Портрет

Заев – четири години подоцна

Математички сметано Зоран Заев заокружи еден цел премиерски мандат

Зоран Заев, со ланските предвремени избори, помогнат од БЕСА, си обезбеди нови четири години на Илинденска бр. 2, но денеска, тој математички заокружи цел еден мандат како премиер.

Имено, на 31 мај 2017 година, пред полноќ собранието ја изгласа првата влада, во која премиер е Зоран Заев.

Тој дојде на власт по неколку исклучително бурни години исполнети со „бомби“, протести, црвени кругови и контрапротести, пендреци, монтирани судења, раѓањето и подемот на СЈО, неколку Пржина и усвитениот 27 април.

„Мириса на слобода во овој пролетен мај“, викна Заев од говорницата пред владата на 17 мај 2015.

Десетиците илјади граѓани што дојдоа на протестот, покрај слободата, можеби уште пожедно ја посакуваа правната разрешница за сè што слушнаа во објавените разговори, а некои од нив и поради она што го преживеаја или го посведочија за време на Никола Груевски.

Заев дојде на власт по неколку исклучително бурни години исполнети со „бомби“, протести, црвени кругови и контрапротести, пендреци, монтирани судења, раѓањето и подемот на СЈО, неколку Пржина и усвитениот 27 април

Атмосферата зовриваше „бомба“ по „бомба“ и по секои наредни вести на Сител или на Канал 5. Поделбата на граѓаните беше неизбежна.

Eдните го доживуваа Заев како вистински јуда и странска инсталација, додека другите, на спротивната страна од политичкиот спектар, не го прифатија со акламација.

Не дека немаше и нема такви што во него видоа и гледаат херој и жртва по 27 април, меѓутоа добар дел од граѓаните беа само со него на истата страна од битката против тогашната власт.

Општеството насушно имаше потреба од антипод на Груевски и многумина ја проголтаа зашеќерената приказна дека Зоран Заев е богат, ама чесен човек. Другар и наивчина. Дете од голема фамилија и, пред сè, верник.

Резервираноста доаѓаше од тоа што Заев имаше функционерски „багаж“ и што се најде во билтените на црната хроника.

Го апсеа и аболираа за аферата „Глобал“, читавме за серијата општински афери што се поврзуваа со бизнисот на неговата фамилија, а впрочем, сè уште ѝ должи на јавноста помалку навредливо објаснување за аферата „Поткуп“.

Тој јавно се бранеше објаснувајќи дека во случајот не постои поткуп, бидејќи „не ги зел парите“, игнорирајќи го фактот дека сите ја слушнаа намерата и барањето за дополнителни две евра по квадрат „едно за црквата, едно за Вицето“.

Губитник во покер-партијата за ЕУ

Пријателство што го чинеше премногу | ФОТО: Flickr на Влада на РСМ

Како премиер, Заев вложи речиси сè во ЕУ и во НАТО агендите. Четири години подоцна е јасно дека комарот, кога е во прашање ЕУ – не му се исплатеше.

На крилата на поддршката од европските лидери Меркел и Макрон, нереално високо го подигна влогот и ветуваше оти ЕУ и НАТО ќе бидат сатисфакција за тешката отстапка пред Грција.

„Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“, гласеше референдумското прашање.

Изјаснувањето формално не успеа и Заев се фрли на „пактови со ѓаволот“. Амнестираше учесници од 27 април, а за комплетирање на двотретинското мнозинство се потпре на озлогласениот Сашо Мијалков.

„Мијалков зборуваше со пратеници поради тоа што верува во тоа решение. Седел со нив, ги охрабрувал, лично верувал“, изјави Заев во една пригода.

Промената на името и прагмата го чинеа исклучително тесна победа во првиот круг од претседателските избори во мај 2019 година.

Во меѓувреме, Македонија никако не добиваше датум за преговори со ЕУ. Прво се испречи француското вето, а како ладен туш на крајот стигна и блокадата од Бугарија.

Како премиер, Заев вложи речиси сè во ЕУ и во НАТО агендите. Четири години подоцна е јасно дека комарот, кога е во прашање ЕУ – не му се исплатеше

Тогаш Заев го изигра неславното финале на неговата хазардерска партија за евроинтеграциите – даде интервју за бугарската новинска агенција БГНЕС.

На тој настап вложи сè, како покер-играч соочен со очајна ситуација. Го изедначи струмичкиот дијалект со бугарскиот јазик, додека бугарската окупација ја еуфемизираше во администрација. Дури се обиде да го дефакторизира претседателот Стево Пендаровски, поради неговата потврда реторика со изјавата дека Бугарија нема излезено од матрицата на живковизмот.

„Пендаровски не е политички искусен како Заев“, рече премиерот во интервјуто за БГНЕС.

Си го навлече гневот, не само на противниците, туку и на сојузниците и на сопартијците. Поранешниот претседател на СДСМ и на државата, Бранко Црвенковски, се огради од него.

Бугарија, сепак, не попушти.

На крајот од оваа евроатлантска авантура, Македонија навистина е членка на НАТО, меѓутоа ЕУ изгледа далеку како и пред 10 години.

Расположението на граѓаните, коментирајќи необјавена анкета, го опиша токму претседателот Пендаровски на последното интервју:

„Граѓаните велат: ‘Доста е веќе. Виткавме кичма, сменивме име на држава и пак сега некој ќе се погоди да нè блокира’… Јас ги разбирам. Граѓаните се на работ од нервите од сите овие блокади.“

ДУИ како камен на сопнување

Не избега од впечатокот дека е „заложник“ на самоволието на ДУИ | ФОТО: Flickr на Влада на РСМ

Во битката против Никола Груевски, Заев не го штедеше и Али Ахмети. Со објавување „бомби“ за интегративците и со остри изјави го обвинуваше и албанскиот партнер во владината коалиција за заробување на државата.

На изборите во 2016, Заев му „украде“ на Ахмети десетици илјади гласови.

„Време е ДУИ да оди во опозиција, здраво е за државата“, скандираше Заев на митинзите за време на ланските предвремени избори.

Но, резултатот од изборите покажа дека и овојпат не можеше да се состави влада без Али Ахмети.

Ако во некој сегмент Заев падна во очите на сите граѓани, и Албанци и Македонци, е тоа што е не избега од впечатокот дека е „заложник“ на самоволието на ДУИ.

„Компромисот ДУИ“ ги разгневи националистите кај Македонците зашто за првпат во историјата Албанец стана претседател на Собранието, а на крајот од новиот мандат, Албанците во Македонија треба да делегираат и премиер.

Жестоки реакции од јавноста, меѓутоа и од стручната фела имаше и за заокружување на употребата на албанскиот јазик во институциите.

Нефункционалноста на ова решение се покажа токму во случаите на СЈО, во кои судењата се одолжуваа бидејќи некој од обвинетите или нивните адвокати пресметано бараа сите записници и докази да им се преведат на албански.

Меѓутоа, ако во некој сегмент Заев падна во очите на сите граѓани, и Албанци и Македонци, е тоа што е не избега од впечатокот дека е „заложник“ на самоволието на ДУИ.

Последниот пример е можеби најилустративен –  разрешувањето на Стојко Пауновски од пазарниот инспекторат. Сопартиецот на Заев „падна“ по конфронтацијата со вицепремиерот Артан Груби зашто не примаше на работа неквалификувани работници примени по рамковен клуч.

Разорната моќ на „Рекет“

Се очекуваше да го размонтира корумпираниот систем | ФОТО: Flickr на Влада на РСМ

Заев влезе на Илинденска бр. 2 симболично, без вратоврска, за да не асоцира на дотогашниот корумпиран естаблишмент.

Меѓутоа, иако правната разрешница на аферата „Рекет“ директно не го инволвираше премиерот, оттогаш стана јасно дека владината корупција постои и надвор од партиските соопштенија на противниците.

Премиерот со видеочеститка и половина влада на самото место учествуваа во прославата на 1ТВ, телевизијата на Бојан Јовановски, иако доволно долго пред забавата, бизнисменот Зоран Азманов јавно проговори дека Боки 13 се обидел да му изнуди пари или стан.

Заев до последно, до објавувањето на снимките во весникот „Ла верита“ ја поддржуваше и второобвинетата во „Рекет“, специјалната обвинителка Катица Јанева. Се залагаше за нејзин нов мандат, и покрај тоа што посредните докази за рекет како реклами се вртеа на 1ТВ.

Разорната моќ на аферата „Рекет“ тотално ги урниса заложбите СЈО да прерасне во посебно обвинителство што професионално и бескомпромисно ќе се бори против криминалот на „белите јаки“

Случајно или не, бизнис-ѕверките што Јанева ги гонеше како обвинителка се рекламираа на телевизијата каде што маркетингот го водеше нејзиниот син.

Разорната моќ на аферата „Рекет“, не само што го делегитимираше СЈО, туку тотално ги урниса заложбите, а и силната желба на јавноста, тоа да прерасне во посебно обвинителство што професионално и бескомпромисно ќе се бори против криминалот на „белите јаки“.

Заев дојде на власт јавајќи врз возвишените идеали, како слободата и правдата, и затоа се очекуваше тој да го растресе и да го размонтира корумпираниот систем, меѓутоа сега, широко е распространето чувството дека системот, не само што преживеа, туку е надграден во корист на „своите“.

Тој сентимент се отсликува во извештајот на Транспаренси интернешнел за 2020 година, во кој Македонија бележи пад на исклучително лошото 111-то место на листата на индексот што ја мери перцепцијата за корупција.

Ова воедно претставува историски најлошо рангирање откако се мери овој показател во земјава.

Непринципиелност

„Лепче“ за своите како критериум за кабинетски ангажман| Фото: Flickr на Влада на РСМ

„Нема да дозволам неколку криминалци, еден суетен новинар и, да ме извини ЛГБТ заедницата, еден педер да ја симнат оваа влада“, му се испушти на Заев испровоциран за аферата „Рекет“.

Изјавата, не само што му ја илустрираше нервозата, туку ја разобличи неговата наводна заложба за ЛГБТ заедницата и воопшто полибералната идеологија во која се крсти. Ова не го смени ниту фактот што во негово време се одржа првата парада на гордоста во Скопје.

Тие неколку реченици ја демаскираа и самопрокламираната толерантност кон новинарите. Заев го покажа грдото лице во првиот момент кога лично беше засегнат од новинарските приказни.

Како опозиционер, спонтаноста, дури и кога е неграмотна, кај него беше освежувачка наспроти згрчениот и молчалив Груевски, меѓутоа денес тие негови особини изгледаат изнасилено и пресметано кога непринципиелно ги штити своите.

Во тие случаи, како дете што се брани од прекор, благо ја искосува главата, ги шири очите и од маргините на струмичкиот дијалект вади деминутиви:

 „Човекот може да биде од помош на владата, а преку тоа чесно да заработи лепче за своето семејство“, изјави Заев оправдувајќи го „ухлебувањето“ на контроверзниот Џезаир Шаќири (командант Хоџа) како надворешен соработник на премиерот.

Како опозиционер, спонтаноста, дури и кога е неграмотна, кај него беше освежувачка наспроти згрчениот и молчалив Груевски, меѓутоа денес тие негови особини изгледаат изнасилено и пресметано кога непринципиелно ги штити своите

Шакири „падна“ под притисокот на јавноста, меѓутоа листата на надворешни соработници преживеа. Тие се дискутабилни зашто практично ни Заев не крие дека тоа е позиција за финансиско згрижување на „заслужни“ лица отколку некаква функција од потреба.

На истата листа беа и честите муштерии на политичкиот жолт печат во Србија, Зоран Башановиќ и Александар Обрадовиќ.

Заев се грижеше и се грижи за своите блиски соработници и кога тоа им е неопходно, дури и ако со тоа во пракса го побива она што претходно го декларирал.

Застана на страната на Анѓушев кога Антикорупциската комисија го обвини вицепремиерот за судир на интереси при владината одлука за намалување на давачката за литиумски батерии.

Со невидена леснотија, пак, денес се става во одбрана и на својот поранешен генерален секретар Драги Рашковски, кој според сомнежите на обвинителството купувал свои патенти во име на владата.

„Имам право на свое мислење“, упорен е тој со својата аргументација, која е на ниво на фејсбук-дебата.

Иронијата си поигра со него. Ако снимките му помогнаа да ги симне Груевски и Мијалков од власт, некои други „бомби“ го подоткрија неговото вистинско лице.

Кога не знае дека го снимаат, од него излегува архетипот на македонскиот транзициски политичар, чија основна вештина се интригите.

„Сѐ ќе соберам на купче, и шуто и рогато. После мамето ќе им го е… на сите што ќе влезат кај мене во коалиција“, вели во тајно сниман разговор.

Фејсбук-политика

Политика во дослух со фејсбук-расположението | Фото: Flickr на Влада на РСМ

Поврзувајќи ги во низа политичките потези на Зоран Заев, не може да се скицира контура на некаква поголема слика, која би одразувала промислена и доследна визија за ова општество.

Инцидентните политики, како онаа на Мила Царовска во образованието, што и да мислиме за таа реформа, изгледаат како индивидуални исчекори на поединци и не им се гледа уделот во некој поголем мозаик.

Мозаикот всушност го нема.

Во случај Фејсбук и Твитер наутро да се „запалат“ поради некоја ситуација, до вечер паѓа одлука што би ги задоволило корисниците на социјалните мрежи.

По реакцијата на социјалните мрежи, министерот Венко Филипче се премисли и околу идејата државниот Фонд за здравство да ги покрива операциите за промена на пол.

Во изминативе години, социјалните мрежи, меѓу другото, „го сменија“ Дарко Лешоски од функцијата претседател на управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, „го разрешија“ Александар Донев од директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот,  издејствуваа да се забрани увоз на РДФ отпад или, пак, да се демонтира панорамскиот лифт на Градскиот трговски центар.

Поврзувајќи ги во низа политичките потези на Зоран Заев, не може да се скицира контура на некаква поголема слика, која би одразувала промислена и доследна визија за ова општество

Водењето на политиката во дослух со фејсбук-расположението Заев и владата сакаат да го претстават како респонзивност, дека, ете, го слушаат гласот на граѓаните, меѓутоа таа пракса повеќе го засилува впечатокот за недоследност и недоволно добро промислени одлуки.

Тоа најдобро го илустрира идејата да се укинат патарините за Србите што ќе минуваат низ Македонија летово, како симболичен гест на благодарност за вакцините што ги донираше официјален Белград.

Владата брзо-брзо ја „собра“ идејата од Твитер, за подоцна да излезе дека гестот на добра волја ќе ја чини државата 2,8 милиони евра во година, во која сѐ уште владее пандемијата, дека ќе важи само за оние на пат кон Грција и слично.

Непромисленоста се отсликува и во фактот дека власта се повлече и од толку ветуваниот скалест данок, една изборна единица, а на добар пат е да ја укине и забраната на државни реклами во приватните медиуми, ветување со кое Заев дојде на власта и мерка што самата влада ја воведе.

Четири години и куп контроверзни потези подоцна, портретот на премиерот Зоран Заев сѐ помалку има шанси да биде слика на политичар кој менува, а сѐ повеќе  на уште еден од многуте што стана жртва на преголемите очекувања што сам ги поттикна.