Анализи

Бизнис-другарот на заробената држава

Деветте животи на Орце Камчев

  • 24
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Орце Камчев е еден од симболите на заробената држава на Никола Груевски и Сашо Мијалков. Поранешното присно пријателство со вториов, бизнис-покровителствата врз обајцата и мрачната медиумска епизода со весниците на Медиа принт Македонија (МПМ) придонесоа Камчев денес да биде еден од трофеите-капиталци на актуелната власт, која како да ja влече последната карта од ракавот предизборно спакувана во проектот Правда за сите.

Можеби Груевски е на безбедно во Будимпешта, ама Мијалков е осуден за прислушувањето и се наоѓа во притвор, судијката од „бомбите“ Софија Лаличиќ е разрешена, а големо камче од овој мозаик е ликот што ја носи титулата на најбогат човек во Македонија.

Ако младоста во политиката му ја отпишеме на лудост, членството во раководството на младите социјалдемократи и обидот да стане пратеник во 1990-тите, Орце Камчев, успешно орбитираше околу политиката, на безбедна дистанца од неа, но никогаш предалеку, држејќи до себе моќни фигури на различни позиции и со различни улоги во општеството и надвор од државава.

Во 2003, во Скопје, за време на фудбалскиот натпревар Македонија – Англија лично тој го придружувал британскиот конзервативец Дејвид Камерон, кој подоцна стана и премиер на Британија.

Деценија на подем

На ракометен натпревар во 2012 | Фото: Роберт Атанасовски

Судбината или некој друг сакаше по вторпат во две и пол години, тој и Сашо Мијалков да одат во притвор еден по друг, осомничени за дела направени токму во периодот на заробената држава. Овојпат обвинителството го товари дека му помогнал на Груевски да испере партиски пари преку купување на атрактивниот плац на Водно.

Меѓутоа, 2018 не му беше прв пат на Орце Камчев да има проблеми со законот.

Линијата отаде правдата ја мина и во 2005 година, кога беше осомничен за дел од таканаречената даночна пирамида, за влакно избегнувајќи притвор со тримесечната принудна „екскурзија“ во Бугарија и подоцна со кауција од 60.000 евра.

„Целата хајка против компанијата (н.з. „Орка“) ја водеше Никола Поповски“, во интервју за неделникот „Глобус“, Камчев го посочи тогашниот министер за финансии во владата на СДСМ.

Пријателството со Сашо Мијалков, кое датира уште од младоста поради блискоста на нивните родители, и прогонот од „своите“, го преместија Орце Камчев поблиску до десната страна од политичкиот спектар по победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2006.

Следеше деценија во која секој бизнис-потег или купена парцела на Камчев или на луѓе што и најмалку се поврзуваа со него се припишуваше на сомнителен потфат зад кој стои тогашниот озлогласен шеф на тајната полиција. Во центарот на тие сомнежи беа најпознатата офшор-фирма „Ексико“, за која СЈО подоцна тврдеше дека е основана од семејството Камчеви, и фирмите од даночните оази, како онаа што стоеше зад аквизицијата на плацот на Водно со адреса во Белизе Сити.

Следеше деценија во која секој бизнис-потег или купена парцела на Камчев или на луѓе што и најмалку се поврзуваа со него се припишуваше на сомнителен потфат зад кој стои тогашниот озлогласен шеф на тајната полиција

Впрочем, од таа Белизе-Ексико спрега се роди и хотелот „Мериот“ на скопскиот плоштад, кој е симбол на брзостекнатото богатство на Сашо Мијалков.

На приватната болницата „Систина“, во своето бизнис-портфолио Камчев додаваше банка, земјоделскиот комбинат, млекарница и неколку хотели.

Од тоа време датираат булеварските приказни за раскошните џетсет-забави, на кои присуствувале двајцата другари Камчев и Мијалков, а тоа пријателство во неколку наврати и е документирано.

На интернет може да се најде заедничка фотографија од двајцата на прославата на 15-от роденден на „Систина“ и видео од ромскиот бал на Амди Бајрам, каде што во свитата со Мијаков, претставен како најголемиот пријател на Ромите, веднаш зад него е Камчев.

Низ скопските кафулиња се раскажуваа урбани легенди во кои џандарот-другар не давал ни влакно да недостасува од главата на бизнисменот.

Во историјата на македонското новинарство ќе остане запаметена и неславната улога на Камчев во затворањето на весниците на МПМ, откако тој стана дел од структурата што ги презеде медиумите од германскиот ВАЦ и ги претвори во перјаници на вмровската пропаганда, објавувајќи насловни, кои, на пример, на разбудениот Студентски пленум му порачуваа дека дури и во една Европа студентските протести се задушуваат со ќотек.

„Од наредниот месец јас таму преземам“, во една од „бомбите“ ќе ѝ рече Мијалков, во тоа време другар на Камчев, на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која му се жали на известувањето на „Утрински весник“.

Кусата калимера со СДСМ

Камчев пред судот како сведок во случајот Рекет | Фото: Роберт Атанасовски

Меѓутоа, зимата 2015 пукна првата „бомба“.

Годината што следеше, тогашниот лидер на опозицијата, а денешен премиер Зоран Заев објави вкупно 38 сета на материјали од нелегално прислушувани разговори, во кои имаше сè и сешто. Ги изнаслушавме разговорите на Мијалков со уредникот на Сител, Драган Павловиќ – Латас и комуникацијата со газдата на Канал 5, Емил Стојменов, меѓутоа не чувме ниту чамче-муабет со Камчев.

Со право некој би можел да каже дека бизнисменот беше поштеден во „бомбите“, иако години наназад, партиските соопштенија на СДСМ беа полни со обвинувања дека Камчев е небаре посвоен од фамилијата на власта.

А и не е дека немаше снимени материјали со неговиот глас, во тоа подоцна се убедивме кога снимки се појавуваа на Јутјуб како печурки по дожд.

Во меѓувреме пукна пријателството меѓу Камчев и Мијалков, како што вели самиот тој во снимениот разговор со Бојан Јовановски објавен по повод аферата Рекет, „расчистив јас со Сашо“.

Во предвечерието на референдумот за промена на уставното име, Орце Камчев, во едно од ретките интервјуа ќе воскликне дека Зоран Заев е најхрабриот премиер што Македонија кога и да го имала и оти тој, нормално, ќе гласа на референдумот

Ако се земе сето ова предвид, не беше големо изненадување кога во 2018, во предвечерието на референдумот за промена на уставното име, Орце Камчев, во едно од ретките интервјуа ќе воскликне дека Зоран Заев е најхрабриот премиер што Македонија кога и да го имала и оти тој, нормално, ќе гласа на референдумот.

„Бојко Борисов и Зоран Заев имаа храброста да го решат брзо вештачкото неразбирање што го имавме од повеќе од деценија и го потпишаа минатата година договорот за пријателство. Тоа беше клучно и ни даде шанса да направиме компромис и со Грција“.

„Затоа мора да имаме успешен референдум , ако не се решиме денеска, утре нема да нѐ биде, и тоа треба да им стане јасно на сите“, вели Камчев во интервјуто за „Фактор“ од септември 2018.

Јавноста како знаци на кооперативност ги препозна потезите на Камчев за време на пандемијата, кога прво го понуди хотелот „Ибис“ во центарот на Скопје да служи како карантин за патниците сомнителни на ковид, а подоцна го понуди и помалиот хотел „Ибис стајс“, како евентуален ковид-центар за време на ноемврискиот бран од корона вирусот. 

Меѓутоа, калимерата со нова власт траеше кратко и тој бргу заврши на софра со некои од оние што ниту име, ниту, пак Солун ги даваат.

Сѐ тргна наопаку откако СЈО излезе со истрагата за случајот „Империја“, а судирот со власта кулминираше со аферата „Рекет“, која за многумина требаше во називот да го содржи зборот „поткуп“.

Иако при сведочењата, Орце Камчев беше нежен кон премиерот Зоран Заев и неговата партиска заменичка Радмила Шекеринска, апропо секојдневните обвинувања на опозицијата дека тие двајца се главата на рекетарскиот октопод, многу веројатно е дека власта никогаш не му ги прости снимките што осамнаа во италијанскиот весник „Ла верита“.

Зоран Заев на предизборните митинзи го обвинуваше бизнисменот дека е дел од триото „Мицкоски-Груевски-Камчев“

Затоа Заев, на предизборните митинзи го обвинуваше бизнисменот дека е дел од триото „Мицкоски-Груевски-Камчев“.

„15 јули е крај на тајните договарања и опструкции на правдата. Законот ќе важи еднакво за сите, секој кој се огрешил ќе одговора, секој кој е невин, ќе биде ослободен. Тоа е владеење на право, тоа е европска вредност и тоа е нашата иднина“, порача Заев од митингот во Тетово во јуни минатата година.

Тука некаде се вклопуваат и партиските обвинувања на СДСМ дека тој  нелегално ја финансирал кампањата на ВМРО-ДПМНЕ.

Орце Камчев е исклучително богат и влијателен човек со многу пријатели. Нему не му е првпат да има проблеми со државата, претходните пречки, онаа пред 15-тина години и онаа од 2018, ги преживеа.

Оттаму, освен поделеност во реакциите, видлива е и доза на резервираност во јавноста, која како да очекува дека тој и овојпат ќе искористи еден од своите „девет животи“ и повторно ќе се врати во својата канцеларија на улицата Скупи, веднаш до кејот на Вардар, онака, како ништо да не било.