидејќи поминале толку години од војната, време е да се процени што е потребно.

„И по 20 години, стратегијата треба да ги премости главните јазови и таа треба да се смета за конкретно решение за целото општество. Тоа е уште една можност да се донесе правда и мир во едно постконфликтно општество и да се работи на гарантирањето за неповторување на конфликтот“, нагласува Гачаница.

Ајдан Хехир, експерт за меѓународни односи на Универзитетот во Вестминстер, еден од авторите на неодамна објавената книга „Косово и транзициската правда: стремеж кон правда по големиот конфликт“, вели дека за разлика од Специјализираните совети на Косово, кои немаат голема поддршка на локално ниво“, стратегијата за транзициска правда треба да биде „инхерентно полегитимна“.

Хехир посочува дека експертите што ја подготвуваат стратегијата треба „да ги воспостават принципи за тоа како да се имплементираат ефективните механизми на транзициската правда, да не дозволат домашниот процес да се политизира и да се вмешаат надворешни актери, со што иницијативата ќе помогне да се утврди вистината за војната во Косово и ќе им даде поддршка на сите кое беа погодени со неа“.

Сепак, постојат неколку предизвици што би можеле да ги намалат шансите на стратегијата да постигне успех.

Висока нагласува дека „постои ризик, бидејќи не постои мировен договор меѓу Косово и Србија, а со тоа нема договорена рамка за справување со минатото, локалната српска заедница да се спротивстави на иницијативата и таа да биде игнорирана од донаторите и пошироката меѓународна заедница“.

Друго клучно прашање е дека политичките лидери на Косово мора да имаат волја, искрено да се справат со нерешеното наследство од војната, додава тој.

„Клучно е транзициската правда да не се спроведува според моноетнички политички агенди, туку на принципиелна основа која нуди одредена мера на правда, за сите жртви и преживеани“, објаснува тој.

Свирца тврди дека процесот на изготвување на стратегијата за транзициска правда, нема да се одвива според моноетничка агенда и дека „ќе понуди платформа за сите жртви и преживеани“.

Хехир, сепак, предупредува дека ќе има одреден скептицизам кај косовските Срби, имајќи предвид дека претходните политички лидери во Приштина, ги користеле иницијативите за транзициска правда, на циничен начин.

„Сегашната влада, како и да е, е многу различна и не е извалкана со поврзаноста со неуспесите во минатото; затоа се надевам дека ќе ѝ се даде можност, на сите на Косово да им докаже, дека има добри намери“, заклучува тој.

Serbeze Haxhiaj