Регион

Косово ќе го казнува негирањето на српските воени злосторства

 

 

Состанок на Владата на Косово. Фото: Кабинет на премиерот на Косово

На предлог на заменикoт премиер, Енвер Хоџај, косовската влада во четврток ја одобри иницијатива за казнување на лицата што ги негираат злосторствата што ги извршиле српските сили за време на војната во деведесеттите години.

Хоџај рече дека политичките претставници на Србите, од политичката партија Српска листа, како и државните претставници на Србија, долго време ја кријат вистината и ги негираат докажаните злосторства, извршени во поранешната српска покраина.

„Од политичка и морална гледна точка, ова е двојно злосторство, затоа мислам дека треба да покренеме законска иницијатива и да преземеме конкретни чекори за казнување на ваквите изјави и ставови на поединци, со кои се негираат злосторствата на Србија и геноцидот во Косово”, рече Хоџај на седницата на Владата.

Тој додаде дека повеќето од западните земји го третираат негирањето на злосторствата и геноцидот, како злосторство и навреда за жртвите, за нивните семејства и за народот кој бил изложен на тие злосторства.

Оваа одлука беше донесена откако премиерот Рамуш Харадинај го разреши министерот за локална самоуправа, Иван Теодосијевиќ, поради тоа што Албанците ги нарече терористи и изјави оти тие ги исценирале масакрите за време на војната во Косово.

Тој, на местото на Теодосијевиќ, ја постави шефицата на Стручната служба на Северна Митровица – Адријана Хоџиќ.

Отфрлајќи ја „таканаречената хуманитарна катастрофа во Косово”, кон крајот на 1990-тите, Теодосијевиќ изјави дека озлогласениот масакр во Рачак во 1999 година е „измислен” и додаде: “Токму овие албанските терористи, кои сето ова го измислија, правеа најголеми злосторства во Косово и Метохија “.

Српските официјални претставници го поддржаа сменетиот министер и ги потврдија неговите зборови.

„Албанските политичари треба прво самите себеси да се уапсат, поради сите злосторства што ги извршија во 1990 и 2004 година и да одговорат на прашањето за тоа како 247.000 Срби беа протерани од КиМ”, изјави во понеделникот за јавниот радиодифузен сервис, РТС, директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ.

„А кога ќе се уапсат самите себеси, тогаш можат да си земат за право да му судат и на друг”, додаде тој.

Во соопштението објавено во четврток, Ѓуриќ, за Албанците го користеше терминот „шиптари“, оценувајќи ја одлуката на Косово како „цинична игра на албанските воени злосторници и терористи”.

Портпаролката на ЕУ, Маја Кочијанчиќ, изјави дека „нема место за негирање или релативизирање на настаните кои се случија во Рачак во Косово во јануари 1999 година”.

„Со почитување на жртвите, властите мора да се воздржат и да работат на чесна и вистинска проценка на минатото. Регионот има потреба од помирување, стабилност и нормализација на односите“, додаде таа.

Разрешувањето на Теодосијевиќ дојде откако Харадинај на 25-ти март смени  друг српски владин функционер.

Имено, заменичката на министерот за правда, Весна Микиќ, беше сменета поради нејзиниот коментар, објавен на Фејсбук, по повод 20-годишнината од почетокот на бомбардирањето на НАТО на Југославија на 24 март, дека Алијансата извршила „геноцид”.

Воздушната кампања на НАТО ја принуди Србија да ги повлече своите сили од Косово во 1999 година и создаде услови, Косово, во 2008 година, да прогласи независност, која Србија, како што повеќепати беше наведено, никогаш нема да ја признае.