Ракопис

„Kовачка“

Раскази: Улиците што ги нема

 

 

nebeska-skopjanovna1

 

Барањето за промена на личното име беше уредно пополнето, со читлив, испишан ракопис. 300-те денари административна такса беа уплатени, уплатницата исто така беше на масата, заедно со преписот од Матичната книга на родените, уверението од надлежниот суд дека против подносителот на барањето за промена на името не се води постапка за кривично дело. Другите документи што беа наведени на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, во нејзиниот случај не беа потребни, зашто Деса не беше ниту малолетна, ниту мажена.  Сѐ што требаше уште да стори беше да ги поднесе документите на шалтерот во задниот дел на зградата на Македонската радио-телевизија, да почека 15 дена и да се вика како што треба да се вика. Да се ослободи од своето грешно име. Да си ги врзе стравовите и љубовите, да не ѝ трчаат споулавено низ возраста како виновници без вина, како должници без долг… Пред да ги собере документите од масата и да ги нареди во црвената картонска папка, ја слушна влезната врата. 

– Многу брзо се врати, тато! – довикна.

carsija5a

– Зошто толку често ги менуваат имињата на улиците – мрмореше Владо прелистувајќи го весникот. Одвреме навреме ќе се задржеше подолго на некоја страница, ќе сркнеше голтка-две од кафето и пак ќе продолжеше да зборува што-годе, бегло забришувајќи ја тишината напаѓана насекаде во собата.  Деса стоеше покрај прозорецот и го гледаше животот надвор низ рамномерните дупчиња на рачно плетената завеса.  Внатре, во нивното трошно куќаре на улицата  „Ковачка“ во Старата чаршија, живееше само ненадејната смрт на мајка ѝ од минатиот месец.  

– Еве, „7 Јули“ станала „Македонски кралеви“, а ние сѐ уште не се ни одвикнавме да си ја викаме „Ковачка“.  А „Пушкарска“, пак, онолкава улица, побрзо ќе ѝ го сменат името отколку што ќе ја впишат на мапата… Затоа постојано ни се губи поштата… Сметките, заправо…

– Која улица е „7 Јули“?

– Па, нашата, сине.

 – Прв пат слушам! И… ќерка сум ти, тато, не викај ме сине.

Владо го затвори весникот длабоко воздивнувајќи. Почувствува дека дошол денот за големиот разговор и нешто силно го загрцна, се накашла и со напукнат глас, тивко и испрекинато, почна за зборува…

– Ѝ дадов беса на мајка ти Верка дека никогаш нема да ти кажам…. И сѐ досега не ти кажав… Но, сега неа ја нема и… треба да знаеш… 

– Беса?  

–  Да, беса… Бев на твоето раѓање во Гинекологија „Чаир“, ја држев Верка за рака со часови,.. прв те зедов в раце,.. уште пред неа… мое дете си ми, ама… моја крв не си… Не сум ти татко, Деса…  Ја заљубив мајка ти бремена… Сѐ нејзино стана мое. И нејзиното минато… Заедно ја заборававме љубовта со Ариф… Миг по миг, ден по ден,.. живот по живот… Заминал во Швајцарија, ве оставил… 

Деса го скамени погледот, како очите и воздухот да ѝ се заплеткаа во едно од дупчињата на завесата. Не трепкаше, не дишеше… „Ариф, Ариф, Ариф…“  ечеше во неа толку гласно што махинално ги крена рацете и ги затна ушите. Чудна, срамежлива, речиси невидлива насмевка ѝ се исцрта на лицето, за среќа, Владо не го виде тоа… Тој беше заплеткан во сопствениот говор како во густа, рибарска мрежа.

– Те крстивме Деса, ти го дадов моето презиме, те впишав во  Матичната книга на родените како моја ќерка…

– Значи, затоа јас знам албански, тато – долета гласот на Деса како збунето врапче.

– Знаеш албански, затоа што израсна овде, во чаршијава, а не затоа што татко ти… Ти си моја ќерка црно на бело!  И син! И сѐ! – речиси викаше Владо, а очите на Деса првнаа низ собата како невешти крилца. Напаѓа нова, уште подебела тишина околу нив. Деса без збор излезе надвор, натоварена со туѓа, тешка вистина. Со забрзан чекор ја изоде „Ковачка“, па преку „Кујунџиска“ и направо низ Сули-ан се спушти удолу на „Битпазарска“… Мораше да го види Лирим Алиу… Да му каже дека, еве, сега смеат јавно да се сакаат… Половина, ама смеат… Да му каже гласно  ТË DUA, тој да ги земе зборовите в раце како леб и да им ги тресне на своите домашни на маса! Па нека пресечат како сакаат!

carsija13a

Наредната зима, цела година по смртта на Верка, додека Владо влегуваше дома премрзнат, до него долета гласот на ќерка му:

– Многу брзо се врати, тато!

– Брзо, ами како! Кочан е надвор! – бувна во собата со весникот под мишка, триејќи ги вцрвенетите дланки. Веднаш сакаше да се напие кафе и да го распостели весникот на масата, ама немаше место.

– Што се овие документи?

 Набрзина собирајќи ја масата и ставајќи ги документите во црвената, картонска папка, Деса нежно го погледна и уште понежно му рече:

– Ќе си го сменам името… Постапката била едноставна, еве, ги пополнив документите, уплатив некаква административна такса од 300 денари, извадив некоја потврда  за неосудуваност и сега само уште да ги однесам на шалтерот во задниот дел на зградата на Македонската радио-телевизија и за 15 дена ќе бидам… Беса!

– Беса?

– Да, Беса! Беса Трпкова! Засега презимето не го менувам. Чекор по чекор!  – се насмеа девојката и го гушна татка си.

Масата беше празна, тишината околу нив – преполна. Деса  му го подаде кафето што веќе го имаше сварено по негова мерка, јако и без шеќер, Владо седна на своето омилено место и почна да го прелистува весникот. Се задржа подолго на страницата со временска прогноза, сркна голтка -две од кафето и промрмори:

– А улицата?

– Што улицата? – Деса се тргна од прозорецот и ја поднамести рачно плетената завеса. 

– Ќе го смениш ли и името на улицата во документите? Направи го и него како што треба да биде, да не ни се губи поштата… Сметките, заправо…

– Ќе ја сменам и „Ковачка“ директно во „Македонски кралеви“, прескокнувајќи ја „7 Јули“ – се насмеа Деса. – Сѐ ќе сменам, освен тебе, тато!

– Аааа…

 – Што а?

– Аааа, кога ќе се омажиш, ќе го смениш ли моето презиме? – речиси се загрцна Владо.

– Нема! Само ќе го додадам презимето на Лирим и тогаш ќе бидам Беса Трпкова-Алиу. Задоволен си?

– Сум! Оди сега, направи што треба да се направи! И облечи се убаво, сине, кочан е надвор!

carsija1a

Фотоилустрација: З.Р.