Вести

Згасна Дневник, првиот приватен весник во Македонија

Денешниот, последен број на „Дневник“

Згаснува Дневник, првиот приватен дневен весник во историјата на Македонија. После големи турбуленции на кои претходеше и затворањето на весниците „Утрински весник“ и „Вест“, раководството донело одлука да се ликвидира фирмата Медиа Принт ДООЕЛ. Оваа фирма презеде дел од вработените од трите весници по стечајот сопственикот на Медиа Принт Македонија (МПМ), „Графички центар“,  и продолжи да го издава „Дневник“.

На денешниот состанок, сопственикот на Медиа Принт ДООЕЛ, Александар Динев, им соопштил на вработените дека од утре „Дневник“ нема да излегува во печат. На вработените им бил даден одмор од 20 дена, а потоа тие остануваат без работа.

Нема да постојат ниту електронските изданија на трите весници, а ќе згаснат и „Македонски спорт“ и „Теа модерна“, поранешни изданија на МПМ.

Динев не одговараше на нашите повици за да образложи на што се должи ваквата одлука. Тој пред само два месеци ја отвори новата фирма – близначка на МПМ, која се наоѓаше на домашната адреса на Динев. Беше распишан оглас за стотина вработувања на новинари, уредници и главни уредници, но десетици останаа без натамошен ангажман. По само два месеци, фирмата оди во ликвидација, а вработените остануваат без работа.

Лошата финансиска ситуација во медиумите на МПМ трае со години, а во февруари годинава „Орка Холдинг“ на бизнисменот Орце Камчев излезе од сопствеништвото на фирмите кои се поврзуваат со весниците „Дневник“, „Утрински весник“, „Вест“, „Македонски спорт“, „Теа Модерна“ и порталот „Телеграф“. Новинарите пред неколку месеци излегоа на штрајк поради неисплатени плати, а сите измени во сопствеништвото и финансиските проблеми со кои се соочуваше фирмата, беа крајно нетранспарентни.

Кон крајот на април престанаа да се печатат„Утрински весник“ и „Вест“, а од утре згаснува и „Дневник“. Брендот останува во рацете на поранешниот издавач, Медиа Принт Македонија, кој е во сопственост на Срѓан Керим.

Против поранешните сопственици Керим и Јана Станисављева, Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство за злоупотреба на службената положба и овластување со образложение дека го намалувале имотот на правното лице со незаконски дејства, а со цел да згаснат дневните и неделни списанија.