Регион

Косово започнува процес на повторна идентификација на жртвите на воените масакри

Посмртните останки на жртвите на три масакри извршени врз Албанците во Косово во 1999 година, ќе бидат повторно анализирани

Во попладневните часови на 7 август 1999 година, по седум исцрпувачки дена чекање да започне ексхумацијата на гробиштата во Пеќ, Шахе Бериша внимателно го погледнала секое тело, ексхумирано од масовната гробница, за, меѓу нив, да го идентификува својот сопруг, Рамиз.

Повеќето тела, кои биле наредени едно над друго, биле недопрени, а Бериша сè уште се сеќава на моментот кога го препознала Рамиз.

„Имаше еден куршум во вратот и шест во стомакот. Неговата брада беше пораснала малку во гробот, а еден од неговите заби беше скршен“, вели таа, додека разговаравме со неа во нејзината градина во Љубениќ, село на 10 километри од Пеќ, во западно Косово.

„Ја препознав неговата облека. Тие четири месеци се сеќавав на сè. Се сеќавав на неговата кошула што тој ја носеше кога ми го даде нашиот седуммесечен син и замина со другите мажи“, додава таа.

Рамиз Бериша, тогаш на возраст од 28 години, бил меѓу 64-те мажи, жени и деца, заробени од српските сили во Љубениќ, за време на војната во Косово. Тој бил убиен на 1 април 1999 година, на само неколку метри од неговата куќа.

Неговото тело било меѓу првите 12 што експертите од Хашкиот трибунал ги пронашле во масовната гробница на гробиштата во Пеќ, барајќи докази кои ќе ги поткрепат нивните обвиненија против српските воени и политички водачи, за воени злосторства во Косово.

„Повеќето тела лесно можеа да се идентификуваат. Форензичарите ми рекоа дека Рамиз имал скршен заб кога паднал на земја по стрелањето. Слушнав како велат дека две лица биле закопани живи, но не разбрав за кого станува збор“, вели, Шахе Бериша.

Повеќето тела на останатите жртви на масакрот, биле пронајдени на три други локации во Љубениќ, како и на гробиштата во Пеќ и во полицискиот центар за обука во Батајница, Србија. Шест лица сѐ уште се водат како исчезнати.

Сепак, иако поминаа повеќе од 21 година од откривањето на останките на Рамиз Бериша, тие, заедно со посмртните останки на уште 11 други жртви, можеби ќе бидат повторно ексхумирани.

Комисијата за исчезнати лица на Владата на Косово, која ги истражува случаите на можна погрешна идентификација на телата на жртвите, планира да земе примероци на крв, за да се потврди претходната идентификација.

Повторно ќе се врши идентификација на останките на жртвите од три воени масакри – оној во Љубениќ и оние во селата Бистражин, каде во април 1999 година српските сили убиле 64 луѓе, и Љубиште кај Призрен, каде биле убиени 54 лица.

Сепак, најавата дека е потребна дополнителна проверка, повторно предизвика емоции на тага кај семејствата, кои веруваат дека ги погребале своите најблиски.

„Сакаме да ја знаеме целата вистина“

Спомен-плочата со имињата на жртвите, на местото на масакрот во Љубениќ. Фото: Сербезе Хаџијај/БИРН.

Куштрим Гара, шеф на секретаријатот на Комисијата за исчезнати лица на Владата на Косово, посочува дека одлуката за разгледување на случајот Љубениќ, поради можна погрешна идентификација, се заснова на анализа на информации и документи за масакрот.

„Од жртвите во Љубениќ, 12 беа погребани откако беа идентификувани со традиционалната метода“, вели Гара, алудирајќи на идентификацијата по визуелен пат или со препознавање на облеката или на други предмети што им припаѓале на жртвите, наместо со ДНК метода, која не била практикувана во тоа време.

„Исто така, останки на шест лица, пронајдени на истите локации каде беа пронајдени жртвите од Љубениќ, сѐ уште се во мртовечницата во Приштина“, додава тој, алудирајќи на жртвите чии ДНК примероци не се совпаѓаат со оние на семејствата на 12-те исчезнати лица од Љубениќ.

„Ќе ги замолиме семејствата на тие 12 лица, идентификувани со традиционална метода, да достават примероци од крв, за да се провери дали некое од нив е погрешно идентификувано“, објаснува Гара.

Шахе Бериша нагласува дека е речиси сигурна дека правилно го идентификувала својот сопруг: „Не се сомневам во тоа. Сепак, ќе дадеме примероци од крв. Ние сакаме да ја знаеме целата вистина“.

Таа нагласува дека ги видела повеќето тела ексхумирани од масовната гробница на гробиштата во Пеќ и дека „имало такви за кои не знаевме кои се“.

Огромна спомен-плоча со имиња на убиените во масакрот, е поставена пред капијата на куќата на Мирадија Рустемај во Љубениќ, на местото на кое биле извршени егзекуциите.

Како Шаха Бериша, и Рустемај поминала многу денови на гробиштата во Пеќ, чекајќи ја ексхумацијата на телото на нејзиниот сопруг, Салих, кој бил убиен во масакрот, на 40-годишна возраст.

Идентификуван е нејзиниот девер и многу други членови на нејзиното семејство, кои биле убиени во масакрот, но не и Салих, кој е една од шесте жртви кои сè уште се водат како исчезнати.

Таа признава дека многу не се надева оти примероците од крв ќе помогнат да се идентификува нејзиниот сопруг. „Сепак, ова е уште една можност и ние сакаме ова да се разјасни“, вели таа.

„Семејствата треба да дадат примероци. Ние сакаме да знаеме што се случило“, додава Рустемај.

„Собрав канта со коски“

Мухарем Алимехај со фотографии од членовите на неговото семејство, кои биле убиени во масакрот во Љубениќ. Фото: Сербезе Хаџијај/БИРН.

По завршувањето на војната во Косово (1998-1999), вкупно 4.505 лица биле пријавени за исчезнати.

Методите користени пред да се воведе ДНК анализата, носеле ризик од погрешно идентификување. Тие биле користени за идентификување на најмалку 4.000 воени жртви, сè до 2003 година, кога бил постигнат договор меѓу Меѓународната комисија за исчезнати лица и Мисијата на ООН, УНМИК, за користење на ДНК-методата.

Србија повторно им суди на наводните убијци

Масакрот во Љубениќ, наводно, го извршиле припадниците на 177-от интервенциски одред на Југословенската војска.

Во 2014 година, девет припадници на водот беа осудени за убиства на повеќе од 118 косовски Албанци, извршени во пролетта 1999 година во Љубениќ и во три други села кои се наоѓаат во близина на Пеќ – Ќушка, Павлан и Захаќ.

Но, следната година, Апелацискиот суд во Белград ја поништи пресудата и го врати предметот на повторно судење. Обвинетите изјавија оти не се виновни по обвинението, а судењето сè уште трае.

Меѓународната комисија за исчезнати лица оттогаш собрала 14.913 примероци од крв од семејствата на 4.447 исчезнати лица, од кои досега со сигурност се идентификувани 2.568.

Сепак, 1.878 примероци од крв дадени од членовите на семејствата на исчезнатите, не се совпаѓаат со ниту еден ДНК профил на посмртните останки на жртвите.

„Овој голем број на НН случаи, укажува на значителен број погрешни идентификации“, нагласува за БИРН, Метју Холидеј, шеф на Меѓународната комисија за исчезнати лица за Западен Балкан.

Холидеј додава дека властите и семејствата на исчезнатите треба да размислат за собирањето на генетски референтни примероци од членови на семејствата, чии најблиски биле идентификувани без ДНК методата.

„Ова ќе ја открие погрешната идентификација, направена пред воведувањето на постапката на ДНК“, вели тој.

Дваесет и три семејства на исчезнати лица одбиле да дадат примероци на крв, затоа што одбиват да прифатат дека членовите на нивните семејства биле убиени, откако биле заробени од српските сили.

„До 20 исчезнати лица може да се идентификуваат преку ДНК анализа, ако семејствата на сите исчезнати лица дадат примероци на крв“, објаснува, Тарја Формисто, експерт по судска медицина во Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС.

Еден од оние кои одбиле да дадат примерок е 74-годишниот Халил Хасани, од селото Цабра, крај Митровица. Иако е помината скоро 21 година, тој не губи надеж дека повторно ќе ги види своите четири исчезнати синови.

Фадил (32), Газменд (24), Арменд (20) и 15-годишниот Хасан, биле заробени на 8 јуни 1999 година, еден ден пред Србија да го потпише со НАТО договорот за повлекување од Косово.

Хасани сè уште верува дека неговите синови се живи и дека се некаде во Србија и затоа не одговорил на барањето на властите да даде примерок од крв.

„Со години имам информации дека тие се живи“, вели тој, иако не сакаше да каже кој му ги дал тие информации.

Арсим Герџалиу, директор на косовскиот Институт за судска медицина, нагласува дека треба да се земат над 20.000 примероци на крв од семејствата на жртвите, за потребите на процесот за потврдување на идентитетот на жртвите.

„Тоа е многу сложен процес и треба да имаме суптилен пристап кон семејствата на жртвите, кои можеби биле погрешно идентификувани“, објаснува Герџалиу.

Мухарем Алимехај, изгубил шест члена на своето семејство во масакрот во Љубениќ – мајка му Хате(72), брат му Осман (37), снаата Фердоне (31) која била инвалид, петгодишниот внук Леонард и двајца братучеди, 34-годишната Хатмоне и 16-годишниот Фатмир.

Во јули 1999 година, биле пронајдени останките на неговата снаа Фердоне, кои тие ги погребале. Останатите сè уште се водат како исчезнати.

„Собрав канта со коски и ги однесов во Институтот за судска медицина. Но, поминаа 21 година и ништо не се случи“, истакнува Алимехај за БИРН.

Тој е претпазлив кога станува збор за очекувањата од напорите на властите, со примероци од крв, правилно да ги идентификуваат сите жртви на масакрите.

„Ќе почекаме оваа иницијатива за собирање примероци да даде некои резултати. Ќе ги ископаме и гробовите, но нека останат отворени“, нагласува тој.