Вести

„Утрински весник“ и „Вест“ излегоа за последен пат

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„До наредно гледање“ и „Чао“ стои на насловните страници на двата весници, Утрински и Вест, кои за последен пат денеска излегоа во печатено издание. Причина за затворањето на медиумите е лошата финансиска состојба на компанијата, фирмата „Графички центар“, која е сопственик на Медиа Принт Македонија (МПМ), издавач на Дневник, Утрински весник, Вест, Македонски спорт, Теа модерна и порталот Телеграф.

Дневник и понатаму ќе излегува во печатено издание, Теа Модерна ќе излегува во рамките на Дневник, а од МПМ ќе истапи Македонски спорт. Во електронските изданија на Утрински и Вест, пак, ќе останат да работат неколкумина новинари.

„Во најдраматичните денови во македонската историја, кога новинарите теба да ја одиграат клучната улога во информирањето на граѓаните за случувањата во и надвор од Собранието, Утрински престанува да излегува како весник, но ќе продолжи како интернет – портал“, пишува уредничката Соња Маџовска, осврнувајќи се на општествената вредност на весникот во последниве две децении.

На средината на денешното издание објавени се фотографии од првото излегување на Утрински во 1999 година па сè до денеска.  

Уредничкиот колегиум на „Вест“ пак, излезе со пократка порака и објаснување дека „Вест ќе продолжи да излегува во електронско издание, за да биде во чекор со новото време“.

Првиот број на Утрински излезе на 23 јуни 1999 година, а една година подоцна, на 5 јули 2000 година се испечати и првото издание на Вест.

Во текот на овој период, весниците се соочија со турбулентни периоди, менување на главни уредници и бркање новинари од работа. Новинарите заедно со уредникот на Вест, Горан Михајловски, кои беа столбовите на „Вест“ престанаа да работат во весникот кон крајот на 2015 година. На Михајловски, кој беше уредник на весникот 15 години, не му беше продолжен договорот за работа, па него го наследи Горан Петрески, дотогашниот уредник во МРТВ.

Стариот тим на „Вест“ оформи интернет портал, Сакам да кажам, именуван според колумната што секоја сабота Михајловски ја објавуваше во весникот.  

Ќе се испитува дали „Графички центар“ намерно е втурнат во стечај

Во Основниот суд Скопје 2 за 10 мај е закажано рочиште на кое ќе се одлучува дали фирмата „Графички центар“ ќе оди во стечај. Имотот на фирмата е замрзнат и преминат во рацете на привремен стечаен управник.

За привремен стечаен управник именуван е Симон Михајловски.

Пред да почне претстечајната постапка, во февруари годинава, отворена беше нова фирма, со слично име, Медиа Принт ДООЕЛ, која објави неколку огласи за вработувања на новинари и уредници. Новата фирма близначка е во сопственост на Александар Динев, дел од актуелниот менаџмент на МПМ. Дел од новинарите веќе аплицирале на новите позиции, но дел воопшто не се пријавиле на огласот за над 100 позиции. Ова значи дека околу 50 отсто од вработените би останале без работа.

Во последниве десет години, затворени беа А1 телевизија, весниците Време, Шпиц, неделниците Глобус и Граѓански како и дневниот весник „Фокус“ 

Од Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) велат дека е покрената постапка за да се види дали се правени штетни договори за да ја доведат компанијата во стечај, поради постоење индиции дека такво нешто навистина се случувало.

„ССНМ преку адвокатска канцеларија покрена постапка за утврдување злоупотреба на службена должност и овластувања со склучување на штетни договори и други незаконити дејства кои влијаеле на солвентност на фирмата која е доводена до оваа ситуација. Сакаме токму преку случајот со МПМ да покажеме дека медиумите безоглед дали се приватни или јавни се компании кои имаат исклучително важна оптествена улога и токму затоа се и општествено одговорни да не дозволат да станат алатки за спроведување тесни интереси на бизнис и партиските центри на моќ“, велат од ССНМ.

Сопственици на „Графички центар“, се „Телеграф“ (со удел од 3,4 милиони евра) и „Мирекс“ во сопственост на бизнисменот Срѓан Керим (со удел од 1,7 милиони евра). Непосредно пред да почнат турбуленциите во весниците чиј издавач беше МПМ, од сопствеништвото на „Графички центар“ излегоа компаниите „Орка Холдинг“ управувана од Орце Камчев и „Интернет Гроуп Инвестмент “ чиј сопственик е Јана Станисаљева.