Портрет

Ковачевски: Прагматичар и партиска енигма

Димитар Ковачевски одамна е партиски член, но подобро го познаваат луѓето од корпоративниот свет

„Паметен и лукав – жеден преку вода ќе те однесе“, вака негов поранешен колега го опиша Димитар Ковачевски, новиот претседател на СДСМ и иден мандатар.

Тој вчера убедливо ги победи противкандидатите Јован Деспотовски и Фросина Ременски на директните внатрепартиски избори.

Димитар Ковачевски одамна е партиски член, но подобро го познаваат луѓето од корпоративниот свет. Низ речиси дводецениската кариера во Телеком бил на добри позиции, без разлика која партија била на власт.

Друг поранешен соработник со кого разговаравме го портретира на сличен начин.

„Не се работи за класичен технократ, тој на некој начин беше добар политичар во компанијата. Политичар, не во партиска смисла, туку знаеше кога и како да одигра.“

Симпатизер

Димитар Ковачевски е енигма за поголемиот дел од јавноста, но и за старите и искусни членови на СДСМ со кои БИРН разговараше. Сеќавањата за новоизбраниот претседател им почнуваат и им завршуваат пред околу две децении.

По изборниот пораз во 1998 година, како претставник на социјалдемократската младина, станал член на извршниот комитет на партијата. Во тоа време, соборци од подмладокот му биле истакнатите партиски имиња, како Радмила Шекеринска, Игор Ивановски-Шема и Лазе Еленовски.

„По тој пораз, во седиштето се појавуваа само пет или шест ликови, и тој беше еден од нив“, во разговор за БИРН се присети еден од партиските функционери од тоа време.

Бргу се вработил во Телеком и неговиот партиски ангажман во следните две децении се свел на симпатизерство.

Се стекнува впечаток дека дел од ветераните на СДСМ му земаат за кусур тоа што во десетте години на Никола Груевски не се изложил повеќе во опозициските редови.

„Немавме сомнеж дека е ‘наш’, гласал за нас, тоа им било јасно и на неговите колеги во Телеком, меѓутоа во партијата го немаше“, вели за БИРН долгогодишен партиски член.

Биографијата на Ковачевски, за некои наши соговорници, е причина за „зелено светло од Калето“,  за други, пак, фактот што бил универзитетски професор на „Американ колеџ“, едуцирал млади луѓе укажува дека „знае колку е важно образованието за едно општество.“

Ковачевски напредувал во Телеком на позиции поврзани со маркетингот и со комуникациите, а паралелно академски се усовршувал и ја надградил дипломата од Економскиот факултет во Скопје – магистрирал и докторирал.

Како значајно искуство му се зема Школата за бизнис при престижниот американски универзитет „Харвард“, а во 2018 година станал вонреден професор на скопскиот универзитет „Американ колеџ“.

Биографијата на Ковачевски, за некои наши соговорници, е причина за „зелено светло од Калето“,  за други, пак, фактот што бил универзитетски професор на „Американ колеџ“, едуцирал млади луѓе укажува дека „знае колку е важно образованието за едно општество.“

На Бихаќка го викале „Таче малиот“ по прекарот на татко му.

Димитар е син на поранешен градоначалник на Куманово од редовите на СДСМ, Слободан Ковачевски-Таче, кој управуваше со градот за време на воениот конфликт – подоцна беше и амбасадор во Црна Гора.

„Постариот Ковачевски беше еден од клучните луѓе што влијаеле на тоа војната да не се прелее во кумановскиот регион. Тој ги одржа контактите со албанското население во период кога тоа воопшто не беше лесно“, вели денешен висок функционер, кој беше вклучен во справувањето со конфликтот.

Од тоа време датира и соработката на Ковачевски сениор со министерот за внатрешни, Оливер Спасовски, кој е, исто така, од Куманово. Затоа многумина изборот на Димитар Ковачевски го гледаат како идеален компромис меѓу Заев и сè уште влијателниот во партијата Спасовски.

Избор за континуитет

Заев на отворањето на фабриката за фотоволтаици на Ковачевски | Фото: Влада РСМ

Заев одлучил Ковачевски да го замени уште пред фамозната собраниска седница за ново парламентарно мнозинство, тогаш низ новинарските кулоари се говореше дека името на наследникот е запечатено. Неколку дена подоцна, во медиумите се појави името на Ковачевски, а бргу потоа премиерот го промовираше како придружник во преговорите со Алтернатива.

Лани под радарот на јавноста мина веста дека четириесет и седумгодишниот кумановец по раѓање стана заменик-министер за финансии во втората влада на Заев. Конкретно за именувањето на Ковачевски известиле само економските портали што ја следеле неговата дваесетгодишна кариера во Телеком и кусиот излет во конкурентската А1 Македонија.

Заедно со неговиот пријател Горанчо Паунов, во 2018 ја отворил фабриката за фотоволтаици „Пиксел груп“, а на свеченото отворање присуствувале Зоран Заев и Кочо Анѓушев како премиер и вицепремиер.

Ковачевски официјално се повлече од сопствеништвото на оваа компанија откако стана заменик-министер за финансии, а во исто време се откажал и од втората фирма „Токио комуникации“.

Промотивните решенија и пораки што тој ги испраќаше деновиве го носат печатот на владиниот пи-ар. И тој зборува за власта како дел од прогресивните сили, а во интервјуата му се испушта по некоја заевистичка фраза од типот на „фер шанса“.

Анкетниот лист покажува дека новиот претседател на СДСМ има три стана во Скопје, „фолксваген пасат“, акции, депозити и девизни сметки во неколку македонски банки.

Според досега виденото, Ковачевски продолжува од точката каде што Заев се повлекува.

Промотивните решенија и пораки што тој ги испраќаше деновиве го носат печатот на владиниот пи-ар. И тој зборува за власта како дел од прогресивните сили, а во интервјуата му се испушта по некоја заевистичка фраза од типот на „фер шанса“.

„Сето тоа укажува на континуитет на досегашната работа на владата“, вели искусен партиски член, со кого разговаравме, оставајќи дилема дали навистина континуитетот е она што сега ѝ е потребно на власта?

За сдсмовските волци, дилема е и колку од позиција на премиер Ковачевски ќе има време и да ја обедини партијата.

„Како премиер ќе има работа најмалку до шест, седум часот навечер. Кога ќе има време да се сврти во партијата?“, велат тие и претпоставуваат дека таа улога ќе му биде доделена на поранешниот организациски секретар Миле Зечевиќ, кој отворено го поддржа Ковачевски во кандидатурата.