Регион

Косово: Генерацијата родена во деведесеттите, помирувањето го сфаќа лично

Двe млади активистки и пријателки од Косово, еднaта Србинка, а втората Албанка се обидуваат да ги надминат поделбите

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Анѓела Мирковиќ од Митровица и Диелза Геци од Приштина, за прв пат се запознале на Рочестер институтот за технологија, приватен универзитет во Приштина и набрзо станале блиски пријателки.

Додека Мирковиќ верува дека „минатото треба да се остави позади и да се оди напред во иднината“, Геци смета дека е „грешка да се заборави минатото“.

„Сепак, сакаме да им покажеме на светот и на другите генерации дека младите не можат да бидат користени како изговор, за да не се разговара и да не се соработува“, потенцира Мирковиќ.

Веруваме дека навистина можеме да донесеме промена“

Анѓела Мирковиќ. Фото: Атхе Мула

Анѓела Мирковиќ е дел од Младинската работна група, невладина организација чии членови потекнуваат од сите заедници кои живеат во Косово и кои работат на проекти насочени кон промовирањето на помирувањето.

„Имаме Албанци, Срби, Турци, Роми и Ашкали во главниот тим и работиме без предрасуди во однос на полот или на етничката припадност“, нагласува Мирковиќ.

„Ние, младите луѓе, можеме да бидеме пример, ние сме иднина на нашата генерација, градители на мирот и разликите не нè подвојуваат, туку нѐ зајакнуваат“, додава таа.

Членовите на оваа организација сметаат оти нивната заедничка работа е потврда дека заедниците во Косово можат да живеат нормален живот заедно.

Така, еден од нивните проекти, насловен како „Уривање на границите со уметноста“, собра уметници од сите заедници, кои заедно сликаа, разговараа и создадоа основа за соработка.

„Секоја заедница се соочува со предизвици и сакавме да направиме измени во нашата заедница во однос на невработеноста, недоволниот пристап кон образованието, особено за девојките, и кон процесот на донесување одлуки во политиката. Постојат маргинализирани групи, кои поради предрасуди и стереотипи, остануваат по страна. Заедно можеме да го промениме тоа“, вели Мирковиќ.

Младинската работна група смета дека треба да се слушне гласот на младите, со цел општеството да се смени на подобро, но Мирковиќ потенцира дека понекогаш нивните иницијативи не се сфаќаат сериозно.

„Кога луѓето, а особено владините претставници, ќе видат дека соработуваме, тие мислат дека се преправаме. Ни беше тешко да покажеме дека сме слични и дека заедно навистина работиме како едно. Сè уште се соочуваме со овие тешкотии, врз основа на нашето различно етничко потекло“, додава таа.

Сепак, Мирковиќ не е обесхрабрена и нагласува: „Ние навистина веруваме дека можеме да донесеме промени“.

„Денешната младина не е одговорна за 90-тите години“

Диелза Геци. Фото: Атхе Мула

Еден од поуспешните настани во чија организација учествува и Младинската работна група е Косовскиот младински фестивал, кој се одржува веќе две години по ред, на кој младите учесници изложуваат традиционална храна и облека од своите заедници, свират и танцуваат.

Диелза Геци е дел од малиот тим млади луѓе, кои го организираат овој настан, за кој им беше доделен грант од Мисијата на ООН во Косово, УНМИК, како дел од спроведувањето на Резолуцијата 2250 на Советот за безбедност. Со оваа Резолуција, младите се повикуваат на поголем ангажман во градењето на мирот, правдата и помирувањето.

Целта на фестивалот е младите луѓе од различните заедници во Косово, да ги надминат етничките поделби, запознавајќи ги културата и фолклорот на останатите.

На почеток, реакцијата на јавноста на фестивалот беше млака: „Луѓето го сметаа за детска игра“, вели Геци.

Сепак, во 2019, бројот на учесници се зголеми на 145, во однос на 2018 година кога имаше 90 учесниц, од сите етнички заедници во Косово.

Геци посочува дека на фестивалот, многу сличности меѓу заедниците станале очигледни, „започнувајќи со материјалите и везовите на традиционалната облека. И бидејќи храната на Балканот е иста, така е и со овој настан, кој е Косово на мало“.

„Интересно е да се види како реагираат тинејџерите од различните заедници, кога ќе сфатат дека го донеле истото јадење (на фестивалот), мислејќи дека е уникатно за нивната култура“, вели таа, смеејќи се.

Овој фестивал е на почетокот на својот развој, но се чини дека добро стартуваше како годишен настан, кој на едно место, ги собира сите заедници.

„Денешната младина нема одговорност за она што се случи на Балканот во 90-тите години. Сите бевме бебиња тогаш“, истакнува Геци.

Но, сепак, минатото не може да се избрише, предупредува таа и заклучува: „Кај секоја етничка група постојат луѓе кои се одговорни за одредени злосторства и тие треба да одговараат, без да се заборави минатото, затоа што вакви злосторници можат повторно да се појават“.