Канцеларијата на претседателот на Владата на Косово, го осуди како навреда новиот документарен филм на Србија, насочен против обидите на Косово да стане членка на УНЕСКО.
Маја Живановиќ, Белград
Косовските власти го критикуваа новиот документарен филм снимен под покровителство на Владата на Србија, со кој се атакува на обидите на Косово да стане членка на УНЕСКО.
Од Канцеларијата на премиерот на Косово, сметаат дека филмот „Косово: Момент во цивилизацијата” е навредлив и има намера да ги поткопа напорите на Косово, да се зачлени во УНЕСКО.
„Прикажувањето на документарниот филм пред амбасадорите на земјите членки на УНЕСКО, со навредлива содржина за Косово (во Париз) … е константно залагање за омаловажување на државата Косово”, соопшти Канцеларијата во неделата.
Имено, филмот беше прикажан во петокот во Српскиот културен центар во Париз. Тој се фокусира на српското културно наследство во Косово и третманот кој тоа го има во оваа држава, како дел од пошироката кампања против Приемот на Косово во УНЕСКО.
Снимањето на филмот беше поддржано од Канцеларијата за Косово и Метохија на Владата на Србија.
Канцеларијата на косовскиот премиер ја оспори и идејата дека српските споменици и цркви на Косово се сопственост на Србија.
„Религиозните и културните објекти во Косово се дел од наследството на земјата и не можат да бидат отуѓени. Тие ѝ припаѓаат на државата Косово, на нејзините граѓани … За имотот на Косово се одговорни граѓаните на Косово и неговите институции“, се вели во соопштението.
Откако во 2015 година, предлогот за прием на Косово во УНЕСКО не доби доволно гласови од членовите на ова тело на ООН, косовската Влада ја разгледува можноста, оваа година повторно да аплицира за членство.
Сепак, Србија се противи на сите обиди на својата поранешна покраина, чија независност не ja признава, да им се приклучи на меѓународните тела.
Српската православна црква соопшти дека во Косово, откако Србија во 1999 година беше принудена да се повлече од покраината, се запалени или уништени 176 манастири и цркви.
Заштитата на православните манастири и цркви, прво беше во рацете на мировниците на НАТО, а потоа во рацете на косовската полиција.
Сепак, многу членови на српската заедница сметаат дека нивните културни и верски споменици не се во безбедни раце.
Критиките од Канцеларијата на премиерот на Косово, ги коментираше шефот на Канцеларијата за Косово и Метохија на Владата на Србија, Марко Ѓуриќ, кој рече дека реакцијата на Приштина „е првата голема награда” за овој филм.
#Kosovo: A Moment In Civilization | Trailer
Support the film / Podržite film: https://t.co/LHaLIEaTyc#NoKosovoUnesco pic.twitter.com/JzRJg1uU7M— Boris Malagurski (@malagurski) August 19, 2017
„Ќе продолжиме да ги поддржуваме проектите во кои се кажува вистината за нашето наследство во Косово”, рече Ѓуриќ во неделата, за српската новинска агенција Танјуг, честитајќи ѝ на екипата која работеше на филмот.
Продуцентот и авторот на овој филм, Борис Малагурски, во Србија е познат по својата кампања #NoKosovoUnesco.
Како одговор на реакциите од Приштина, на Твитер напиша дека „на Рамуш ќе му организира проекција на филмот во затвор”, алудирајќи на наводите на Србија, дека поранешниот командант на ОВК, Харадинај, е воен злосторник.