Регион

Специјалниот суд го одби барањето на Тачи, за отфрлање на обвиненијата за воени злосторства

Хашим Тачи на одбележувањето на годишнината од демилитаризацијата на ОВК, Косово, Фото: твитер објава на 21 јуни 2020

Судијата, Никола Гију, го одби барањето за отфрлање на обвиненијата против поранешниот косовски претседател и воен политички водач на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Хашим Тачи, и двајцата кообвинети, Кадри Весели и Реџеп Селими.

Во својата одлука, објавена на интернет вчеравечер, Гију наведува дека „нема повреда на уставните права на обвинетите“ и дека „правото на господин Тачи на презумпција на невиност, не е повредено“.

Во својата жалба поднесена во март, Тачи посочува дека мандатот на Специјализираните совети на Косово истекол и дека Специјализираното обвинителство веќе нема уставна и правна основа за спроведување на дополнителни истраги.

Тачи, исто така, тврди дека дошло до повреда на неговото право на фер и непристрасно сослушување во разумен рок, на правото на презумпција на невиност и на правото да му суди независен и непристрасен суд.

Тој нагласува дека Специјализираните совети експлицитно го одобриле извештајот на Советот на Европа, кој „содржи зборови и изјави кои јасно го одразуваат мислењето дека е виновен и пред тоа да биде докажано во согласност со законот“.

Извештајот на Советот на Европа, објавен во 2011 година, содржи сериозни обвинувања против високи припадници на ОВК, вклучувајќи го и Тачи, што на крајот доведе и до формирање на Специјализираните совети.

Меѓутоа, судијата за претходна постапка нагласи дека извештајот „не се користел за да се потврди ниту една од кривичните пријави, врз основа на кои, Тачи на крајот беше обвинет. Напротив, сегашните обвинувања произлегуваат од независни и непристрасни кривични истраги“, додаде судијата.

Тој посочи дека ниту еден официјален претставник на Специјализираните совети, не дал „прејудицирачки изјави“ против Тачи, откако тој е обвинет.

Тачи и тројцата кообвинети косовски политичари, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото, кои наводно ги извршиле како високи припадници на ОВК, во доцните 90-ти години.

Во обвинението се наведува дека обвинетите биле дел од „заеднички злосторнички потфат“ чија цел била преземање контрола над Косово, со користење на средства што вклучувале „незаконско заплашување, малтретирање, насилство и отстранување на оние што се сметале за противници“. Сите четворица се изјаснија за невини.

Вчера и денеска се одржа и подготвителна конференција за судењето на водачите на Здружението на воените ветерани на ОВК, Хисни Гуцати и неговиот заменик, Насим Харадинај.

Гуцати и Харадинај се обвинети за попречување на правдата и заплашување на сведоци, откако и двајцата ги повикаа медиумите да ги објават документите што анонимно им биле доставени од Специјалниот суд, кој е формиран за да им суди на поранешни припадници на ОВК, за воени злосторства во Косово.

Обвинителството во средата соопшти дека две досиеа содржат доверливи информации, вклучувајќи документи од српските власти и идентитети на неколку сведоци.

Влијанието врз сведоците е главниот проблем кој им задава грижа на Специјализираните совети, откако беа заплашувани сведоци во други случаи во кои поранешни припадници на ОВК беа обвинети за воени злосторства пред Хашкиот трибунал и пред косовските судови.

Xhorxhina Bami