Регион

Се губи надежта за пронаоѓање на исчезнатите жртви на албанскиот комунистички режим

Ѓелос Ашта, бил уапсен од комунистичкиот режим во Албанија, во 1946 година. Тој бил еден од шесте лица од католичка вероисповед во Скадар, кои биле обвинети за заговор со цел соборување на комунизмот, со основање на организацијата наречена, Национален сојуз. „Сѐ до судот, обичните луѓе ги навредувале, плукале по нив и ги нарекувале ‘предавници’. И […]

Ѓелос Ашта, бил уапсен од комунистичкиот режим во Албанија, во 1946 година. Тој бил еден од шесте лица од католичка вероисповед во Скадар, кои биле обвинети за заговор со цел соборување на комунизмот, со основање на организацијата наречена, Национален сојуз.

„Сѐ до судот, обичните луѓе ги навредувале, плукале по нив и ги нарекувале ‘предавници’. И децата фрлале со камења по нив“, вели внукот на Ѓелош, Ндок Ашта.

Сите шестмина, вклучително и Ѓелос Ашта, кој во тоа време бил 20-годишен студент на католичката богословија, биле осудени на смрт, по судењето кое траело само 13 дена.

„Тој беше погоден. Убиен е во присуство на мајка му“, вели неговиот внук.

„Таа побарала да го допре синот со раката и не ѝ дозволиле, а еден од надзорниците што бил таму ѝ рекол: ‘Тргни се одовде бидејќи заслужуваш куршум, бидејќи ова е твоето кученце’“, раскажува Ндок.

Баба му му рекла дека сите шестмина биле погребани на исто место во Скадар.

„По извесно време, ѕидот (на гробното место) беше урнат, беа донесени копачи и таму беше изградена зградата на Секторот на градежната компанија (државното градежно претпријатие). Сѐ беше изгубено. Со булдожери фрлија сѐ во реката Кир“, вели Ндок.

Посмртните останки на овие жртви никогаш не биле пронајдени, дури и по падот на комунистичкиот режим во раните 90-ти.

„Јас лично го барав вујко ми, а во првите години (по падот на комунизмот) од 1992 до 1995 година, напори правеа и од здруженијата кои ги застапуваа лицата кои беа политички прогонувани. Придонесе и католичката црква“, нагласува тој и додава: „Еден свештеник, што бил убиен заедно со мојот вујко, бил Италијанец, отец Даниел Дајлани, а неговиот внук дојде од Италија кога почна потрагата“.

Но, кога почнале градежните работи на локацијата во 60-тите, „сè исчезна“, истакнува Ндок.

Ндок Ашта во Скадар. Неговиот вујко бил уапсен во 1946 година. До денес не е пронајден. Фото: БИРН.

Погребани во необележани гробови

Ѓелос Ашта бил еден од неколкуте илјади Албанци, кои исчезнале за време на владеењето на репресивниот режим на комунистичкиот лидер, Енвер Хоџа. За време на 45-годишното комунистичко владеење, непознат број Албанци биле егзекутирани и закопани во необележани гробови или умреле во концентрациони логори.

Во почетокот на 90-тите, беа идентификувани имињата на околу 6.000 егзекутирани лица. Но, каде се посмртните останки на голем од нив, сè уште не е познато.

Во 2018 година, Меѓународната комисија за исчезнати лица (МКИЛ), по осум години преговори со албанската влада, го започна процесот на трагање по нивните останки.

Но, овој процес сега е во застој. Во септември 2018 година беа идентификувани две масовни гробници од времето на комунизмот во областите Дајти и Балс, но властите сè уште немаат издадено наредба за прекопување на тие локации, се вели во извештајот на МКИЛ, од март оваа година.

Билал Кола, директор на Институтот за политички прогон, за БИРН вели дека неговата организација испратила повеќе од 20 барања до локалните и државните обвинителства, за информации за исчезнатите лица.

„Во многу случаи не добивме одговор, а во случаите во кои добивме, секако дека имавме релевантни средби“, објаснува Кола.

Но, и покрај ветувањата дадени на овие состаноци, „процесот не напредуваше“.

Во отсуство на официјална акција, луѓето сами почнале да трагаат по посмртните останки на членовите на нивните семејства, барале информации за гробните места, а некои дури почнале и самите со ископувања на теренот.

Но, без можност за верификација преку ДНК техники за совпаѓање, овие приватни иницијативи не се строго научни, посочува Кола, наведувајќи дека разбира зошто некои членови на семејствата на исчезнатите работеле сами.

„Значи, не ги осудувам начините на кои луѓето го правеа тоа, но од објективна гледна точка, мојата оценка е дека процесот не е точен и научно адекватен“, нагласува тој.

МКИЛ е убедена дека сè уште е можно да се пронајдат останките на луѓето, кои исчезнале за време на комунистичката ера.

„Иако настаните во врска со исчезнатите лица во Албанија се случија пред неколку децении, нашето искуство покажува дека исчезнатите лица може да се идентификуваат дури и децении по нивното исчезнување“, велат од МКИЛ, во писмениот одговор до БИРН.

„Некои активности кои би дале подобри резултати, би вклучувале зајакнување на координацијата на државните институции во процесот на потрага по исчезнатите лица, издвојување на поголем буџет за истражување  на случаите на исчезнатите лица и преземање на поголем број активности од страна на обвинителството“, објаснуваат од МКИЛ.

Оттаму нагласуваат дека е „витално“ за албанските власти „да ги обединат податоците од архивите и да направат сеопфатен список на луѓето кои исчезнале за време на комунистичката ера“.

Тоа, во моментов, не е случај.

Фотографии поставени на Местото на сведоштво и сеќавање на луѓето кои биле затворени во комунистичка Албанија, во Скадар. Фото: БИРН.

Посветеноста на функционерите, под знак прашалник

Ндок Ашта вели дека 13 членови на неговото семејство биле убиени за време на комунистичкото владеење во Албанија. Покрај неговиот вујко, Ѓелос Ашта, меѓу овие членови било и тригодишното дете, кое починало во логорот Берат, чии останки до денес не се пронајдени, како и едно 11-годишно девојче, кое е убиено заедно со нејзиниот татко и вујко во речен чамец во реката Буна, кога во 1990 година се обиделе да побегнат од Албанија во соседна Црна Гора.

„Штом влегле во водата на реката Буна, полициската патрола отворила оган кон нив од автоматско оружје и пукала без престан. Таму загинале четири лица, меѓу кои и едно 11-годишно девојче“, вели Ндок.

„Нашата полиција која ги уби, не ги зеде, неколку пати полициската патрола од Улцињ во Црна Гора им рекла: ‘Земете ги, затоа што тоа се ваши граѓани’. Но, не ги зедоа, па тие беа однесени и погребани во Улцињ“, додава тој.

Пет години подоцна, на семејствата на жртвите им било дозволено да ги земат нивните посмртни останки од Црна Гора, но телото на 11-годишното девојче паднало во река, која го однела. Девојчето до денес не е пронајдено.

Симон Миракај, од Управата за информации за документите на поранешната државна безбедност на Албанија, бил затворен од комунистичкиот режим, а некои членови на неговото семејство биле убиени.

Миракај истакнува дека прифаќа оти „пронаоѓањето на луѓето кои исчезнале за време на комунизмот е деликатен проблем, бидејќи поминало многу време откако тоа се случило“.

Сепак, тој додава: „За волја на вистината, мора да се каже дека немаше сериозна заложба од државата“. Тој посочува оти од семејствата на исчезнатите биле барани пари за ексхумација на останките на членовите на нивните семејства.

Еден од најголемите проблеми е тоа што не постои закон кој ги обврзува обвинителите од комунистичката ера, да откријат каде се убиени луѓето, објаснува Миракај.

„За обвинителите вклучени во политички мотивираните злосторства, за време на диктатурата, не е донесен закон во демократскиот систем од 1992 година, што ќе ги обврзе обвинителите што биле вклучени во егзекуциите, да ги откријат местата на егзекуција, против нивната волја или совест“, нагласува тој.

„Денес, 30 години подоцна, тоа го отежнува пронаоѓањето на коските на овие луѓе“, вели Миракај.

Ералд Капри, албански историчар и член на организацијата Kujto.al, која се фокусира на злосторствата извршени за време на комунизмот, истакнува дека иако обвинителите можат да отворат предмети, кога би биле пронајдени човечки останки, „нема желба да се стори тоа“.

Повеќето семејства, како што одминуваат годините, веруваат дека посмртните останки на членовите на нивните семејства никогаш нема да бидат пронајдени, вели Капри и додава: „Повеќето од нив ја загубија верата“.

„Јавноста се храни со бајки“

Еден од исчезнатите луѓе, чии посмртни останки сè уште не се пронајдени, е италијанскиот државјанин, Џузепе Терузи, директор на банка, кој починал во 1952 година, откако бил затворен од албанскиот комунистички режим, поради наводна кражба на пари.

„Од директните сведоштва произлегува дека починал од срцева болест. Починал по седум години поминати в затвор, во 1952 година. Некои сведоци тврдат дека бил погребан во затворот Бурел“, вели за БИРН, неговиот син, Алдо Ренато Терузи.

Во 2019 година, албанскиот премиер, Еди Рама, наложи да се формира работна група, за пронаоѓање и идентификување на посмртните останки на Терузи. Потоа почна ископување во Бурел, но синот ги сопре активностите, бидејќи беа користени багери. „Очекувам ископувањето во потрага по останките на татко ми повторно да се покрене, овој пат со посоодветна опрема за пронаоѓање коски“, вели, Алдо Ренато Терузи.

Кастриот Дервиши, историчар кој работел на теми поврзани со поранешниот комунистички режим, нагласува дека властите не се компетентни. „Институциите не знаат што да прават. Тие немаат јасна идеја“, наведува тој.

Дервиш смета оти тешко дека ќе се појават нови информации за гробовите на жртвите од комунистичкиот режим.

„Јавноста се храни со бајки дека ќе се отворат документи (од комунистичката ера) и дека ќе се објават дијаграми на гробните места и слични работи, како до сега да ги чекавме тие работи. Но, сите тие информации со години се исцрпуваат и ништо друго не се очекува да биде обелоденето“, вели тој.

Што се однесува до случајот со исчезнатиот италијански банкар, „местото каде што некогаш бил погребан Теруси е уништено и таму повеќе не може да се бараат неговите останки“.

Алдо Ренато Терузи вели дека знае оти потрагата по посмртните останки на неговиот татко нема да биде лесна.

„Имав многу информации и погрешни насоки, па сега ниту една информација не е веродостојна. Има премногу лаги!“, вели тој.

„Многу е веројатно дека кој и да бил закопан во затворот, бил преместен на друго место со цел да не биде пронајден. Но, се надевам дека ќе продолжи потрагата по коските на сите оние луѓе кои исчезнаа“, заклучува тој.