Регион

Косово: Година во знакот на Специјалниот суд

По неколкугодишна подготовка, започнаа првите судења на поранешните припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК),

„Денешниот ден е пресвртница за оваа институција и за нашата работа“, рече обвинителот, Џек Смит, во воведниот збор на првото судење пред ССК, во септември оваа година, на кое како обвинет се појави поранешниот командант на единица на ОВК, Салих Мустафа.

Мустафа е обвинет за вмешаност во убиство, тортура, сурово постапување и произволно лишување од слобода, дела извршени во април 1999 година, за време на војната во Косово. Тој се изјасни за невин.

„Ќе видите дека жртвите на господинот Мустафа биле сограѓани, косовски Албанци … Тие не биле непријатели на државата Косово, не биле шпиони, тие биле членови на заедницата“, рече Смит.

По првото, долгоочекувано судење за воени злосторства, пред Специјалниот суд, во октомври, следуваше судски процес против лидерите на Здружението на воени ветерани на ОВК, претседателот, Хисни Гуцати, и неговиот заменик, Насим Харадинај.

Гуцати и Харадинај се обвинети за попречување на правдата и за заплашување на сведоци, во врска со документите од предметите за воени злосторства, кои проистекоа од ССК, а кои им беа доставени, по што и двајцата ги повикаа медиумите да ги објават. И тие изјавија оти не се виновни.

Иако е дел од косовскиот судски систем, воспоставен под притисок на западните сојузници на Косово, таканаречениот Специјален суд , Албанците од Косово го сметаат за навреда на војната предводена од ОВК.

Кога претседателката на ССК, Екатерина Трендафилова, ја посети Приштина во септември, таа се соочи со демонстранти, од кои седуммина беа уапсени. Се очекува ваквото расположение кон судот да се интензивира следната година, кога треба да започнат судењата за воени злосторства и злосторства против човештвото, на високи функционери, меѓу кои е и поранешниот косовски претседател, Хашим Тачи.

Заштитата на сведоците и натаму е клучно прашање кое, на ССК, им предизвикува загриженост, бидејќи претходните судења на поранешните припадници на ОВК пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, беа обележани со заплашување на сведоците.

На доверливиот брифинг со европските дипломати во февруари, Трендафилова предупреди дека од Косово се прават сè повеќе напори, за да се попречат правните постапки на ССК, што може „да ги загрози животите, безбедноста и сигурноста на луѓето кои се или ќе бидат подготвени да соработуваат со нас

Уште една изгубена година за семејствата на исчезнатите лица

Агуш Бериша, чии синови исчезнале во 1999. Фото: Сербезе Хаџиај/БИРН

„Помина уште една година и ништо не се случи“, рече Агуш Бериша за БИРН овој месец, говорејќи за своите два сина, Рифат и Фехми, кои имале 22 и 18 години, кога исчезнале во 1999 година.

„Изгледа нема да живеам доволно долго, за да дочекам да ги најдат“, ни изјави овој 74-годишен човек, во својот дом во Ѓаковица.

Една недела по официјалното завршување на војната во Косово, во јуни 1999 година, Бериша и неговото семејство сè уште се криеле во шума, бидејќи не знаеле дека борбите завршиле.

„Беше вечер и ноќта почна да паѓа. Заедно со двајца соседи отидоа (Рифат и Фехми) да пијат вода од блиската река. Набргу потоа слушнавме истрели“, раскажа Бериша.

Посмртните останки на неговите синови досега не се пронајдени – а во текот на 2021 година е постигнат мал напредок во пронаоѓањето на посмртните останки на околу 1.600 луѓе, кои сè уште се водат како исчезнати во војната во Косово.

По разговорите меѓу претставниците на Србија и Косово, одржани со посредство на ЕУ во септември во Брисел, беше соопштено дека преговарачите постигнале договор за отворање на своите воени архиви, за да се утврди каде се наоѓаат посмртните останки на преостанатите исчезнати лица.

Шефот на косовската делегација и потпреседател на Владата на Косово, Бесник Бислими, изјави оти од Србија побарал да ги отвори своите воени и полициски досиеја од времето на Југославија, со цел да се помогне во пронаоѓањето на локациите на масовните гробници, во кои се закопани косовски Албанци.

Сепак, експертите се скептични врзано за напредокот. Некои косовски политичари тврдат дека ОВК немала архиви бидејќи била герилска сила, додека Србија некои документи од архивите на Војската на Југославија, ги класифицираше како државна тајна.

Во септември, Србија предаде останки на седум жртви на масакрот во косовското село Резала, кои беа ексхумирани од масовна гробница лоцирана во површинскиот рудник Кижевак, јужна Србија. Масовната гробница Кижевак е петта ваква локација, откриена во Србија, по крајот на војната во Косово.

„Последен момент за соочување со минатото“

Албин Курти Извор: vetevendosje.org/

Во 2021 година, за прв пат по крајот на војната, која заврши пред повеќе од две децении, косовското Министерство за правда формира работна група, која треба да подготви национална стратегија за прашањата на транзициската правда.

„Ова е последен момент за соочување со минатото. Ова е последен момент да се справиме со сѐ што се случи. Мерење на штетите. Нивна поправка. Исполнување на правото на вистина на жртвите на злосторствата, на преживеаните и на нивните семејства“, изјави премиерот, Албин Курти, на првиот состанок на оваа работна група, одржан минатиот месец.

Официјални лица соопштија дека ќе биде развиена „сеопфатна стратегија насочена кон жртвите“, вклучително и „програми за репарации, кажување на вистината, зачувување на сеќавањата и ефективни алатки за преживеаните“.

Овој потег уследи два месеци откако косовската влада го иницираше формирањето на нов Институт за злосторствата извршени во војната, со цел соодветно документирање на сите злосторства извршени за време на конфликтот.

Амер Алија од Фондот за хуманитарно право Косово, истакнува дека овогодинешните иницијативи се многу важни, но дека ќе бидат потребни години за да се видат конкретните резултати.

„Видовме дека сличните иницијативи не дадоа никакви резултати. Новиот институт треба да работи со силна посветеност на создавање на база на податоци, при што ќе ги собере, ќе изврши анализа и ќе ги поврзе сите документи со жртвите, настаните, сведоците и сторителите“, вели тој за БИРН.

Претходно, во 2017 година, додека беше претседател на Косово, Тачи покрена слична иницијатива за формирање на Комисија за вистина и помирување, со цел да се обезбеди основа за дијалог меѓу поделените заедници во Косово. Но, оваа иницијатива остана нереализирана, бидејќи Тачи се најде во Хаг.

Во обид да се охрабри гонењето на воените злосторства во самото Косово, пратениците во косовското Собрание во мај го изгласаа предлогот за одржување на судења во отсуство, во случаите кои вклучуваат злосторства против меѓународното хуманитарно и меѓународно кривично право, извршени помеѓу јануари 1990 и јуни 1999 година.

Гонењето на осомничените е проблематично поради недостиг на судска и полициска соработка меѓу Косово и Србија, која не ја признава независноста на својата поранешна покраина.

Алија нагласува дека властите во Приштина треба да ја стават судската соработка како приоритет во тековните разговори за нормализирање на односите со Белград.

„Ова е клучно за успешно гонење на воените злосторства и спроведувањето на правда за жртвите“, потенцира тој.

Сепак, Абит Хоџа, истражувач на транзициската правда, верува дека гонењето на осомничените кои живеат надвор од Косово, не мора да значи и повеќе воени злосторници зад решетки.

„Оваа (измена на Законот за кривична постапка) е повеќе политички чекор, отколку обид за испорачување на правдата. Промените нема да дадат никаков резултат“, заклучува Хоџа.

Премиерот Курти, исто така, во мај вети дека ќе ја оживее контроверзната идеја за покренување на меѓународна тужба против Србија, за наводен геноцид извршен за време на војната 1998-1999 година – и покрај предупредувањата на експертите, дека таквиот случај, веројатно нема да успее.